Фото: „Нова Македонија“/илустрација

Пожарот што избувна меѓу штипските села Долани и Љуботен е ставен под контрола, но екипите и натаму остануваат на терен поради поединечни жаришта и чадење на опожарената површина.

Командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Штип, Благој Ренџов, информира дека утринава пожарникарите интервенирале на неколку локации каде што сè уште има активен оган.

 – Во 10 часот повторно ќе испратиме екипи кои ќе дежураат до 15 часот. Пожарот во моментов е во дол и на непристапен терен за пожарникарите. Околу пладне, кога температурите ќе се зголемат, ќе видиме дали ќе има повторно разгорување – изјави Ренџов.

Според првичните проценки, во пожарот се зафатени меѓу 20 и 30 хектари нискостеблеста вегетација и дел од борова шума.

Во гаснењето на огнената стихија вчера учествуваа 18 пожарникари, 14 доброволни пожарникари и жители на селото Долани. Во акцијата беше вклучен и еден „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, кој дејствуваше од воздух.

Во пожарот е повреден еден жител на селото, кој се здобил со изгореници на нозете. Тој веднаш бил пренесен и хоспитализиран во Клиничката болница во Штип.

За да се спречи ширењето на огнот кон населените места, со градежна и земјоделска механизација беа направени засеци и заштитни појаси околу селото.

Ова е трет голем пожар што за само неколку дена го зафати штипскиот регион, што повторно ја актуализира опасноста од пожари во услови на високи температури и суво време.