Имаме ли платформа?

„Дали си ја видел платформата на Владата каде што биле изложени македонските позиции пред разговорите што доведоа до ’францускиот предлог’?“ Ова прашање го добив пред неколку месеци од еден угледен господин, долгогодишен клучен професионалец во службите на Социјалистичка Република Македонија и, за жал премногу кратко, во служба на Република Македонија. Ова прашање особено ме заинтригира. Истражувајќи за еден посериозен труд, за кој сум се зафатил периодов, имав можност да навлезам во архивите на некогашната Социјалистичка Република Македонија и Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Некаде по Уставот на СФРЈ од 1974 година, тогашниот југословенски политички систем во голема мера е конфедерализиран, па републиките (а и покраините) се стекнуваат со сериозни атрибути на државност.
Притоа, иако надворешната политика била секогаш ексклузивна привилегија на федерацијата, сепак, уште од самиот свој зародок во Јајце, на 29 ноември 1943 година, СФР Југославија внимавала на разнородните интереси на своите составни народи (а и народности). Во југословенската дипломатија секогаш се водела сметка и за политиката кон самоникнатите југословенски малцинства во соседството, што се сведувало на борба за правата на јулијските, корушките и прекуморските Словенци, градишќанските, молишките и крашованските Хрвати, многубројните и распрскани српски и хрватски заедници во Унгарија, банатските Срби, пиринските и егејските Македонци, како и српската, црногорската и македонската заедница во Албанија. Покрај тоа, имајќи ја предвид сложената структура на југословенската заедница, при секоја службена посета на сојузни функционери во соседството, републиките давале свој влог и ги изложувале своите интереси во заедничката југословенска платформа за целите на посетата и за можните точки за преговори и склучување меѓудржавни договори. Имав можност да добијам увид во дел од македонските платформи, изработувани од тогашните републички органи, пред сојузните посети во Бугарија, Грција или Албанија. Станува збор за сериозни документи, со јасно изложени интереси на Македонија, од секој аспект, особено кога станува збор за македонските малцинства, но и за вечните провокации и оспорувања на македонскиот идентитет од шовинистички кругови во соседството.

Од овие причини, сè уште ме измачува прашањето на мојот соговорник. Размислувајќи, јас и го проширив, па се прашав дали имавме ние платформа и за разговорите и преговорите со Грција што доведоа до Преспанскиот договор.
Јас не сум еден од вечните критизери и морам да си признаам дека како што ми одминуваат годините, ми се тенчи толеранцијата за „црните врани и гаврани“ на кои ништо не им чини и никого не го бива. Најчесто тие што уживаат во таквите муабети се денгуби, импровизатори и неработници, тешки интелектуални мрзи, кои својата беда полесно ја поднесуваат плукајќи ги и омаловажувајќи ги својата средина и сограѓани. Да не пишувам, пак, колку ми се здодевни муабетите за некакви чудни и несекојдневни случки по шалтерите и низ институциите, кои ни мене, а ни на кој било мој близок никогаш не му се случуваат. Оттука, морам да истакнам дека македонската дипломатија, со сите свои многубројни мани, слабости и недостатоци, сепак има доволно капацитет да ја опслужува македонската држава и да им дава анализи, совети и концепти што им помагаат на демократски избраните политичари во носењето на нивните одлуки. Јасни се македонските национални и државни интереси, па не е посебен напор за кој било дипломат да учествува во изработката на платформа за посета, разговори или преговори на македонски должносници со соседите.
Каде е тогаш македонската платформа за преговорите водени околу Преспанскиот договор? Каде е и македонската платформа за преговорите водени околу договорот Ковачевски – Петков?

Собранието јасно ги исцрта контурите на овие платформи, им даде начелна форма и содржина, а и со масна боја ги обележи црвените линии што никако не смее да се поминат при преговорите со Грција и со Бугарија. Првиот документ се вика Резолуција за решавање на спорот за името и е усвоен на 3 ноември 2009 година, безмалку едногласно, од Собранието, со претходен договор и усогласување помеѓу сите пратенички групи. Вториот документ се изгласа на 27 јули 2019 година и се вика Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, а и овој документ е, исто така, изгласан безмалку едногласно и со усогласување помеѓу сите пратенички групи.
Двата документа ја повикуваат Владата натаму да ги разработи самата платформа и стратегија за преговори. Судејќи според постигнатите резултати, целите не се постигнати. Со Преспанскиот договор најсилеџиски се прегазени сите точки, запирки и други интерпункциски знаци на Резолуцијата од 2009 година, а да не зборувам, пак, за самото слово или за духот на јасно искажаната консензуална волја на македонските пратеници. Ништо не беше одбрането и не се сопре пред ниту една црвена линија. Уште полоша судбина доживеа и доживува втората резолуција, каде што се обврзува и на „почитување на достоинството на македонскиот народ“. Каква иронија?!
Самиот факт дека Владата не пристапила кон изработка на платформа за преговорите, ни по прашањето за името, а ни за проблемите со Бугарија, јасно зборува дека тие не го воделе процесот и дека играле по туѓи ноти. За наша несреќа, и Грција и Бугарија, а и сите „олеснувачи“ имале свои јасни платформи (кои може да имаат и друго име, на пример директива на советот за национална безбедност, како што е тоа случај со САД). Не се сомневам дека „олеснувачите“ си ги постигнале своите цели, кои главно се поврзани со нивната концепција за мирот, поредокот и односите на Балканот. Убеден сум и дека до ден-денес Грција и Бугарија се чудат како можела македонската страна да попушти и да се откаже од толку есенцијални прашања што ја поткопуваат македонската државност и го ништат македонскиот идентитет. Но, тоа се добива кога имате влада со спорен демократски легитимитет и која дошла на власт како резултат на акции што го рушат демократскиот процес.

За жал, морам да му признаам на мојот повозрасен колега. Чувството за државност и за одбрана на националните интереси на генерацијата македонски политичари од реалсоцијализмот било далеку повисоко, поистенчено и појасно, отколку кај актуелната генерација македонски демократски и „демократски“ политичари. Резултатите од катастрофата наречена Преспански договор и од фијаското наречено предлог Ковачевски – Петков јасно укажува дека нема никакви платформи за преговорите, немало никакви идеја за што се преговара и што се брани, ниту, пак, претстава каде ќе биде Македонија како последица на нивните постапки или што ќе се случи внатре со самата заедница како резултат на договорените спогодби.
Оттука, нужни се избори. Потребно е конечно да се обнови демократскиот мандат на македонските институции, па да се пристапи кон темелно преобмислување на македонската надворешна политика, усвојување нови резолуции и нови платформи низ демократска постапка и борба за враќање на разнишаните позиции на македонската држава. Се разбира, во меѓувреме Собранието мора да формира и анкетни комисии што ќе ги испитаат сите детали околу Преспанскиот договор и предлогот Ковачевски – Петков, како и за она безглаво јурење да се потпише Договорот за добрососедство. Ова е потребно не само за утврдување на историските факти туку и за јасно посочување на политичката и моралната одговорност, со цел да се извлечат лекции и никогаш веќе да не се повторат овие национални катастрофи.

Ивица Боцевски