Исплатата на пензиите и социјалната помош останува приоритет во активностите на Народната банка, а пензионерите кои примаат средства преку Алта банка немаат причина за загриженост. Ова беше порачано на денешната средба меѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов, и претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова.
На средбата, одржана во просториите на Народната банка, се разговарало за актуелната состојба со Алта банка и за мерките што ги презема централната банка со цел да се обезбеди непречена исплата на пензиите и другите средства на граѓаните.
Гувернерот Славески појаснил дека средствата на клиентите и понатаму се наоѓаат на нивните сметки во Алта банка АД Битола, но дека привремено се ограничени начините на располагање со нив. Според него, овие мерки се воведени за да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на банката, како и интересите на сите нејзини клиенти.
– Средствата на клиентите и понатаму се наоѓаат на нивните сметки во Алта банка. Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени со цел да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на Банката – истакна Славески.
Во меѓувреме, Фондот на ПИОМ им издава потврди на пензионерите кои сакаат да ја променат банката преку која ја примаат пензијата. Потврдите се достапни во филијалите на Фондот и го содржат пензискиот број, кој може да им послужи при пријавувањето во новоизбраната банка.
Од Фондот појаснуваат дека постапката за промена на банката се спроведува индивидуално. Пензионерите најпрво треба да се одјават од досегашната банка, а потоа да се пријават во банката во која сакаат да продолжат да ја примаат пензијата. Фондот не ја спроведува постапката за одјавување и пријавување, туку врши исплата врз основа на податоците за трансакциските сметки што банките ги доставуваат секој месец.
Од средбата беше упатен апел пензионерите да не брзаат со промената на банката, бидејќи Народната банка активно работи на изнаоѓање решение што ќе овозможи сите оние кои сакаат да ја напуштат Алта банка да можат да го направат тоа во наредните две недели.






























