Ѓуретановиќ постави личен рекорд на 200 метри слободно

Во квалификациите, тој оствари време за 47 стотинки подобро од неговиот досегашен најдобар резултат. Ѓуретановиќ ќе има уште еден настап на ЕП 2026, во трката на 400 метри слободно, в недела

Единствениот македонски претставник на Европското првенство (ЕП) во водни спортови, кое се одржува во Париз, пливачот Никола Ѓуретановиќ, постави личен рекорд во квалификациите на 200 метри слободно, со време од 1:52,39 минута, што е за 47 стотинки подобро од неговиот досегашен најдобар резултат. Ова време, постигнато во втората квалификациска група, беше доволно за да го освои шестото место од 10 натпреварувачи, а во вкупниот пласман е на 70-та позиција меѓу 83 пливачи. Во неговата група триумфира словенечкиот пливач Примож Сеница Павлетиќ (1:51,05).
Ѓуретановиќ ќе има уште еден настап на ЕП 2026, во трката на 400 метри слободно, закажана за в недела во 9.30 часот. Во мошне силна конкуренција во базенот во Париз, Ѓуретановиќ има цел на двете трки да ги постигне своите најдобри времиња. Првата цел ја исполни.
Од другите резултати за одбележување е настапот на Италијанката Сара Кертис (19), која постави светски рекорд во полуфиналето на 50 метри грбно (26,63 секунди). Претходниот рекорд (26,86), поставен на Светското првенство во 2023 година, во Будимпешта, беше во сопственост на Австралијката Кејли Мекеон. Германскиот пливач Јоханес Либеман го освои златото на 800 метри слободно со време на нов европски рекорд, 7:37,59 минути. Неговиот сонародник Свен Шварц го освои среброто (7:41,16), а бронзата му припадна на Унгарецот Залан Шаркањи (7:41,75). Г.И.