Pozar Helikopter
Фото: ЕПА / илустрација

Црногорските пожарникари, војници и припадници на Министерството за внатрешни работи трет ден се борат со големиот шумски пожар над Херцег Нови, кој поради силниот ветер се прошири кон населените места и формираше огнен појас долг околу 15 километри, објави Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ).

Иако ветерот постојано го менува правецот и отвора нови жаришта, спасувачките екипи досега успеале да одбранат стотици загрозени објекти.

Пожарот во текот на ноќта се проширил од подрачјето над Бијела и Баошиќи кон Зеленика и Каменари. Од утрово во гаснењето се вклучени и два противпожарни авиона и хеликоптер на црногорското МВР и Армијата.

 – Се позициониравме на сите клучни точки и ги браниме загрозените куќи. Ситуацијата е сложена, но имотот што беше директно загрозен засега е спасен – изјави командирот на Службата за заштита и спасување на Херцег Нови, Златко Ќировиќ.

Противпожарните екипи и дополнителните сили од други црногорски општини се на терен повеќе од 48 часа без прекин. Во знак на поддршка, повеќе од 100 локални жители понудиле сместување и место за одмор на исцрпените спасувачи.

Полицијата, во меѓувреме, апелираше до граѓаните да не се упатуваат самоволно кон погодените подрачја и строго да ги почитуваат упатствата на Кризниот штаб.

Ситуацијата дополнително ја отежнуваат екстремно високите температури, кои достигнуваат до 39 степени Целзиусови, како и засилениот северен ветер. Неповолните временски услови создаваат проблеми и во други делови на Црна Гора.

Поради новите жаришта кај локалитетите Владимир и Шас, во близина на Улцињ, најавено е пренасочување на еден противпожарен авион кон тој регион. Активни пожари се регистрирани и во подрачјето на Кусида кај Никшиќ.