Конкурентноста на Кина и злобните американски критики

САД треба да бидат партнер со Кина, Кореја и Јапонија за промовирање
поголем број инвестиции во зелени и дигитални технологии во економиите во развој низ целиот свет. Тоа е таа победничка политика што треба да ги замени американските деструктивни (и самоуништувачки) махинации за хегемонски цели

Последната во серијата кампањи на САД против Кина е обвинувањето дека Кина има вишок капацитет за голем број произведени стоки и поради тоа извозот од оваа земја треба да се ограничи. Вистината, всушност, е многу поедноставна. Кина и другите земји од Источна Азија се производители на серија висококвалитетни индустриски производи по ниски цени, кои итно му се потребни на светот: соларни модули, електрични возила, турбини на ветер, ефикасни батерии, 5Г и многу повеќе. Со оглед на тоа што САД заостануваат зад Кина во сите овие сектори, Соединетите Американски Држави зборуваат лошо за Кина, карактеризирајќи го кинескиот успех како некој вид, наводно, лошо однесување.
Пристапот на САД кон Кина се заснова на мешавина од ароганција, гадење и наивност. Ароганцијата е во тоа што САД управуваат со светот, па како сега Кина се осмелува да има таков економски успех! Гадењето е во тоа што САД активно се обидуваат да го попречат напредокот на Кина. Напредокот во светот денес е доволно тежок и без да работат САД против тој напредок во другите земји. Наивноста е во тоа да се верува дека остатокот од светот, всушност, ќе ја прифати американската пропаганда. Ароганцијата беше изразена во 2015 година од страна на амбасадорот Роберт Блеквил и Ешли Телис, во публикација за Советот за надворешни односи. Во март 2015 година тие го напишаа: „Уште од своето основање, Соединетите Американски Држави постојано спроведуваат голема стратегија што е фокусирана на стекнување и одржување на прееминентна моќ над разни ривали, најпрвин на северноамериканскиот континент, потоа во западната хемисфера и на крајот на глобално ниво… Со оглед на тоа дека американските напори за „интеграција“ на Кина во либералниот меѓународен поредок сега создаваат нови закани во однос на приматот на САД во Азија (што на крајот може да доведе до предизвикување на американската моќ на глобално ниво), на Вашингтон му треба една нова голема стратегија кон Кина, која ќе се фокусира на балансирање на подемот на кинеската моќ наместо да продолжи да помага во тој нејзин подем“.

Едноставно кажано, целта на Америка е да биде број еден. Американската „голема стратегија“ не е мир, одржлив развој или благосостојба, туку хегемонија. Америка избра голема стратегија, која автоматски ја става од спротивната страна на другите големи сили, што доведува до борба без победник. За американските стратези меѓународната соработка е наивна работа бидејќи целта на САД е доминација.
Тоа е залудна цел, која на крајот е осудена на пропаст. На крајот на краиштата, САД имаат население од 335 милиони луѓе, додека Кина има 1,4 милијарда луѓе, или приближно четири пати повеќе. Како може САД да останат доминантни кога Кина е четири пати понаселена? Американскиот одговор имплицитно е во тоа Кина да се држи во релативна сиромаштија, со БДП што не е поголем од една четвртина од оној на САД. Но бидете сигурни дека Кина исто така нема да биде хегемон. Уделот на Кина во светското производство ќе достигне максимум од околу 20 проценти и таа ќе се соочи со значителни предизвици во однос на намалувањето на бројноста и стареењето на нејзиното население во текот на 21 век. Непријатниот дел од стратегијата на САД го следи нејзиниот погрешен обид да биде глобален хегемон. Целта на САД е да го забават, ако не и да го попречат, економскиот успех на Кина. Блеквил и Телис го опишаа ваквиот план во една статија од 2015 година. Тактиката на САД вклучува обид Кина да биде исклучена од трговските договори; потоа обид за нејзино исклучување од високотехнолошките добра, како што се напредни полупроводници; воено опкружување на Кина на азиските брегови; и креирање нови воени сојузи во Азија.
Претседателот Барак Обама го започна овој процес кога се обиде да преговара за транспацифичкото партнерство, врз основа на апсурдната идеја за создавање американско-азиски трговски аранжман што ја исклучува Кина, и покрај тоа што Кина е најголемиот трговски партнер на повеќето или на сите други азиски земји. Тоа беше глупава идеја, која, за среќа, не успеа.

