По повод 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп, синоќа во Центарот за култура „Марко Цепенков“ беа отворени две изложби кои на различен начин ја претставуваат уметничката креативност и историската меморија на градот.
Во Ликовната галерија беше отворена изложбата на фотографии од Ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“, на која се претставени 20 фотографии што го документираат процесот на создавање на монументалните уметнички дела на колонијата.
Според директорката на Центарот за култура „Марко Цепенков“, Марија Попова Јованоска, фотографиите овозможуваат да се проследи целиот творечки процес – од првичните подготовки, преку обработката и обликувањето на материјалите, до завршните фази. На тој начин, пред посетителите се открива она што најчесто останува зад сцената на уметничкото дело: трудот, истрајноста, концентрацијата и посветеноста на творецот.
„Ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен“ има посебно значење за Прилеп. Оваа година, во рамките на колонијата, седум уметници се впуштија во посебен творечки процес, од кој произлегоа седум скулптури – шест изработени од метал и една од мермер. Зад секоја од нив стојат многу часови работа, физички напор, уметничка визија и посветеност.
Материјалите, кои на прв поглед изгледаат студено и безживотно, преку рацете и идеите на уметниците добија форма, карактер и ново значење. Седумте скулптури нема да останат само дел од едно издание на Ликовната колонија. Тие ќе бидат поставени на соодветни јавни локации низ Прилеп, со што ќе станат дел од градскиот простор и ќе бидат достапни за сите граѓани.
На тој начин уметноста ќе излезе од галериите и изложбените сали и ќе стане дел од секојдневието на прилепчани. Тоа е една од најубавите придобивки од ваквите проекти – кога создаденото дело продолжува да живее заедно со градот и неговите жители.
Особено ми е важно нашата институција да продолжи да биде место каде што се создаваат, поддржуваат и презентираат уметнички вредности. Нашата задача не е само да организираме културни настани, туку и да отвораме можности за уметниците, да го поттикнуваме творештвото и да придонесуваме културата да биде достапна и присутна во животот на граѓаните“, истакна Марија Попова Јованоска.
Во влезното фоаје на Центарот беше отворена и изложбата на фотографии и документи „Прилеп по 1945 – години на промени и развој“. Преку 17 паноа, Државниот архив – Одделение Прилеп го претстави повоениот развој на градот, од обновата по Втората светска војна, преку формирањето на институциите и развојот на општеството, до неговото израснување во современ град.
Изложбата ја отворија м-р Димитар Богески, директор на Државниот архив на Македонија, и Филип Ристески, раководител на Одделението на Државниот архив во Прилеп.
Ристески посочи дека изложбата, преку архивските документи и фотографиите, ја раскажува приказната за повоениот развој на Прилеп.
– Од документ до документ, од фотографија до фотографија, изложбата ја следи приказната за еден град што постепено ги надминувал последиците од војната и ја обликувал својата нова иднина – истакна Ристески.
Според Ристески, документите и фотографиите се дел од меморијата на градот и сведоштво за луѓето, институциите и генерациите кои со својата работа го создавале Прилеп што го познаваме денес.
Со двете изложби, Центарот за култура „Марко Цепенков“ на достоен начин го одбележа Денот на Прилеп, поврзувајќи го современото уметничко творештво со историското наследство и колективната меморија на градот.
Ка.М.






































