Едно општество на квоти: кога инклузивноста е бројка

Инклузивноста не е само за постигнување квоти или едноставно присуство на луѓе што се идентификуваат како дел од одредена малцинска група. Затоа нашиот наратив не е инклузивен, тој е агресивно нумерички. Без содржина и без квалитет. И без образование. И наместо да ги релаксираме и избалансираме меѓуетничките односи, ние ги продлабочуваме. И тоа го викаат едно општество за сите. Општество на неквалификувани и неспособни квоти. И сакате таквото општество да просперира и оди напред. Чисто се сомневам

Кога гледам до кое дереџе ја доведоа државата, просто се прашувам дали тоа е резултат на политичката вроденa сервилност и подаништво, глупост, или незнаење од космички размери? Изгледа дека комбинација e на сите заедно. За жал, безнадежно сме наивни ние на кои им „нема спас“ кога одговорите на дилемите низ кои поминува државата ги бараме во веќе усвоените решенија и демократски практики на западните држави. Со други зборови, во книгите.
Кога би се обидел да го дефинирам типот на државата што ја градиме во годините по „историскиот“ Охридски договор, заклучокот би бил едноставен. Ние сме „квота“ држава. Некој ќе забележи дека таков тип на држава не постои, но ако погледнете подобро каде живееме, ќе видите дека сум во право. Ние сме една од 35-те земји на глобално ниво што воведоа правни и неправни мерки за гарантирање на политичка застапеност на етничките малцинства во извршната, законодавната или локалната власт. И, секако, најважно – при вработувањето. Со години нѐ учат да живееме со квота-системот, чувствувајќи молчешкум дека ваквиот преференцијален систем на малцинствата во Македонија е далеку од фер, објективен и непристрасен начин за обезбедување инклузивност во општеството. Или, пак, начин за вработување без квалификации.
Сакам да го делам ентузијазмот на следбениците на „ајвар“ демократијата дека квота-системот на застапеност може да влијае и да ја обликува перспективата на малцинските заедници кон политичкиот систем и да ги подобри меѓуетничките односи, дури и ако во неа доминираат други групи. Напротив, како што гледам, квота-системот во македонското општество за сите успешно го зацврсти меѓуетничкиот антагонизам.
Квота-држава не е и не може да биде одржлив модел за претставничка демократија. Ниту позитивната дискриминација може да биде ограничен исклучок од забраната за дискриминација при вработување. Просто човек да не поверува со каква леснотија власта прифаќа форма на дискриминација што фаворизира некого со тоа што го третира различно на позитивен начин. Ако мислите дека во правото кај нас постои конфузија околу концептот на позитивна дискриминација, се лажете. Ние усвојуваме без правно да толкуваме.

Зарем може да очекувате тоа да го направи фригидниот Уставен суд? Зарем очекува некој овој суд да ја доведе во прашање позитивната дискриминација како незаконска дискриминација? Зарем уште има наивни што веруваат дека Уставниот суд е чувар на Уставот? Најобична политичка алатка на власта и толку.
Затоа во Македонија не разликуваме позитивна дискриминација од позитивна акција. Ниту знаеме дека позитивната акција е легална, додека позитивната дискриминација е незаконска. Но да ги објаснам двата поима. Кога се стремиме кон етничка рамнотежа при регрутирањето, незаконски е поповолно да се третира кандидатот што аплицира за одредена позиција врз основа на „заштитените карактеристики“ од Уставот – раса, пол, јазик, етничка припадност, попреченост, брачен статус, религија/верување, бременост, сексуална ориентација и слично. Владата како работодавец мора да го почитува тоа, освен ако не постои вистински професионален услов да не го прави тоа. Би било незаконски да биде регрутиран кандидат затоа што има релевантна заштитена карактеристика (читај етничка припадност), наместо затоа што е најдобриот кандидат за работата. Исто така, спротивно на законот е да се утврди квота во која работодавецот ќе промовира одреден број луѓе само затоа што имаат заштитени карактеристики. Замислете кога државата вработува врз усвоени квоти без да размисли дали кандидатите ги имаат соодветните вештини за функцијата. Всушност, зошто да замислувате. Ние живееме таква реалност. Никој не зборува за штетните последици од квота-системот за мир во куќата, а куќата се распаѓа.
Законски е државата како работодавец да креира акциски план за да постигне етнички побалансирана работна сила. Позитивната акција e „дозволена акција од страна на работодавецот за помош на малцинските групи што се обесправени или недоволно застапени на одредена работа. Тоа е ограничен исклучок од забраната за дискриминација при вработување. Но никако правило. Инклузивноста е повеќе од игра на бројки. Нашиот квота-систем е дизајниран само за втората по големина етничка група во општеството. Каде се другите маргинализирани групи како што се жени, ЛГБТК+ и лица со посебни потреби на моќни позиции во светот на архитектурата на власта? Никаде. Затоа велам: вистинската промена во однос на различноста и инклузивноста бара повеќе од само бројки.
Инклузивноста не е само за постигнување квоти или едноставно присуство на луѓе што се идентификуваат како дел од одредена малцинска група. Затоа нашиот наратив не е инклузивен, тој е агресивно нумерички. Без содржина и без квалитет. И без образование. И наместо да ги релаксираме и избалансираме меѓуетничките односи, ние ги продлабочуваме. И тоа го викаат едно општество за сите. Општество на неквалификувани и неспособни квоти. И сакате таквото општество да просперира и оди напред. Чисто се сомневам.