Европа не ги сака Македонија и Македонците

Отворено писмо до евроамбасадорот Дејвид Гир

Почитуван господине Гир, на прославата на „македонското“ НАТО рековте емфатично: „Не е точно дека ЕУ не ја сака Македонија за своја членка“. Имено, таа Ваша разбирлива изјава е и повод за моето отворено писмо до Вас со контратеза: „Европа не ги сака Македонија и Македонците“. И тоа писмо не е вперено против Вас, затоа што знам дека искрено сте ја засакале Македонија, сте ја почувствувале и откриле душата на нејзиниот народ. Душата што, рака на срце, е дефицитарна на Запад во кој на прво место е профитот. Тоа е филозофијата на либералкапитализмот, нешто што пророчки го предвиде Гете со неговиот „Фауст“, во кој Фауст што го симболизира човекот на западниот рационализам му ја продава душата на Мефистофел (ѓаволот) за научно знаење и телесна страст за што ја добива убавата и невина Маргарита. Истата тема архетип ја обработува и современикот на Шекспир, не подолу по талент од него, англискиот поет и драмски писател Кристофер Марлоу. Тоа, пак, значи дека оваа типично западна приказна не е само германска туку е воопшто карактеристична за западниот човек на капиталот.
Зошто го кажувам ова, господине Гир? Затоа што покрај другото Европа на нејзините моќни колонизаторски нации (знаете кои се) се покажа не само кон Африка, туку и кон Македонија и Македонците бездушна. Таа нејзина бездушност, почнувајќи од Берлинскиот конгрес 1878, трае, еве, столетие и половина сè до денес. Тогаш Европа ги дефинира балканските држави во Отоманската Империја со исклучок на Македонија, која ја остави како со празен простор за грабеж, како отворена рана од која соседните хиени ќе смукаат крв сè до денес. А по Берлин дојде европскиот Букурешт 1913, кој на голема врата со декрет го најави планот за геноцид над Македонците без секаква грижа на совеста дека се убива цел еден древен народ, кој во минатото ѝ дал многу културно-цивилизациски дарови, имено, и на Европа. Од тогаш почнува страшната македонска европска Голгота од која Македонците, за жал, можат да се спасат само со голема катастрофа прво, и со Господ второ, иако Господ е секогаш прв во одлуките. Тоа и така се случи како пример во Втората светска војна, во која со асномските партизани испловивме во рамките на Југославија, иако како крваво торзо, во кристалот на својот генерички идентитет, јазик, култура и историја. Но изгледа дека и тоа не ѝ се допадна многу на Европа, па Англија ги активира своите американски бомбардери и ги ништеше, под изговор да го уништи комунистичкото движење во Грција, Македонците во Егејска Македонија. А всушност, гледајќи ги работите од денешен аспект, таа крвава операција беше етничко чистење на Елада од староседелците за да јадат Грците непречено од нивните напуштени имоти крвав леб. За тоа говори и доблесната Гркинка Анастасија Каракасиду во нејзината докторска дисертација „Полиња од жито, ридови од крв“ преведена и на македонски.
Простете господине Гир што зборувам остро и недипломатски, оти мојот речник на оваа тема извира од болката. Па во тој контекст не случајно и Македонците ја дефинирале пред едно столетие Европа како Вавилонска блудница во песна што ја пеат на сет глас и денес. Знаете, тоа е истата таа блудница што се јавува и во Откровението или Апокалипсата на Новиот завет, која соработува со ѕверот со седум рога, според некои современи аналитичари симбол на НАТО и на седумте најбогати земји во светот.

Толку дотука господине Гир, до почетокот на новата македонска европска Голгота, која почна по распадот на Југославија и воспоставувањето на младата независна македонска република во 1990, на која фактички, ако ја проследиме нејзината хронологија, ни во еден миг не ѝ беше дозволено да ѝ се израдува на самостојноста. За тоа се погрижи пак Европа, сега засолнета, за да го затскрие обновениот колонијалистички дух, зад гламурозната и дебела маска ЕУ. Вие го знаете тоа, интелигентен сте и хуман господине Гир, како што беше тоа и Вашиот сонародник, сјајниот англиски филозоф, математичар и хуманист Бертран Расел, кој го основа познатиот Раселов суд. Во него тој аналитички констатира дека Македонците и Ирците доживеале најголем геноцид во дваесеттиот век. Се разбира, пак, благодарение на „хуманистичка“ Европа.
Да. И ТОЈ геноцид во континуитет сега кај Македонците се прелева од крајот на минатиот во новиот 21 век. Ќе ве потсетам. Тоа почна во 1990 со она срамно БЈРМ. И тоа беше катастрофално лош знак за ѕвездочатците. Не беше тешко да се погоди дека тоа е почетокот на нашата нова, сега со најголем опфат, идентитетска Голгота зад која директно стоеше Грција засолнета зад Брисел и Вашингтон, кои ја презедоа смртоносната операција за целосна идентитетска ликвидација на Македонците. Да не остане ни најмала мемориска трага од нив. За тоа првин сведочи нацифашистичката европска Лисабонска декларација 1992. Прашувате (претпоставувам) зошто нацифашистичка? Па, затоа што со неа децидно му се забранува на еден древен народ, озаконет со царски печат и во Библијата, влез во струјата на западната цивилизација со своето генеричко име. А тоа, ќе се согласите господине Гир, по дефиниција не може никако друго да се именува, освен како идентитетски геноцид. Речете го и културоцид. Сеедно. Но поимот геноцид е посеопфатен тука.
Така. И сега природно се поставува прашањето како европскиот правен експерт Бадинтер по распадот на Југославија оцени дека Македонија и Словенија од преостанатите републики заслужуваат први да влезат во ЕУ, а Македонија до ден-денес чека пред нејзините врати на кои стои за неа натписот од врата на „Пеколот“ кај Данте „Оставете секаква надеж“? Како? Мораше првин да се реализира ЕУ-грчкиот план за македонска идентитетска ликвидација, па потоа влез. И така беа испланирани во хронолошка низа цела редица брутални пониженија на Македонците. Пониженија отворено и скриено поддржувани од Брисел и Вашингтон, КОЈ ги влечеше и сè уште ги влече конците на тој темен проект. Брисел е подизведувачот како и во случајот со Украина, но ние оправдано го вперуваме прстот во него.

