Како Делчев зајава накај Русија

Сабота наутро, 4 февруари. Вчеравечер ја претерав. Сега сум мамурен. Три кафиња не ме оправаат. Ама кафе без цигари не оди, а јас лошо се пресметав. Имам само три. Мавам едно кафе со две цигари, колку да ја ставам свеста во функција, оти во мамурни околности најчесто сака да се однесува како Хемфри Богарт во црно-бела изолација од стварноста, па излегувам од дома да си дополнам никотински задоволства. Инаку, живеам веднаш до Драмски театар. На два метра од влезот на зградата ме пречекуваат двајца полицајци.
Не може, ми вели едниот, ризична зона.
Тријам очи да проверам да не се вчерашна халуцинација, оти бев опасно пијан и не можев да забележам ако некој одлучил да ми подметне ЛСД во пијачката, ама тие се тука пред мене, сосе униформи, пендреци и строги лица.
Ризична зона??? Им фрлам три прашалници в лице, па започнувам со
претпоставки. Зошто ризична? Што се случува? Да не падна тоа кометата во Карпош? Гарант ќе излезе дека е некое елиенско летало со дете во него, кое родителите го ставиле таму за да го спасат, бидејќи планетата ќе им експлодира. Не, а? А баш ќе беше океј Супермен да ми купи цигари. Па, што е тогаш проблемот? Нè нападна Русија? Сигурно сака да го окупира Нордистан со сите негови природни богатства, како датуми за пристапни преговори, европски вредности и НАТО-стандарди? Ама ние сме подготвени и ќе им приредиме Сталинград. Не е Путин, а? Па, што е тогаш проблемот? Зошто не можам да си купам цигари?

Го обезбедуваме гробот на Гоце Делчев за да спречиме инциденти и можна ескалација, која би нè оддалечила од европската иднина, ми објаснува полицаецот како да сум дете сосема отуѓено од убавините на нордистанската политика. Знаеш, продолжува неговиот колега, мора да му обезбедиме услови на Џамбаски да истрча гол на теренот за културен натпревар меѓу народите, зашто тоа е директива од ЕУ, преку која ни праќаат симболична порака дека вистината е секогаш разголена како бугарска турбофолк-пејачка, па ние треба да ги вметнеме нејзините рефрени во Уставот, химната и народната поезија, ама еден народ измислен од Тито и Коминтерната, навлечен на руска салата и влијанија, се заканува дека ќе ја попречи свечената церемонија за наша скорашна евроинтеграција, односно ЕУтаназија. Неговото објаснување сосема ме шашардиса.
Што, свикав толку силно што секако ја измешав Фон дер Лејен во броењето руски чипови и германски тенкови, преку кои уште повеќе ќе ја задолжат Украина за да ѝ преседне мирот кога ќе заврши војната, оти ќе мораат да го отплаќаат, кутрите, секој куршум што демек им го подариле, па жестоко се доразвикав: Зошто, бре, сте го преместиле гробот на Гоце во „Тинекс“?
Не бе, дечко, се труди полицаецот да биде смирен како нордистанска институција среде постојана медитација наречена пауза, гробот на Гоце е таму кај што си е, ама ние сепак го обезбедуваме. Ние сме дваесет и петти обрач околу црквата „Свети Спас“.

Ти си виновен!!! Со таков крик упатен кон мирното лице на Гоце Делчев, кое ме гледа од црно-белата фотографија, влегов дома бесно палејќи ја последната цигара. Не паничи, абдал, опуштено ми вели даскалот, па додава, на… пуши… отруј се и ми ја фрла табакерата. Виткам цигара, ама го гледам сè уште нервозен како поради него да сум го преспал датумот за пристапни преговори со Европската Унија, а тој, се смешка шеретски, па, да не сакаш да ти изрендам малку опиум во тутунот, ме прашува и додава, со тој велешки опиум купувавме оружје за да се тепаме со Империјата.
Пет минути подоцна, по испушениот тутун со рендан опиум, вкусен и опасен како религија, седам и пробувам да разменам разумни мисли со апостолот на борбата за слобода на сè уште неизмислениот народ од Тито и Коминтерната. Добро бе, Гоце, учителе, му велам, зошто не посака да те погребаат во некоја нормална држава? Еве, на пример, Куба. Или Чиле, Боливија… Таму вистински ќе те почитуваа и чествуваа како Че Гевара и неговата жртва дадена за идеалите, дури и на Запад ќе те славеа, додуша ќе беше поп-икона на блузи и запалки без да разберат каква ти била каузата, ама подобро во Средна или Јужна Америка отколку среде нашава духовна дистопија. Или што ѝ фали на Индија? Ќе им беше божество, ќе те ставеа на борбена двоколка, за тебе епови ќе пееја. На крајот на краиштата, и Турција е подобар избор, оти вистински ќе те почитуваа, сеедно што си се борел против нивната Империја, па тие и сам знаеш дека повеќе имаат почит кон своите непријатели, отколку ние тука кон сопствените корени, зашто на секој чекор има изроди, како што сам си заклучил, кои за сребреници и сопствената мајка би ја искодошиле. Ќе ти ја предложев, даскале, и Европската Унија, ама нема никаква логика, мислам, глупо е да ти ставиме коски во нивните музеи полни крадена историја, бидејќи тоа е исто како да си погребан во Бугарија.

Ама не, ти си запнал да те погребаат во слободна Македонија. И зошто така? Зошто во Македонија, која, еве, ние во Нордистан ја изопачивме? Море и театар на апсурдот тераме наречен историска комисија, каде што марионети тргуваат со твоите идеали, чувства и воздишки. А и народецов наш, апостоле, не му треба твојата слобода и жална Македонија, кога подобро му е да робува на привидната удобност во Нордистан кој му ги плаќа сметките и НАТО дури го чува од здравата логика, оти излезе дека таа, здравата логика беше само во главите на небањатите, кои со години објаснуваа што всушност се случува и што ќе повлече тоа во иднина, ама залудно, не можеш ништо да им објасниш на избањати од свест и совест, кои, под чадорот на повисоките од горе, живеат со парола „Немаме друга алтернатива“.
Аман бе, Русјаков, ти заврши колумната, а ти едвај трипати руското влијание го подметна, за што земаш толку рубли и рјабинушки?
Извини, даскале, тука мора да подметнам руска пропаганда, оти одработувам за институтот „З“, скратено од Земјатин.
Секако, ми вели Гоце, табакерата задржи ја, а јас мора да заминам. Ноќеска, на твојот лаптоп ми пиша граѓанинот 4. Некои го знаат како Еди, ама јас си го викам Снешко. Ми рече, следи го белиот зајак! Тој ќе ме одведе кај црниот човек, кој ќе ми даде да се одлучам меѓу сина и црвена пилула, ама бидејќи знам дека секогаш може да се избере и нешто трето, ќе изберам бел коњ и ќе зајавам накај Русија, затоа што некако ми се гледа пологично да седам на шанк среде гротеска со душите на Гогољ, Хармс и Булгаков, отколку тука, кај вас во Нордистан, каде што мртви души навјасале во циркусот Принтипрам за да ја гледаат последната евроатлантска претстава на Воланд како опело за мојата Македонија и слободата што за смрт ја прогласија.