Фото: Пиксабеј

Трилер

Роберт Торн

– Штотуку ми текна на една случка, на која верувам дека нема да останете рамнодушни, драги пријатели – изјави со олеснување дон Пјетро Кабуза. – Таа сигурно ќе си го најде местото во сторијата за дон Бруто. Можам да ви признаам дека приказната на дон Фето дејствуваше инспиративно врз мојот тромав систем за откривање подзаборавени приказни!
– Мислам дека прекрасно се изрази, дон Кабуза – рече вообичаено намуртениот дон Вилароса. – Ова навистина не го очекував од тебе.
– Реков веќе, инспирација, почитуван мој пријателе.
– Повели, дон Кабуза – го осмели дон Фето. – Верувам дека твојата приказна слатко ќе нѐ насмее.
Сонцето веќе налегна ниско над ридовите. Долината ја наткрили џиновската сенка на самракот. Амбиентот над Бусамбра веднаш доби нов, романтично рустикален лик. Старците можеа да здивнат од врелината на пеколниот ден. Стариот градинар ја симна сламената шапка „жирадо“ и уморно се спушти на малото дрвено столче. Ја почеша седата коса и повторно ја стави на главата. Зад оградата се појави насмеан детски лик. Девојче со симпатично дамчесто лице и со широка насмевка на усните, во раката држеше кошница со прекрасно ливадско цвеќе. Градинарот ја помилува по обравчињата и ја натера да седне до него. Тие тивко зборуваа помеѓу себе и одвреме-навреме се потсмевнуваа.
– Јас од Калтанисета, тој од Калтаџироне, двајцата во исто време во Палермо – тромо ја започна својата сторија дон Кабузо. – Зборувам за периодот по завршувањето на војната. Градот вриеше од војски.
Видно возбуден, дон Кабузо се послужи со една „хавана“ од украсната кутија ставена на масата. Тој повлече од чадот, а потоа небаре е локомотива, испушти кругови низ широките ноздри.
– Мислите ми се ОК, ама никако да се изразам како што треба. Ме фаќа нервоза.
– Само храбро, пријателе – го поддржа дон Фето. – Не гледам дека не ти оди раскажувањето. Впрочем, содржината над сѐ, нели?
– Ти си вистински домаќин, дон Фето. Благодарам.
– Прочуен гангстерски бос, а срамежлив како девојченце – иронично нафрли дон Вилароса.
– Кога се стрела, јас сум неприкосновен – кисело возврати дон Кабузо. – Вака…
– Добар си ми ти… – својата поддршка му ја даде и дон Марио Кавалканти, шефот на мафијата во Детроит и пошироко.
– Се надевам и очекувам твојата приказна да заврши некаде изутрина – упорно се шегуваше Кавалканти.
Дон Кабуцо го впери показалецот во него:
– Замолкни веќе еднаш, старо костуриште. Биди сигурен дека ќе те симнам од престолот на успешен шегаџија, така да знаеш!
– Добро де…
– Е, па, да продолжам откако успеав да му ја затнам муцката на дон Вилароса – дон Кабузо беше задоволен од исходот на вербалниот дуел со својот дамнешен ривал и опонент.
– Значи, јас и дон Бруто се најдовме под палубата од патничкиот брод „Флорида“ како слепи патници. Едноставно, ниту тој ниту јас не гледавме перспектива ниту на Сицилија ниту во Италија. Европа, пак, беше разурната до темел. Некаде во близината на Род Ајленд го исплативме капетанот што ни даде чун за да одвесламе до брегот. Заштитени од крилата на ноќта, го зграпчивме копното на Масачусетс.

Вака-така, дон Кабузо успешно се снаоѓаше со изборот на зборови и беше сѐ посигурен во себе и во она што имаше намера да го раскаже.
– И така, од Ал Ривер до Провиденс, а оттаму за Њујорк. Се прибравме кај семејства што дошле во Америка пред или за време на војната. Тој својот бизнис го започна тргувајќи и развивајќи блиски релации со Порториканците, а јас со нашите. Ни до денешни дни не ми е јасно како успеа во своите планови. Крволочните и бескомпромисни Латиноамериканци го прифатија како да пораснал заедно со нив. Од улични тепачи, дилери на наркотици и макроа, се искачивме на повисокото скалило од мафијашката професија. Но како изразени индивидуалци, се стремевме кон самиот врв на хиерархијата.

Ќе бидам искрен и ќе кажам дека дон Пасквале Бруто беше ѕвезда што се крева високо на бизнис-небото. Имавме различни концепции на дејствување, а неговата беше многу понапредна од мојата. И додека јас се служев претежно со грубости и сила, тој го користеше богатството на духот иако и кај него не изостануваа репресивни методи. Се разделивме, а јас му предложив да бидеме повторно заедно и да соработуваме на една мошне доходовна зделка во Бруклин.