По Лисабонската декларација прво од тие пониженија на Македонците е поддршката на Западот на албанскиот тероризам во 2001. И тоа му беше малку нему, па зготви вештачка територијална поделба за чиста албанска територија, а пред тоа беше изготвен и антидемократскиот Бадинтеров закон со кој му се врзуваат рацете на демосот да владее, како што е тоа устроено уште во античката демократија, правило што владее и на Запад, но за Македонија и Македонците е непожелно. И сè тоа е малку, па згора на тоа како врвен западен, на либералната „демократија“ цинизам беше доведувањето на терористите во Владата и парламентот на младата македонска република, а сè со цел тие да го урнат нејзиниот суверенитет. И тоа многу бргу со динамично темпо и се случи, па неодамна водачот на албанскиот тероризам од 2001, Али Ахмети, јавно ИЗЈАВИ дека Албанците се господари во Македонија.
Така, господине Гир, сè додека не беа доведени како стока одгледувана за клање Македонците на 17 јуни 2018 пред отворената ЕУ-гробница за нивно упокоение во Нивици/Преспа. Тука беше пресечена македонската идентитетска глава, нешто слично како што го стори тоа со главата на Јован Крстител за танцот на Саломе (читај Европа) еврејскиот цар Ирод. Тој што ги закла и витлеемските деца не би ли го убил штотуку родениот Богомладенец Христос. По аналогија сега, со нивниот идентитетски геноцид, имено, Македонците се витлеемските деца на Иродова Европа. А за нивната смрт ним им беше ветен влез во рајот на ЕУ, не со една како небесниот туку со повеќе змии. Но од сето тоа го добија како саркастична иронија само НАТО на кого на сета сиромаштија му ставаат в џеб секоја година по 200 милиони евра рекет. Тоа е вистинскиот збор. На бриселската вавилонска дама, пак, ѝ останува пилатовската утеха дека идентитетскиот геноцид во Преспа како доброволна евтаназија си го извршиле самите Македонци со погребалните лопати, кои таа лично им ги врачи на македонските злосторнички гробари Заев и Димитров. Ама тоа не може да помине како европска и американска измама. No pasaran! Нам ни се кристално јасни валканите работи на оваа ариевска цивилизација господине Гир. Да. Оти таа прави кардинална грешка, мислејќи дека малите, сиромашни и понижени народи по дефиниција се и глупи. Ние добро знаеме дека Западот (да ги оставиме малку настрана Грците „лицем светци срцем волци“ ‒ Прличев) направи вистинска Хирошима од македонскиот идентитет со неговата „демократска“ атомска бомба, која патем изврши во минатото геноцид дури и на редица цивилизации низ светот. Па на Македонија и Македонците ќе им се мислат.
А како се изврши тој идентитетски геноцид во Преспа, знаете господине Гир. Само со еден мал и речиси „безболен“ убод на иглата од „демократската“ ЕУ-вакцина во вените на Македонците. А таа вакцина и ТОЈ убод поневин од убодот на една пчела беше извршен со само една придавка СЕВЕРНА. И тоа е, мораме да признаеме, најсовршената европска вакцина откриена досега за „безболно“ убиство на цел еден народ, кој не од сега и не од вчера бил трн во окото на Западната цивилизација патолошки едиповски заљубена во Грција како нејзина Голема мајка во чија вреќа, како што забележува англискиот писател Д.Х. Лоренс, Европа трупа по инерција сè. Сега со обезименувањето на Македонците ја натрупа во таа екстремно лакома вреќа и Античка Македонија со Филип и Александар за да може спокојно да спијат Грците, кои во нивната меморија немаат ни една песна за нив, а ние имаме стотици. Тоа е вистината за која бриселската дама не сака да знае. На Грците таа им го даде името Македонија со целиот негов културно-цивилизациски имот, почитуван господине Гир, а нас нè остави со гол газ, само со онаа смртоносна северна. Затоа, господине, ако сакате да останете симпатичен кај Македонците (простете за советот) избегнувајте ја во секоја пригода за време на Вашиот престој кај нас нејзината употреба. Оти, и Брисел и Вашингтон и Грците пред сè, треба да сфатат дека не сме, и никогаш нема да бидеме ни Северна Македонија, ни северномакедонци. Оти тие посмртници што ни се издаваат сега по налог на Брисел со Преспанскиот договор како лични карти, пасоши, возачки дозволи итн., се според божјата правда ништовни. Ние ќе закрепнеме. Верувајте, Господ има план за нас затоа што никогаш како западниот Фауст не сме му ја продале душата на Мефистофел (ѓаволот).
Тука е крај на моето отворено писмо до Вас господине Гир, кое фактички повеќе, многу повеќе ѝ е наменето на ЕУ во Брисел. И простете ако не бев тактичен и дипломат во јазикот. Што не бев свилен. „Поезијата е искуство“ вели мојот омилен германски поет Рајнер Марија Рилке. И јас сум поет, но на еден мал и понижен народ, па моето и поетско и човечко искуство е искуство на болката. Затоа и има таков тон моето отворено писмо. Се надевам дека ќе ме сфатите. Ви посакувам убаво здравје и убав престој во Македонија, без она СЕВЕРНА.