Полека, бе луѓе, ова е Македонија!

Секоја политичка групација има своја идеологија, идеологија што се искажува со одредена симболика. Симболиката има суштествено значење затоа што употребува зборови или слики за конкретни концепти, луѓе, предмети или настани. Тука сосема природно повторно се наметнува едно друго прашање: Која е симболиката на декларацијата за обединување на Алијанса за Албанците, Демократското движење, движењето „Беса“, Алтернатива и ДУИ? Доколку се земе предвид дека декларацијата беше потпишана токму на денот кога Косово прослави 16 години од својата независност, некој може да заклучи дека симболиката што се испраќа има великокосовска или великоалбанска суштина!

(За придавките и симболиката)

Придавка е збор со кој се означува својството или одликата на предметите, а одликите секогаш им се препишуваат на предметите како нивен признак и не случајно придавките се во тесна врска со именките и ретко се користат самостојно. Според своето значење, придавките се делат на четири подгрупи: описни, односни, бројни и заменски. Ние би се задржале на описните придавки, бидејќи тие ги означуваат оние особини на предметите што произлегуваат од самите нив. На пример, во реченицата француско вино, зборот француско е описна придавка, која ги означува особините на виното, а тоа е полезно бидејќи можеме да правиме дистинкција помеѓу француското и италијанското вино, односно за вина што имаат различни карактеристични својства поради географското поднебје.
Зошто го нагласуваме ова? Да замислиме една хипотетичка ситуација. Некој Еквадорец (или Еским) го отвора својот интернет-пребарувач и сурфа барајќи вести од светот. По некоја случајност, некои од странските медиуми ја пренесуваат следната вест: „Декларација за обединување на изборите потпишаа денеска Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, Демократско движење на Изет Меџити, движењето ’Беса’ на Биљал Касами и Алтернатива на Африм Гаши. Декларацијата е потпишана на денот кога Косово одбележа 16 години од независноста, а во Косово се празнуваше и низ песна за време на настанот, додека на почетокот беше интонирана албанската химна“. Еквадорецот (или Ескимот) може да го прочита и следното: „Денеска, со потпишувањето на оваа декларација, на овој ден кога ја одбележуваме и независноста на Косово, поставуваме темели на нова ера кај албанските партии. Дојдено е времето за голема политичка промена во земјата“. Доколку се земе предвид дека придавките го означуваат својството на предметите, сосема логично можеме да заклучиме дека Еквадорецот или Ескимот кога ќе ја прочитаат споменатата вест ќе помисли дека станува збор за настан што е поврзан со албанските партии.

Затоа, од практична причина, нештата треба да се определуваат онакви какви што се. Алијанса за Албанците, Демократското движење, движењето „Беса“, Алтернатива и ДУИ се македонски партии, исто како што Демократската партија на Србите во Македонија или Демократската партија на Турците на Македонија се македонски партии и тука нема ништо спорно. Сите овие политички субјекти дејствуваат и се финансираат од македонскиот буџет и ги застапуваат интересите на македонските граѓани, без разлика на нивната етничката или верската припадност. Исто така не смееме да заборавиме дека граѓаните на Македонија можат да ја дадат својата поддршка или да го дадат својот глас за кој било политички субјект. Во овој контекст, Македонец може да гласа за движењето „Беса“ или Албанец за Сојузот на Титови леви сили, во согласност со своите убедувања. Затоа е нелогична придавката албанска или македонска пред споменативе партии.
Но да се насочиме кон суштината! Секоја политичка групација има своја идеологија, идеологија што се искажува со одредена симболика. Симболиката има суштествено значење затоа што употребува зборови или слики за конкретни концепти, луѓе, предмети или настани. Тука сосема природно повторно се наметнува едно друго прашање: Која е симболиката на декларацијата за обединување на Алијанса за Албанците, Демократското движење, движењето „Беса“, Алтернатива и ДУИ? Доколку се земе предвид дека декларацијата беше потпишана токму на денот кога Косово прослави 16 години од својата независност, некој може да заклучи дека симболиката што се испраќа има великокосовска или великоалбанска суштина!

Во изминативе три децении, македонските политички партии што се обраќаат до македонските граѓани со албанско етничко потекло не се ослободија од нагласениот албански национализам, шовинизам и иредентизам. Политичките лидери и групации што настојуваат да ги застапуваат интересите на македонските граѓани со албанско потекло како да забораваат дека национализмот или шовинизмот не градат нови патишта и училишта, тие не создаваат нови работни места и не носат нови странски инвестиции во Македонија. На крајот на краиштата, партиите како Алијанса за Албанците или која било друга политичка партија во Македонија треба да разберат дека тие се тука за да го подобрат животниот стандард на сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност.
Во македонското општество постои согласност дека нашата иднина е во Европската Унија, а тоа неколкупати беше потврдено од сите политички чинители, вклучувајќи и од Алијанса за Албанците, Демократското движење, движењето „Беса“ и Алтернатива. Според ова сфаќање, треба да се одбере и соодветна симболика, односно како што е Денот на Европа или химната на Европа. Не смееме да заборавиме дека оваа симболика означува и борба против корупцијата, владеење на правото, меритократски принцип и сѐ така до бесконечност, а не албански премиер или албански претседател на Македонија!