Во овогодишниот извештај е забележан поголем напредок во однос на минатата година, особено во областите на дигиталната трансформација, истражувањето, науката и образованието, како и во преземањето чекори за унапредување на владеењето на правото, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, посветена на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.
– Има напредок, особено во областите на дигиталната трансформација, истражувањето, науката и образованието. Секако, веќе видовме дека се преземаат значителни чекори во областа на владеењето на правото. Донесени се многу добри закони и, една година подоцна, гледаме напредок, што е јасно. Морам да повторам дека ова треба да го гледаме како годишна процена и да го имаме предвид фактот дека земјата веќе достигнала добро ниво на подготвеност. Се разбира, сакаме да видиме уште поголем напредок – рече Рокас.
Тој ги наброја позитивните аспекти за земјава, меѓу кои ја истакна усогласеноста на надворешната и безбедносната политика со политиката на ЕУ во време на сериозни предизвици, што, како што рече, покажува дека земјата е сигурен партнер кој ги споделува стратешките приоритети на Унијата.
– Северна Македонија, исто така, веќе постигна значително усогласување со законодавството на ЕУ и останува една од земјите кандидатки со највисоко ниво на подготвеност. Извештајот за 2026 година позитивно го оценува развојот што го спомена премиерот. Северна Македонија го засили својот ангажман во однос на Планот за раст на ЕУ и стана една од водечките земји со добри резултати во спроведувањето на Реформската агенда. Видовме напредок, особено во дигиталната трансформација, науката и образованието, вклучително и преку усвојувањето на Законот за електронски комуникации. Сепак, важно е да се направи разлика меѓу напредокот во спроведувањето на Реформската агенда и пошироката процена содржана во извештајот. Извештајот за проширувањето ги опфаќа сите области поврзани со ЕУ, во кои напредокот е нерамномерен – кажа Рокас.
Според него, извештајот ги идентификува областите во кои се потребни поодлучни и порешителни активности, како што се независното судство, силните институции и борбата против корупцијата, кои се неопходни и клучни за членството во ЕУ.
– Пред сè, тие се од суштинско значење за граѓаните и бизнисите. Извештајот покажува дека во текот на извештајниот период не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата. Ова бара посилни институции, ефективно кривично гонење и истраги, како и опипливи резултати во справувањето со корупцијата на високо ниво. Независноста на судството мора да се обезбеди преку заштита на судиите и обвинителите, а исто така многу важни се и заштитата на слободата на медиумите и слободата на изразување. Потребни се дополнителни напори и во областите на јавната администрација, јавните набавки, енергетиката и заштитата на животната средина. Овие реформи не се само барања во пристапниот процес. Тие се од суштинско значење за подобрување на животот на луѓето, за зацврстување на довербата во институциите, како и за создавање можности за економски раст – рече Рокас.
Тој истакна дека извештајот, исто така, потсетува на неопходните чекори за унапредување на пристапните преговори.
– Уставните измени договорени во 2022 година сè уште не се завршени. Ова се обврски што ги презела земјата. ЕУ е подготвена да го заврши процесот на отворање на преговорите во моментот кога ќе бидат усвоени измените. Ги повикуваме сите политички чинители активно да работат и да напредуваат кон членството во ЕУ, за што се потребни национални напори, значаен дијалог и соработка меѓу политичките актери и општеството. Нема причина да се чека со спроведувањето на реформите од кои граѓаните секако имаат корист. Тоа го гледаме и преку Планот за раст, бидејќи тој ги носи придобивките од членството во ЕУ уште пред тоа да се оствари – рече тој.
Како дополнителна придобивка за граѓаните, евроамбасадорот го наведе учеството на земјата во Единствената зона за плаќања во евра (СЕПА).
– Европската Унија ќе остане посветен партнер што ќе обезбедува политичка, техничка и финансиска поддршка, но на крајот напредокот зависи од резултатите што ќе се постигнат тука. Европската Унија останува целосно посветена на европската иднина на Северна Македонија. Европа се соочува со длабоки геополитички предизвици, а проширувањето стана уште поголем стратешки приоритет и инвестиција во нашиот заеднички мир, просперитет и стабилност. Проширувањето продолжува. Земјите ги спроведуваат реформите, ги исполнуваат своите обврски и постигнуваат опиплив напредок кон членството во ЕУ – рече Рокас.
Тој додаде дека Унијата ги препознава напорите на земјата, нејзиниот потенцијал и аспирациите на граѓаните.
– Нашата посветеност на вашата иднина во Европската Унија останува цврста и непроменета. Извештајот за напредокот во процесот на проширување за 2026 година е јасен патоказ за периодот што претстои и сега е време да ги искористиме овие можности – рече Рокас.
На новинарско прашање во врска со слободата на медиумите и забелешката дека ЕУ не нотирала оти медиуми, национални телевизии и новинари се под директна политичка закана од страна на опозициската СДСМ, Рокас одговори дека слободата на медиумите е област во која сè уште треба да се работи.
– Земјата треба да ја ревидира правната рамка во областа на медиумите за да ја усогласи со законодавството и стандардите на ЕУ, особено преку воведување правила за целосна транспарентност на сопственичката структура на медиумите, државното рекламирање, конкуренцијата, државната помош, како и правата од интелектуална сопственост. Секако, сè уште има работи што треба да се завршат и сметам дека областа на медиумите го заслужува нашето целосно внимание. Внимателно ги следиме сите случувања и, секако, ги нудиме сите можни совети кога тоа ќе биде побарано од нас и кога ќе бидеме прашани како можеме да придонесеме за овие законски измени, со кои медиумите ќе се зајакнат на најдобар можен начин – истакна Рокас, пренесе МИА.






























