Фото: Принтскрин

Аеродромите во Скопје и Охрид бележат рекорден раст на авиосообраќајот, со повеќе од два милиони превезени патници во првите шест месеци од годинава, што претставува зголемување од 32 отсто во споредба со истиот период лани.

Ова денеска го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој оцени дека растот е резултат на новата политика за привлекување и субвенционирање директни авиолинии.

Според Николоски, во изминатите година и пол биле воведени 28 нови авиодестинации од двата аеродрома, а со зимскиот ред на летање се очекува отворање и на нови линии.

 – Од двата аеродроми имаме 28 нови дестинации во изминативе година и половина. Сериозен раст на авиосообраќајот. Минатата година имаше голем раст, а оваа година има историски раст – изјави Николоски по работната посета на М-НАВ.

Тој посочи дека минатата година низ двата аеродрома поминале околу три милиони патници, додека годинава бројката веќе надминала два милиони во првите шест месеци. Според неговите проценки, до крајот на годината бројот би можел да достигне четири милиони.

 – Ако тоа не се случи во 2026, тогаш сигурно во 2027 година ќе стигнеме до четири милиони патници – рече Николоски, додавајќи дека станува збор за значителна бројка во однос на населението во земјата.

Скопскиот и охридскиот аеродром, според Николоски, се меѓу најбрзорастечките во своите категории, а во јули биле регистрирани и рекордни бројки на воздушни операции.

На скопскиот аеродром во еден ден биле реализирани 101 воздушна операција, односно слетувања и полетувања, додека на охридскиот биле регистрирани 21 операција.

Николоски потсети и дека „Виз Ер“ има една од своите најголеми бази во Европа во Скопје, со седум воздухоплови. Тој најави дека се очекува еден авион да биде стациониран и во Охрид, како и воведување нови дестинации со зимскиот ред на летање.