Зошто ни е потребен нов модел на економски развој?

Македонската економија во изминатите 32 години од своето осамостојување помина низ повеќе економски циклуси и фази од својот развој без да испорача значителни стапки на економски раст. Имено, споредено со сите други земји од поширокиот регион, Македонија има најниска просечна стапка на раст во изминатите три декади, што е илустрација дека постојниот модел на раст нема капацитет да испорача позначителен економски прогрес што ќе овозможи забрзување на конвергенцијата на земјата кон нивото на економска развиеност на земјите од ЕУ.
Логичното прашање што се поставува е зошто овој економски модел не може да испорача повисоки стапки на раст т.е. кои се неговите главни ограничувања.
Најпрво, ако ги анализираме изворите на растот преку пристапот на побарувачка, ќе констатираме дека најголем дел од растот на БДП се базира на стимулирање на финалната потрошувачка на домаќинствата и на јавната потрошувачка на државата со истовремен негативен нето-извоз. Најголем дел од таа потрошувачка се финансира преку задолжување на државата, за што илустрација е континуираниот раст на јавниот долг и задолжување на приватниот сектор и граѓаните, што секако се потврдува со трендовите на раст на задолжувањето на приватниот сектор. Истовремено, хроничниот трговски дефицит, кој е резултат на неконкурентноста на македонската економија, уште повеќе го зголемува надворешниот долг на земјата и го ограничува растот на економијата. Дополнително, анализата на изворите на растот преку секторскиот пристап укажува дека најголем придонес во растот има услужниот сектор, и тоа домашните услуги како што се трговијата на големо и мало, угостителските услуги и јавните услуги на сметка на значително помалиот придонес на преработувачката индустрија, која треба да биде носител на растот и главен поттикнувач на сите други сектори преку мултипликативните ефекти во синџирите на снабдување. На крајо, резултатите од анализата за изворите на растот преку производствениот пристап укажуваат дека растот во изминатиот период беше во најголема мера резултат на квантитативните промени кај факторите на производство (труд и капитал), без поголеми квалитативни промени во делот на технолошкиот прогрес и човечкиот капитал.

Сето ова ни покажува дека е потребна промена на клучните постулати и столбови на кои почива постојниот економски модел на земјата преку радикална промена на економските политики. Прво, потребен е поголем фокус кон инвестициите. Државата треба значително да ги зголеми јавните капитални инвестиции и да обезбеди системски мерки за поддршка на приватните инвестиции. Јавните инвестиции треба да бидат насочени кон приоритетни капитални проекти, како што се гасификацијата, енергетиката и железничката инфраструктура, со цел истата таа да обезбеди подобри услови за бизнис-секторот. Од друга страна, системската поддршка за приватните инвестиции треба да биде насочена кон производствени и преработувачки компании што имаат извозна ориентација во делот на техничко-технолошката модернизација и унапредување, со цел тоа да овозможи поголема конкурентност на странските пазари. Државата треба паралелно да работи и на посериозна поддршка за промоција на македонските компании и македонските производи за нивна поголема препознатливост на регионалните и на странските пазари.
Второ, потребни се значително подобрување на квалитетот на образованието и поголеми инвестиции во човечки капитал и иновации. Имено, државата треба да ги зголеми средствата за модернизација и подобрување на образовните услови и инфраструктура, како и поголеми инвестиции во наука и истражување преку поддршка на државните универзитети и истражувачки центри. Тоа секако треба да биде направено во согласност со потребите на бизнис-секторот и индустријата, со цел креирање нови производи со поголема додадена вредност и воведување технолошко напредни производствени процеси што ќе ја зголемат продуктивноста во компаниите и ќе овозможат поголема конкурентност на домашниот и на странските пазари. Истовремено, државата треба да работи на воведување нови и иновативни образовни модели и концепти, како што е дуалниот концепт на стручно образование, со цел зголемување на практичните вештини и преку активни иновативни програми во соработка со бизнис-секторот да ги поттикнува младите луѓе да се вработат веднаш по завршувањето на своето образование.
Трето, не помалку важно, е јакнење на институционалните капацитети на државата, што треба да обезбеди владеење на правото и правниот систем, борба со сивата економија и корупцијата, професионализација на јавната администрација и дигитализација на јавните услуги, како и креирање поволен и стабилен деловен амбиент за бизнис-секторот како основа за поголема доверба во институциите и помали трансакциски трошоци за домашните и странските инвеститори.
На крајот, процесот на интернационализација на економијата подразбира целосно интегрирање кон ЕУ-пазарот. За таа цел е потребно забрзување на процесот на ЕУ-интеграции, јакнење на институционалните капацитети за поголема искористеност на ЕУ-фондовите и исполнување на барањата и стандардите на ЕУ-пазарите, како и градење поволни регионални врски и подобри меѓународни трговски услови.
Се разбира дека сите овие процеси и системски реформи не се ниту едноставни ниту можат да се случат прекуноќ, но она што е важно e дека истите тие мора сега и веднаш да почнат и за нив е потребно претходно да се обезбеди широк општествен консензус на сите чинители во земјата, тргнувајќи од креаторите на политиките, бизнис-секторот, академската заедница и граѓанскиот сектор.

Д-р Дарко Лазаров

(Авторот е универзитетски професор)