Фото: Фејсбук профил на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија

На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје се одржаа повеќедневни стручни консултации за понатамошното лекување на пациентите повредени во трагичниот пожар во Кочани.

По иницијатива на директорката на Клиниката, прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, во Скопје престојуваше субспецијалистот д-р Игор Маљковиќ, искусен пластичен и реконструктивен хирург со долгогодишно искуство во третманот на сложени случаи на изгореници.

Во текот на посетата биле извршени детални прегледи и консултации за секој пациент, при што биле утврдени индивидуални планови за етапно реконструктивно лекување. Случаите биле разгледувани од аспект на функционалното закрепнување, можностите за идни оперативни интервенции и очекуваните резултати.

Како дел од посетата, била изведена и сложена реконструктивна операција кај еден од најтешко повредените пациенти во пожарот во Кочани.

Интервенцијата била реализирана како резултат на тимската работа на д-р Маљковиќ и лекарскиот тим на Клиниката, со поддршка од анестезиолозите, медицинските сестри и останатиот медицински персонал.

Од Клиниката посочуваат дека учеството на д-р Маљковиќ е значајно за планирањето на следните фази од лекувањето и за примената на современите принципи во реконструктивната хирургија. Воедно, преку ваквите стручни соработки се овозможува размена на знаења и искуства со експерти од регионот.

Од Клиниката нагласуваат дека лекувањето на пациентите со тешки изгореници не завршува со спасувањето на животот и зараснувањето на раните. Следуваат долготраен процес на реконструктивни операции, рехабилитација и постепено враќање на функциите, самостојноста и квалитетот на живот.

 – Успехот не се мери само со успешно изведената операција, туку и со секој следен чекор кој му овозможува на пациентот повторно да ги користи своите раце, да се врати во секојдневниот живот и да ја врати надежта за иднината – наведуваат од Клиниката.

Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија останува посветена на континуирана и современа здравствена грижа за повредените во пожарот во Кочани, со фокус на долгорочното закрепнување и постигнување максимални резултати за секој пациент.