За Владата и Министерството за финансии остануваат клучни приоритети водењето одговорна фискална политика, со постепена фискална консолидација, одржување на макроекономската стабилност, поттикнување на инвестициите и обезбедување долгорочна одржливост на јавните финансии. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во обраќање на 13. издание на „Ерсте Инвесторс Брекфаст“ (Erste Investors Breakfast), што во организација на Ерсте групацијата и Шпаркасе банка се одржа денеска во Скопје.
Таа потенцираше дека во услови на неизвесно глобално окружување особено значење имаат стабилноста, предвидливоста и способноста на институциите да создадат условите за долгорочен економски развој. Оттука и нашата определба јавните финансии да бидат во функција на економски раст и истовремено тој раст да биде одржлив, заснован на продуктивност, конкурентност и стабилни економски основи.
– Во остварувањето на овие цели финансискиот сектор има исклучително важна улога. Банките не се само посредници меѓу штедењето и инвестициите. Тие се значајни партнери во финансирањето на компаниите, поддршката на претприемништвото, модернизацијата на економијата и реализацијата на нови инвестициски проекти – рече министерката и додаде дека затоа заеднички интерес е натамошно развивање на финансики сектор коj е стабилен, конкурентен, иновативен и способен да ги следи потребите на современата економија.
Според Димитриеска-Кочоска особено важно е финансиските ресурси да се насочуваат кон продуктивни инвестиции, технолошки развој, дигитализација, енергетска ефикасност и зголемување на конкурентноста на домашните компании.
Таа нагласи дека Министерство е посветено на континуирано унапредување на законската рамка и јакнење на институционалните механизми за заштита на финансискиот систем и граѓаните.
– Стабилноста на банкарскиот систем, потенцираше, е од исклучително значење за довербата на граѓаните и компаниите и за непреченото функционирање на економијата. Затоа е неопходно сите надлежни институции да постапуваат професионално, одговорно и координирано – истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, пренесува МИА.






























