Фото: Архива/принт-скрин

Северна Кореја денеска соопшти дека извела симулација на нуклеарен контранапад „во која учествувалe супер-големи ракетни артилериски лансери“.

Државната новинска агенција КЦНА јави дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун го надгледувал вчерашното лансирање, првата демонстрација на новиот систем за управување и контрола на нуклеарното оружје на Пјонгјанг наречен „нуклеарен активирач“.

Според Генералштабот на Јужна Кореја, Северна Кореја во понеделникот истрелала неколку сомнителни балистички ракети кон отворено море.

На Северна Кореја и е забрането со резолуции на ОН да лансира, па дури и да тестира балистички ракети од кој било дострел.

Наводните ракети со краток дострел по лансирањето полетале околу 300 километри на исток од областа околу главниот град Пјонгјанг и паднале во морето.

Во зависност од дизајнот, балистичките ракети можат да бидат опремени и со нуклеарна боева глава. И покрај меѓународните санкции, Северна Кореја продолжува да тестира ракети со нуклеарни способности и други системи за оружје. Пјонгјанг во петокот соопшти дека неодамна тестирал боева глава за стратешка крстосувачка ракета и противвоздушни проектили.