Кога на вистината ќе ѝ се затвори устата

Во времето кога на една национална телевизија новинарот го „бришеше подот“ со еден истрошен политичар (кој дури и сакаше да биде претседател на државата), па мнозина беа егзалтирани од неговата вештина и решителност, се подготвував да заминам на разговор во еден поткаст. Во устата имав горчлив вкус сеќавајќи се дека оваа „епска сцена“ на гасење светла на една политичка кариера се случува токму во медиум што најсилно ја турка(ше) агендата за нашето обезличување. Накратко, наместо да се спречи катастрофата (точно пред шест години), сега се трага по одговорните што недоволно брзо нè „севернизирале“. Иако токму во овие денови пред шест години излеговме со прогласот „Шчо направифме“, токму на страниците на овој весник, нема да евоцирам спомени. Тоа беше еден очајнички обид на 200-те интелектуалци што беа „масакрирани“ во јавниот простор поради смелоста да опоменат и да повикаат да не се трча кон амбисот. На тој наш чин ќе останеме горди што барем малку го обеливме образот, па идните генерации ќе знаат дека некои не молчеле, иако биле нарекувани „луди“ (судбината на Касандра).
Овде сакам да зборувам за неслободата на медиумите, за нивната пропагандистичка мисија во нешто што лажно се нарекува демократија. Тоа го имаме на национално ниво (еве, веќе ги засукаа ракавите во предизборието да дискредитираат личности и да гувеат пред идните властодршци). Но, нивните учители барајте ги на Запад. Целата приказна за „проверувачи на факти/вистини“ е само продолжена рака на мејнстрим медиумите, кои никогаш нема да ја напуштат страната на господарите на моќта во полза на обичните луѓе и страдалниците. Затоа, овде уште врви и приказната за бајковитата ЕУ како наша крајна дестинација на прогрес, мир и благосостојба – ама нема да ви покажат како врие, како силно се борат производителите, фармерите и сите оние што не се согласуваат со милитаризацијата. Митот за ЕУ не смее да биде нарушен, особено сега, пред избори, кога коваат „европски фронтови“ и имаат полни усти со „европски вредности“. Но, многу пострашно станува кога ќе ја погледнете големата слика. Еден пример во оваа насока е Такер Карлсон (патем, новинар со кого не споделувам ист поглед на светот, ама кого го сметам за разумен и храбар): откако го набркаа од каналот Фокс поради говорење на вистината, стана независен – но и тоа не е доволно безбедно, ако се осмелите да правите интервју со Путин (и, замислете, тоа го прават во општества што своевремено Хитлер го прогласувале за личност на годината и го лепеле по насловни страници). Можам да кажам многу нешта што лично не ми се допаднаа во интервјуто, ама респект за храброста да одите наспроти мејнстримот и да овозможите и другата страна да си ја каже својата позиција, во духот на онаa латинската audiatur et altera pars (или, слушни ја и другата страна). Но медиумските прислужници не знаат „латински“, па си ја изневерија и сопствената професионална етика со еднонасочно пренесување „вести“ и „ставови“ – одгоре надолу, до корисниците чии мозоци треба да се исперат, па и затапат.

Сепак, маченикот на нашето време и најхрабар меѓу храбрите (новинари) е Џулијан Асанж. Тој е симболот на ова време, во кое Вистината е прогонета и казнета (да можат и ќе ја убијат), особено ако ги открива воените злосторства на „нашите стратегиски сојузници“. Токму за неколку дена ќе се одлучува во последна инстанца дали и кога Џулијан ќе биде предаден во рацете на американските власти (кои веќе се обидоа да го елиминираат). Сите вистинољубиви луѓе се вознемирени и во очекување, а мнозина подготвуваат акции на јавна поддршка и притисок врз британските власти (тоа се оние што заедно со американските прават „црни листи“ и „листи за отстрел“, кои нашиве сакаат да станат врховен закон во колонијата Македонија). Овде тоа ќе мине тукутака, можеби и нема ни да известат за одлуката. Не знам како новинарите живеат со својот срам, кога се современици на еден Џулијан!? Но она што дефинитивно ми ја убива вербата во некаква пристојност и човечност е што Џулијан е веќе осуден на смрт, тој умира и во моментов додека ги пишувам овие редови. И каква и да биде одлуката на судот во Лондон, херојството на Асанж ќе падне во сенка на стравот кај другите да не претеруваат во извршувањето на својата новинарска мисија. Тој останува пример и поука за сите оние што ќе одлучат дека е подобро да се сведне главата и да се зборува она што се очекува од нив. Додека умира Џулијан (дури и ако по некое чудо го ослободат), умираат илјадници во Газа, или поточно во Рафа. Молкот пред неправдата, пред злосторствата, пред расизмот и угнетувањето е заглушувачки. Освен ако дисидентот не е од Русија – тогаш дури и Бајден ќе каже „Нема дилема, Путин е одговорен за смртта на Навални!“.

Веројатно е во право, но кога доаѓа од уста на човек што ја бара главата на Асанж – тогаш, простете, ама ми доаѓа мачнина.
И што да се прави во таква ситуација? Ќе дозволиме ли да нè замолчат сите? Под закана од црни листи, санкции, па и нешто полошо? Како што има алтернатива за овој несреќен свет, така постојат и алтернативни начини да се зборува вистината. Некои од нив имаат модерно име „поткасти“ – мали студија, со доволно добра опрема за да емитуваат звучен и видеосигнал. Не дека ним треба апсолутно да им се верува, но сепак остануваат некакви мали оази на слободата на мисла и говор, па, ако сакате, и вистинска дебата. Тоа што сега станува тренд и кај нас, на глобално ниво го има со години. Моите извори на сознанија се поголем број поткасти на кои можам да го слушам размислувањето на луѓето што се буквално протерани од националните/мејнстрим медиумите. Слично како и со книгите, логиката е: штом е некој забранет, тогаш сигурно заслужува да биде слушнат. Штом му се плашат моќните, сигурно неговиот глас допира до целта.
Да, дојде време да ја напуштиме оваа лажна пристојност и репресивна толеранција (која значи помирување со судбината, па ве уверуваат дека треба да сте толерантни пред сите злодела и коруптивни зделки во име на некаква „култура“). Во свет на општа измама, кажувањето на вистината е револуционерен чин (Орвел). Па, нека почне револуцијата и на тој начин, низ алтернативни медиуми. А ќе продолжи и низ изборните циклуси, на кои, како во Пакистан, ќе победи вистината дури и ако е ставена в затвор.