Мафијашките семејства во Њујорк ме сметаа за многу незгоден тип, од кого настојуваа да се ослободат. Јас молчев и работев иако никој од босовите не веруваше во моите способности. Тивко, дојдов до самиот врв.

Не мислев дека веднаш ќе прифати, но на мое големо изненадување, тој го направи тоа. Се состанавме на однапред договорено место. Дојде во придружба на еден професионален боксер, кому му го заборавив името иако тој беше сериозен претендент за боксерскиот престол во тешка категорија.
– Benvenuto Pasquale, accomodati (добре дојде Пасквале, чувствувај се пријатно) – го пречекав љубезно.
– Благодарам, Пјетро – се насмеа тој и силно ме прегрна. – Како е, како бизнисот?
Седевме во еден кинески ресторан и вечеравме. Низ разговорот му укажав на фактот дека моите луѓе дошле до некои значајни информации што би можеле да бидат профитабилни за двајцата. Имено, комунистичкото движење во Кореја депонирало неколку милиони долари во банка во Хонгконг, наменети за набавка на оружје и муниција. Лукавиот далаверџија Чарлс Бролин, кој патем посредувал во зделката, им понудил софистицирано оружје не обрнувајќи внимание и грижа за можноста од него да гинат и американски војници инволвирани во војната на корејскиот полуостров. Се разбира, него го поддржуваа и одредени високи кругови од американскиот воен естаблишмент сметајќи на значајно зголемување на контото на нивните сметки. Во далечната 1949 година, тоа беа големи пари. Што беше потребно да направиме? Едноставно, требаше да го олесниме Бролин. Неговите пари, кои беа легнале на сметката на една од банките на Бахамите, како сосема „прочистени и исплакнати“, се најдоа во неговиот домашен трезор.

Речено-сторено. До неговиот луксузен дом во авенијата Хумболт отидовме со два „пакарди“. Моите момчиња се погрижија за петтемина телохранители на Бролин, од кои тројца демнеа на влезот, а двајца во внатрешноста, и сите ние можевме да влеземе внатре. Знаев дека Бролин замина за Колумбија, каде што требаше да договори нова зделка со картелот од Меделин, додека пак неговиот персонал беше префрлен и распореден на неколку летни локации, каде што имаше обичај да престојува. Бидејќи во редовите на нашите тимови имаше затворски професионалци за отварање секаков вид брави, не помина долго и трезорот беше отворен.

Само што излеговме на улица, спиштеа полициски сирени. Две патролни возила се вкопаа пред нашите носеви. Од нив излегоа вооружени полицајци и играта беше завршена. Го набљудував големиот кутар дон Бруто како ги менува боите на лицето.
Од жар румена, преку пурпурна, па до мртовечки бледозелена. Погледна во мене и кога ја забележи мојата опуштеност се обиде да го направи истото тоа, но безуспешно.
Изгледаше смешно во тој обид.
– Влегувајте внатре – нареди еден од полицајците.
Со високо кренати раце, влеговме во пространиот хол. Таму ни наредија да поседнеме на фотелјите. – Што значи сево ова? – праша дон Бруто.
– Обвинети сте за оружен грабеж, а ние очекуваме јавен обвинител и засилување. Внимавајте добро што ќе кажете оти изреченото може да биде употребено како доказ против вас.
– Токму тоа сакав да го кажам – се налути. – Дозволете ми да го повикам мојот адвокат!
– Се покака, нели? – го боцнав.
– А, ти?
– Јас не давам ниту пет центи за сево ова – слатко се насмеав и тоа малку го збуни.
– По ѓаволите, како можеш да бидеш толку спокоен?
– Спокоен сум затоа што докажав дека на подрачјето на Големото Јаболко сум број еден во нашата фела, дон Бруто!
– Што зборуваш ти?!
– Тоа што слушна.
– Зарем ме предаде на полицијата, проклет да бидеш? – неговиот поглед прашално прошета по лицата на полицајците.
Сите беа сериозни како смрт .Еден од нив повеќе не издржа туку прсна во смеа. Тоа уште повеќе го збуни дон Бруто. Сега имавме хор од гласна смеа.
– Ова е мој дом, дон Бруто, а не на Чарлс Бролин. Моите луѓе се лажни полицајци. Тие не сакаа никако да ги наврат овие одбивни униформи. Одлучивме со влечење дрвца.
– Како? А парите, чии се тие?
– Тоа се лажни долари. Сѐ беше една моја местенка со која посакав барем мал реванш за сето она што ми го правеше изминативе години.
– Браво, дон Кабуза – тој можеше да се контролира, па ми ја подаде својата дланка. – Ова никој не ми го направил.
– Ајде да се напиеме нешто – се насмеав и го прегрнав. – Момци, имате награда за изведбата!