Фото: Пиксабеј/илустрација

Во изминатите 24 часа полицијата евидентирала повеќе случаи на семејно насилство низ државата, при што биле поднесени кривични пријави, извршени апсења и поведени истраги против лица осомничени за физички напади, закани и демнење.

Во Гостивар е поднесена кривична пријава против 46-годишен жител на гостиварско село, осомничен дека на 10 август физички ја нападнал својата сопруга на нејзиното работно место во угостителски објект и ѝ упатил закани поврзани со нејзиниот татко.

Во Скопје, 60-годишна жена пријавила дека била физички нападната од нејзиниот син во семејниот дом во населбата Карпош.

Во тетовско село, 44-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг, со кого е во бракоразводна постапка, подолго време ја следел и ѝ го ограничувал движењето. Според нејзината пријава, по поднесувањето на барањето за развод почнала да добива и заканувачки пораки од лажни профили на социјалните мрежи.

Полицијата во Охрид приведе 76-годишен маж кој, според пријавата, агресивно се однесувал во семејниот дом и им се заканувал на својата ќерка и внук, при што употребил и остар предмет.

Во гостиварско, 27-годишен маж пријавил дека поради нерасчистени имотно-правни односи бил нападнат од двајца негови роднини, кои употребиле и остри предмети, а потоа физички го нападнале и неговиот татко.

Во друг случај во Охрид, полициски службеници извршиле разговор со 49-годишен маж, кој, според пријавата, по завршувањето на бракоразводната постапка агресивно се однесувал и ѝ се заканувал на поранешната сопруга.

Во Тетово е приведен 25-годишен маж осомничен за кривичните дела „загрозување на сигурноста“ и „демнење“, откако неговата поранешна вонбрачна сопруга пријавила дека подолго време вршел насилство и ѝ се заканувал.

Поради семејно насилство биле приведени и 38-годишен жител на кумановско село и 36-годишен жител на кочанско село, кои, според пријавите, физички ги нападнале своите сопруги.

Во Ресен, полицијата привела 43-годишен маж од Тетово поради закани кон неговата сопруга, додека во Штип бил приведен 40-годишен маж кој подолг период физички и психички ја малтретирал својата сопруга. При интервенцијата било утврдено дека бил под дејство на алкохол.

Полицијата интервенирала и во Прилеп, каде што 37-годишен маж им се заканувал на своите родители.

Во Скопје, 50-годишна жена пријавила дека била физички нападната од нејзиниот поранешен вонбрачен партнер, а во Неготино бил извршен службен разговор со 28-годишен маж кој не ја почитувал судската забрана за контакт со поранешната сопруга.

За сите случаи полицијата презема мерки, а по нивното целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.