Модерен свет и стил по мера на времето и предизвиците

Летово за време на мојот одмор во Шпанија, на Балеарските Острови, имав можност да ги видам и доживеам младиот свет и неговиот стил и начин на живот. Споредено со нашата младина, нема баш некоја голема разлика, но сепак во нешто се разликува од шпанскиот свет. Тука не е во прашање само забава, уживање итн., ами се работи и за висок степен на култура и развиена цивилизација. Го насловив како модерен свет и стил, затоа што, ете, колку и да се трудиме некои работи да се променат (сѐ уште мислам дека промени може да има), сепак сфаќаме дека се работи за поинаков стил на живеење, размислување и функционирање, наметнат од новото технолошко развиено време, предизвиците што се дел од самиот живот и секако од личната свест и совест за промена. Навики и однесувања што ќе продолжат да се надградуваат во иднина затоа што тие веќе стануваат тренд. И тука нема што да забележуваме, тоа е веќе нормално.

Три клучни појави типични за Шпанија

Можам да споделам само позитивни впечатоци за шпанскиот народ, затоа што важат за убави и разбрани луѓе. Меѓутоа сепак има некои моменти што ги забележав. Враќајќи се од плажа, среде ден, некаде напладне, во околните барови подзастанав и се насмеав гледајќи го младиот свет како максимално се забавува, со тоа што млади девојки качени на шанк танцуваат, играат, се веселат на гласната музика, која правеше атмосферата да биде весела, а преостанатите со кренати раце, радосен глас, пијачки во раце го загреваа адреналинот. Сите среќни, задоволни, распеани ги доловуваа музичката магија и ритамот, кој беше во нивен стил. Не се зачудив туку, напротив, сфатив дека тоа е секојдневие и тука нема нешто невообичаено. Млад свет се забавува, ужива, живее. Забележав дека тоа може да трае неколку часа, можеби цел ден, а можеби до раните утрински часови. Ноќните забави се посебна приказна затоа што значат живот за секое островско подрачје, особено тоа важи за островот Ибица. Нормално, не беа само околните жители, во Палма де Мајорка беше преполно од туристи, особено млади парови дојдени од светот. Заклучив дека едноставно се приспособуваш на младиот свет, донекаде оправдувајќи го затоа што сепак е летна сезона на одмори и на забави. Буквално секоја минута се користи за да се биде опуштен и исполнет. И нашата македонска младина во овој поглед донекаде е слична на шпанската, со таа разлика што Шпанците се особено внимателни во нивната култура и одговорен пристап ако нешто ги запрашаш или ти треба помош, значи во таа смисла се високо и квалитетно цивилизирани. Ги има и кај нас, ама поретки се.
Друго нешто што забележав и што ме изненади за време на плажа на островот Ибица е како дел од женскиот свет без градници слободно и опуштено се сончаше на плажа и се капеше во морето пред толку многу свет.

Веројатно станува нормална појава, но ете постои. Значи, дел од женската популација, кои сами, кои со пар, без никаков проблем се сончаа само со костими за капење или долна облека. Штом е дозволено, нека уживаат, што друго може да се каже. Ете, и тоа е модерен тренд на шпанските плажи. Си велам дека кај нас сѐ уште не дошла таа мода или, којзнае, можеби е присутна. Реалност без лимит и правила за која нема закон. Сепак сметам дека приватноста е лично право и треба да се чува. Никој нема право да го осудува или исмејува другиот, затоа што секој знае како се чувствува и како му е во животот. Така што оваа појава ќе ја прифатам само како лична одговорност и свест.
Трета и последна работа што имав можност да ја видам на островот Ибица, кој важи за престолнина на забавите, но исто така и на најубави плажи и богата историја, беше ноќниот живот. Таму денски можат да се забележат млади девојки што на повеќе од 39 степени носат чизми и се движат во градот подготвувајќи се да се забавуваат во дискотеки и барови. Модерни кожени чизми во комбинација со маички на кимоно. Тоа би дошло две годишни времиња во еден човек среде лето. За мене чудно, за нив вообичаено. Љубопитен од самата појава ги запрашав околните гардисти од обезбедувањето, кои ги има речиси на секој ќош по улиците и кои се толку одговорни, секоја им чест, што на секое поминување покрај нив ве прашуваат дали ви треба некаква помош. Одговорот што го добив е дека тоа бил локален начин на живот и забава и дека така се носеле и оделе девојките со чизми, што било многу нормално. Се заблагодарив и го прифатив тоа како нормално секојдневие таму. Инаку, раздвиженоста низ градот (кој се состои од стар дел и нов дел) и собирите за забави ги има во текот на денот, а масовно започнува некаде помеѓу 17-18 часот и трае до раните утрински часови. Се изненадив, ама сепак се работи за друг свет и навики се во прашање. Додека се возев со такси со моите сопатници, ја запрашав таксистката за животот на Ибица, а таа се насмеа и додаде дека таму нема спиење, особено навечер и во ноќните часови. Мислам дека се разбравме и сфатив дека тоа е традиција таму и ќе продолжи да живее. Ако сакате максимални и посебни забави, ќе ги најдете на Ибица. Имаме забави и ние, ама во малку поинаков стил. Секоја забава за младите е посебно доживување, ама сепак добро е да се има ред и контрола.

Направив една шпанско-македонска паралела во начинот на живот и стил, особено на младите таму и ваму, затоа што тоа е дел од мојата професија и ме заинтересира. Има предности, има и недостатоци, сепак е тоа начин и стил на живот, кој никој не може да го смени, затоа што ќе има уште многу предизвици во иднина. Посакувам младината во тој модерен свет да остане позитивна и насмеана и да не се изгуби, односно да се чува и да биде внимателна. За крај на овој мој осврт ќе кажам дека сме пред почетокот на уште една нова учебна година и потсетувам дека сепак треба нешто да се прочита и да се биде подготвен за новиот школски почеток. И воопшто на младите им посакувам да читаат разна белетристика што им е од интерес. Има време и за социјалните мрежи и за забави… Нека се практикува и нека зачестува овој тренд за читање и уживање во него, оти само на тој начин ќе ги надградуваме речникот и стилот на изразување и ќе бидеме доказ на културни и паметни луѓе, кои лесно и едноставно ќе можат да се вклопат и ограничат во секое друштво, па и во секоја институција. Паметно и одговорно, младино, и среќно со новиот школски почеток!

Проф. Александар Адамовски