Трамп беше подиректен. Тој ја удри Кина по глава со серијата унилатерални зголемувања на царините, кои јасно и дрско ја прекршија Светската трговска организација (СТО). За да го одржат таквиот протекционизам, САД едноставно се оддалечија од механизмите за имплементација на Светската трговска организација, до степен што ги парализираа жалбените процедури во СТО.
Кога Бајден дојде на функција, тој не само што ги задржа тарифите на Трамп туку и ги удвои, воведувајќи нови слоеви на протекционизам во американското законодавство (на пример во Законот за намалување на инфлацијата) и нови слоеви забрани за извоз на технологија, особено за напредни полупроводници но и за други технологии. И Трамп и Бајден тргнаа по „Хуавеј“, кој инаку е мошне иновативен и исклучително ефикасен кинески производител на напредни дигитални технологии, вклучувајќи 5Г и неколку најсовремени дигитални индустриски платформи.
„Успехот“ на Америка е делумно затворање на својот пазар за висококонкурентна, евтина и висококвалитетна стока од Кина. Извозот на Кина на американските пазари не само што престана да расте,туку тој опаѓа. Мерено како удел во американскиот БДП, американскиот увоз од Кина се намали од 2,6 отсто од БДП во 2018 година на 1,6 отсто од БДП во 2023 година. Сепак, тоа ги зголеми цените за американските потрошувачи и компании и не ги израдува американските работници. Работната сила ангажирана во производство во САД, која има околу 13 милиони работници, е само малку поголема по бројност во споредба со 2017 година и е на многу пониско ниво отколку што беше пред големата рецесија во 2008 година. Неодамна научивме и нешто многу зачудувачко (кое, всушност, е во истата насока), кога „Ројтерс“ откри дека Трамп ѝ дал задача на ЦИА да шири злонамерни озборувања за Кина на социјалните мрежи, вклучувајќи и озборување на кинеската иницијатива „Појас и пат“. Кога не можете да ги победите на искрен начин, скршете ги на нечесен начин. И тоа, за жал, на американски начин.
Во таа смисла, САД делумно ги затворија своите пазари за стоките од Кина, а сакаат и Европа да го стори истото тоа. Бидејќи производствениот капацитет на Кина продолжува да расте, навистина постои вештачки создаден „вишок капацитет“ во Кина, бидејќи САД го блокираа извозот на Кина во САД. Сега, САД ја предупредуваат Кина да не ги продава своите производи на други пазари.
Еве еден многу подобар и поискрен пристап. Прво, САД треба да признаат дека заостанаа далеку зад Кина (вклучувајќи го Тајван), Кореја и Јапонија, во многу области на напредно производство, и тоа не поради злобноста на тие источноазиски земји, туку затоа што САД ја загубија својата насока кога станува збор за поттикнување зелени и 5Г-технологии.

Додека САД се држат до континуирано проширување на производството што користи фосилни горива, а што е политиката на вистински ќор-сокак во светски рамки и во свет што треба да се декарбонизира до средината на овој век, Кина се подготвува за енергија со нула јаглерод. Во таа смисла, Кина е предводник кога станува збор за соларната енергија, ветерот, нуклеарната енергија од четврта генерација, електричните возила и многу други технологии.
Второ, Кина нема „вишок капацитет“ за производство, затоа што Кина го произведува она што на светот, всушност, итно му треба за да се овозможат еколошка одржливост и економски развој. Очигледната презаситеност е резултат не само на американскиот протекционизам туку и на недоволното финансирање за цели на одржлив развој кај економиите во развој. На светот не му треба помал обем на кинеско производство туку му требаат повеќе финансии за да се забрза енергетската транзиција и да ѝ се стави крај на сиромаштијата.
Трето, САД треба да соработуваат со Кина, а не да се борат со неа, кога станува збор за глобалниот одржлив развој. Кинеската иницијатива „Појас и пат“ (BRI), на пример, е многу иновативна и важна политика за промовирање одржлив развој во економиите во развој. Наместо да ја злоупотребуваат оваа иницијатива, како што тоа го правеше ЦИА во својата пропаганда, САД треба да бидат партнер со Кина, Кореја, Јапонија и други во политика на соработка за промовирање поголем број инвестиции во зелени и дигитални технологии во економиите во развој низ целиот свет. Тоа е таа победничка политика што треба да ги замени американските деструктивни (и самоуништувачки) махинации за хегемонски цели.

Џефри Сакс

(республика.еду.мк)