Израел нема намера да се повлече од териториите што ги контролира во Либан, а во случај на ирански напад поврзан со случувањата во соседната земја, ќе следи силен воен одговор, изјави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
Неговата изјава е првиот официјален став на израелските власти по објавувањето на договорот меѓу САД и Иран, кој, според Пакистан како посредник во преговорите, треба да биде потпишан в петок во Женева, пренесе „Ројтерс“.
Кац порача дека Израел планира „на неодредено време“ да го задржи своето воено присуство на териториите што ги контролира во Либан, Сирија и Појасот Газа, пренесе АП Њуз.
Според информации од дипломатски извори, Техеран го условил привремениот договор со барање за прекин на израелските операции против „Хезболах“ во Либан.
Во изминатите две и пол години Израел воспостави контрола врз територии во Газа, Либан и Сирија со вкупна површина од околу 1.000 квадратни километри.
Во меѓувреме, израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, повторно нагласи дека договорот меѓу Вашингтон и Техеран не го обврзува Израел.
– Израел не им е потчинет на Соединетите Американски Држави. Ние сме независна и суверена држава – изјави Бен-Гвир.
Тој додаде дека Израел не е страна во договорот и дека документот не содржи доволни гаранции за безбедноста на земјата.
– Не треба да се повлечеме од ниту една територија во Либан што нашите борци ја освоија и ја исчистија од терористичка инфраструктура – рече Бен-Гвир.
Според него, секое попуштање под меѓународен притисок во минатото имало негативни последици за безбедноста на Израел.
– Тоа беше случај со Договорите од Осло, со договорот за Либан од 2006 година и со секој период на воздржаност во Газа, по кој следеше нова ескалација – изјави тој.
Бен-Гвир нагласи дека Израел ги цени односите со САД и поддршката од американскиот претседател Доналд Трамп, но додаде дека „Израел не е банана-држава“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сè уште не се изјаснил за договорот меѓу САД и Иран, ниту за делот што се однесува на Либан, кој според пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф е опфатен во договорената рамка.


































