Европската Унија е подготвена веќе од јули да ги отвори преговорите со Украина и Молдавија за сите области од пристапниот процес, изјави денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
По повод официјалното отворање на суштинските пристапни преговори со Киев и Кишињев, Кос оцени дека станува збор за историски момент и прв голем исчекор откако двете земји добија кандидатски статус пред три години.
– Беше време да го направиме тоа – изјави Кос.
Таа нагласи дека процесот на проширување значително се забрзал и оцени дека во последните месеци е постигнат поголем напредок отколку во претходните 15 години.
Според еврокомесарката, доколку сегашната динамика продолжи, пристапните преговори со Црна Гора би можеле да бидат завршени до крајот на годината.
Во меѓувреме, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, соопшти дека на денешниот состанок е поканет и министерот за надворешни работи на Ерменија.
Таа посочи дека Ерменија се соочува со зголемен притисок од Русија и дека Европската Унија разгледува дополнителни механизми за поддршка на ерменските власти.
Калас остро ги осуди и последните руски воздушни напади врз Украина, при кои беше погоден манастир што се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО.
– Тоа е воено злосторство – изјави таа.
Шефицата на европската дипломатија потврди дека Унијата работи на нов пакет санкции против Русија, како и на мерки за ограничување на движењето на руските војници кои учествувале во војната против Украина.
Според Калас, правните експерти на ЕУ веќе пронашле можен механизам за спроведување на иницијативата за забрана за влез во Унијата на припадници на руските вооружени сили кои биле ангажирани во конфликтот.


































