РЕЦЕНЗИЈА
М-р Елисавета Бончева
Концертот на македонското трио „Алтус“ во рамките на фестивалската програма на „Класика меѓународен фестивал Струмица“ се одржа во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, кое беше преполно со публика. Концертот започна со композицијата од А. Гргин – „Вокализа“, лирска композиција без текст во која гласот се користи како инструмент. Делото се одликува со мелодичност, топол израз и богата емоционалниот. Втората композиција „Надеж“ од Дамјан Темков, наш млад и талентиран композитор, е циклус на песни по текст на Блаже Конески. Композицијата ја истакнува силата на поетскиот збор и ги пренесува човечката надеж, чувствителност и духовна длабочина. Следуваше „Тешкото“, композиција од Б.Петровиќ- Алексова за соло- виолончело, која е инспирирана од познатото македонско оро и истоимената поема. Преку виолончелото се доловуваат достоинството, истрајноста и драматичноста на македонскиот народен дух. Потоа следуваше аријата „Ламеро“ од операта „Ре Пасторе“ од В.А. Моцарт, елегантна и изразна арија од младоста на Моцарт. Карактеристична е по убавата мелодија и класичната рамнотежа, преку кои се прикажуваат чувствата на ликот.
Композицијата „Гавот“ е едно од најпознатите дела за виолончело од Давид Попер. Краповски ја исполни со очигледно задоволство, како весела и виртуозна композиција што ја расположи публиката, која постојано ги наградуваше уметниците со громогласен аплауз. Композицијата „Со маки сум се родил“ од М. Михајловски беше беспрекорно изведена и кај публиката предизвика емоции и солзи. Како што течеше концертот, уметниците ја дополнија атмосферата со изведбата на композицијата „Естрелита“, чиј наслов значи мала ѕвезда. Таа е позната по својата топла и интимна атмосфера. Композицијата „Лебедот“ од К. Сен-Санс е најпознатото дело од циклусот „Карневал на животните“, мелодија што е многу позната и изведувана на различни инструменти и обработки. Таа е причината поради која многу деца се запишуваат да го изучуваат токму инструментот виолончело.
Следуваше познатата арија „Каста Дива“ од операта „Норма“ на Г. Доницети. Сопранистката Гонце Богоромова ја испеа со маестрална прецизност, уникатен стил и совршена вокална техника. Во публиката имавме чувство дека слушаме некоја славна оперска ѕвезда. Останавме без зборови од воодушевување.
Концертот заврши со композицијата „A perfect day“ од К. Џејкобс- Бонд, лирична песна што зборува за убавината на совршено поминатиот ден и драгоцените спомени. Едноставна,топла и исполнета со носталгична атмосфера. Ова беше концерт за паметење, кој треба да стане традиција и да има што повеќе вакви и слични концерти со маестрални музичари и дела за паметење, затоа што македонската публика го заслужува тоа!


































