Гнилите плодови на демократијата на Македонија

Гниењето на демократијата раѓа анонимуси во политиката што продаваат лажна величина и кои како безлични анонимуси ги креираат вашата иднина и иднината на вашата држава. Нивното однесување денес е политички еквивалент на невин поради непресметливост. Со тоа што ваквата состојба трае предолго, а штетите се ненадоместливи

Не можам да сфатам како досега не го видов тоа. Цело време ми бодело очи, а ја никако да сфатам дека визијата на нашиве политички лидери за иднината на Македонија, која ние никако не успеавме да ја разбереме, и големината на нивната жртва во политиката била зашто тие гледале напред пред своето време. Затоа никако не успеваме да ја перципираме нивната големина како политичари што носат тешки, но државнички одлуки, притоа не прашувајќи го народот. Сега сфатив дека тие знаат што е најдобро за народот – тие гледаат со очите на иднината, ние, народот, сме закопани во Самуиловиот мрак и минатото. Досега верував дека не ви треба некој особен напор за да го оптоварите вашиот мозок, за да помислите на неколку политички лидери од последниве години, кои се макијавелистички нарциси, можеби со внесена и мала психопатија. За волја на вистината, ако одиме во крајности, овие поединци се незамисливо деструктивни. Толку деструктивни што ја поткопаа државата со нивната визија пред времето што го живееме. А ја никако да ја видам нивната големина во политиката.
Велат дека добрите системи привлекуваат добри луѓе, а гнилите системи привлекуваат гнили луѓе. Гнили политички лидери за гнила држава. Изгледа моќта ги привлекува оние што најмногу ја злоупотребуваат. Моќта е магнет за корумпирани луѓе. Речиси каде и да погледнете, најлошите луѓе се привлечени кон стекнување авторитет над другите. Тоа е особено точно за луѓето со особено деструктивен психолошки коктел познат како темна тријада: макијавелизам, нарцизам и психопатија. Она што ги прави овие три токсични тенденции поинтересни е тоа што секоја од нив ги зајакнува другите, што го влошува проблемот. Гнилите политички лидери се несразмерно привлечени кон власта, непропорционално добри во тоа да се пробијат во неа и несразмерно веројатно ќе се држат до неа откако ќе ја добијат. Затоа и немаат потреба да го слушнат народот, или дури одат дотаму да не гледаат потреба да бидат избрани од него. Ама затоа се „големи лидери“, кои нема да заборават при секое обраќање да споменат дека носат државнички одлуки. Тешки одлуки што никој не ги сака и не ги бара од нив, а најмалку народот. Затоа, слушајќи ги имаш впечаток дека небаре секој ден во Македонија „државотворните“ раѓаат еден Черчил, Мартин Лутер Кинг, Ганди, Рузвелт, Мендела. А вистината е дека во моментов имаме поединци што се продаваат за политички лидери што размислуваат за тоа што можат да добијат од тоа и како ќе можат да се наградат себеси, наместо како можат да им служат на луѓето што ги ставиле таму. Затоа нивната „големина“, нивниот државнички опус нема цена. Цената сме ние граѓаните, нацијата, државата. Минорна цена пред големината на нивното државништво.

Гнилото јадро околу кое почна да се урива нашата демократија е самонаречената „државотворна“ партија на бившите комунисти. Она што се обидуваат да го направат „државотворните“ последниве години е да ни продадат гнило политичко лидерство како државничко. Ако некој мисли дека тоа е родено во вакуум се лаже. Тоа е продукт на нашиот политички систем, кој гние со години. Систем што е толку корумпиран што уништува сѐ што е добро и позитивно. Не може да очекувате од политичка партија што не ги почитува демократските принципи во своето внатрешно работење да ги почитува тие принципи во управувањето со државата. Не може да биде авторитарно раководена однатре, а да функционира демократски надворешно. Или да очекувате од гнил изборен систем што нѐ става на милост и немилост на оние малкумина среќни со политички златни билети да даде здрави плодови на демократијата во Македонија. Гниењето на демократијата раѓа анонимуси во политиката што продаваат лажна величина и кои како безлични анонимуси ги креираат вашата иднина и иднината на вашата држава. Нивното однесување денес е политички еквивалент на невин поради непресметливост. Со тоа што ваквата состојба трае предолго, а штетите се ненадоместливи.

Македонија денес се соочува со невиден политички кукавичлук, цинизам, кратковидост, нарцизам и неспособност, каде што главниот мотив е потрагата по моќ заради себе. Ретко кој политичар во моментов размислува за која било причина повисока од личниот интерес. Во гнил систем на вредности, политичките лидери заслепени од нивната лажна големина не можат да ги сфатат бруталните политички сили што се вртат околу нив. Особено овие на власт, кои пеколно се наклонети кон уништување на македонската демократија и држава. Вистинското прашање за крај не е сапунската опера за тоа колку долго преживува оваа власт. Се работи за тоа дали гнилиот систем на владеење што таа го претставува паѓа со неа. И дали потоа ќе може да спречиме најлошите меѓу нас да ја преземат одговорноста за државата и нашите животи? А ако не можеме, дали ќе направиме систем што ќе ја ограничи штетата што ја прават откако ќе стигнат таму. Е, тоа ќе биде ѓаволски тешко.

Проф. Звонимир Јанкулоски