Фото: Маја Јаневска Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека сите штедачи и доверители на „Алта банка“ Македонија ќе бидат обесштетени до последниот цент, дури и доколку банката влезе во стечај. Тој денеска, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас, рече дека постојат две можни сценарија за банката: да се најде купувач што ќе ја консолидира или, доколку тоа не успее, да се отвори стечајна постапка.

Мицкоски ја обвини опозицијата дека со јавните настапи создава паника, страв и хистерија кај граѓаните околу состојбата со банката, оценувајќи дека станува збор за проблем што е увезен од соседна Србија.

– Сакам да бидам многу јасен. Можни се две сценарија. Првото сценарио е да се обезбеди купувач, што ќе биде многу тешко. Гледате што прават, држат прес-конференции пред Народната банка и ги одвраќаат потенцијалните купувачи што би можеле да ја консолидираат банката. Тоа е едното сценарио. Второто сценарио е банката, ако нема купувач, да влезе во стечај, што значи дека ќе ја изгуби дозволата за работа. Но, она што сакам да го испратам како порака до граѓаните, до штедачите и до доверителите е да бидат безбедни и спокојни, да не подлегнуваат на хистеријата, лагите, невистините и шпекулациите што доаѓаат од опозициската партија, во случајов СДСМ – рече Мицкоски.

Тој посочи дека, според проверките со кои располага Владата, 95 до 96 проценти од штедачите имаат штедни влогови до 30.000 евра и дека тие се целосно гарантирани.

– Да бидат спокојни, до цент, до денар ќе им бидат вратени. Останатите што ќе влезат во стечајната маса, а тоа се неколку стотини, исто така да бидат спокојни. Зошто? Затоа што активата на банката е многу поголема од побарувањата, можеби два до трипати поголема. Апелирам до граѓаните: бидете спокојни, ве молам. Немојте да подлегнувате на хистеријата и лагите што ги испраќаат од опозицијата. Државата има инструменти, го следи процесот. Нема да остане ниту еден необесштетен. Ако дојде до најлошото сценарио, банката да оди во стечај, секој доверител, без разлика дали е штедач или компанија, ќе биде обесштетен до последниот цент. Но, она што ние сега го правиме, бидејќи сме државотворна Влада, а не сме опозиција што е оптоварена со внатрешни поделби, неусогласувања и обвинувања за тоа кој колку бил криминален, па сега го гледаат тоа како можност да се факторизираат и да создадат улична демократија, наместо ова што сме денеска, е пример за регионот – порача Мицкоски.

Осврнувајќи се на преземањето на Стопанска банка Битола од страна на српската „Алта банка“, Мицкоски рече дека, според информациите со кои располага, аквизицијата била реализирана по претходно спроведени законски процедури, со почитување на сите постапки предвидени со македонското законодавство и по добиени позитивни мислења од надлежните институции. Тој наведе дека меѓу институциите што дале позитивни мислења се Комисијата за хартии од вредност и Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Според неговото објаснување, на јавна аукција приватните акционери ги продале акциите на српската „Алта банка“, по што таа станала сопственик на Стопанска банка Битола, која потоа била ребрендирана во „Алта банка“ Македонија.

Мицкоски појасни дека преземањето на Стопанска банка Битола од страна на српската „Алта банка“ било трансакција меѓу приватни сопственици, која се спроведувала преку Народната банка, без обврска Владата или Министерството за финансии да бидат претходно информирани.

– Банката ја купува приватно лице, приватна банка од приватни сопственици. Трансакцијата се прави во Народната банка, а не во Владата и нема потреба Владата да биде информирана, ниту Министерството за финансии да биде информирано. Целокупната трансакција се прави во Народната банка и стојам апсолутно зад тоа што го зборувам – изјави Мицкоски.

Тој појасни дека државата, преку одредени јавни претпријатија, имала мал процент акции во Стопанска банка Битола, но тие не биле продадени за време на јавната аукција поради ограничувањата во периодот на локалните избори.

– Ние не ги отуѓивме тие акции кога се случуваше јавната аукција, бидејќи беа локални избори, бевме законски ограничени и не можевме да отуѓуваме државен капитал. Откако ја добивме информацијата дека акционерите ги продале своите акции на новиот сопственик и дека тие акции се повеќе од 80-90 проценти, немаше повеќе смисла ние да остануваме сопственици во новото друштво со два до три проценти – рече Мицкоски.

Тој додаде дека веднаш по завршувањето на локалните избори во 2025 година Владата донела одлука со која им препорачала на јавните претпријатија да ги понудат своите акции, доколку новиот сопственик е заинтересиран да ги купи.

Мицкоски нагласи дека Народната банка нема обврска да ги информира Владата или другите институции кога потенцијален инвеститор ќе пројави интерес за купување банка, посочувајќи дека слични трансакции се случуваат и во други случаи во банкарскиот сектор.

Како пример ја спомена Шпаркасе банка, за која рече дека, според информациите што ги пренесувале и медиумите, постоел интерес за преземање од друга македонска банка.

Тој оцени дека случајот со „Алта банка“ е последица на случувањата во Србија, а не проблем што настанал во македонскиот банкарски систем. Притоа направи споредба со „Еуростандард банка“, за која рече дека пропаднала во време на претходната влада на СДСМ, обвинувајќи ја тогашната власт за нејзиното пропаѓање. Мицкоски, исто така, наведе дека поранешна министерка за финансии, како што тврди, еден до два дена пред затворањето на банката повлекла депозити во износ од 250.000 евра.

Мицкоски рече дека повеќе го загрижува можниот економски ефект од случувањата во Србија врз македонските компании што имаат деловни партнери во соседната земја.

Тој посочи дека трговската размена меѓу Македонија и Србија во 2025 година изнесувала околу 1,2 милијарди евра, додавајќи дека неколку македонски компании веќе му се обратиле поради проблеми предизвикани од блокираните средства на нивните партнери во „Алта банка“ во Србија.

– Неколку македонски компании ми се јавија и ми рекоа дека нивните партнери се пред банкрот или веќе банкротирале во Србија, бидејќи им се блокирани средствата во „Алта банка“. Ме прашуваат што да прават и бараат помош од Владата. Тоа ќе биде многу поголем проблем. Зошто? Бидејќи бизниси се затвораат, компании банкротираат, луѓе ќе остануваат без своите работни места, не само во Србија, туку и кај нас – рече Мицкоски.

Тој предупреди дека доколку состојбата во Србија не се консолидира во краток рок, може да има пошироки последици врз македонската економија и деловните субјекти што соработуваат со српски партнери. Дополнително, изрази загриженост и за состојбите во Албанија, оценувајќи дека и таму може да се појават случувања што во одреден момент би имале последици и врз земјава.

Премиерот ги спореди реакциите на опозицијата за „Алта банка“ со, како што рече, претходните обиди за создавање паника во јавноста околу заемот од Унгарија, стратешкиот договор со Обединетото Кралство и наводното доселување мигранти, како и со прогнозите за банкрот на државата. Тој рече дека и по промените во политичките околности во Унгарија и Србија продолжила истата реторика од опозицијата, додавајќи дека очекува таквите обвинувања да продолжат и во случајот со „Алта банка“.

Побара Јавното обвинителство да ги разгледа постапките на опозицијата, квалификувајќи ги како „саботажа“ и повикувајќи се на одредбите од Кривичниот законик.

– Ред е и Јавното обвинителство да се позанимава, согласно со Кривичниот законик, со ова кривично дело саботажа што го прави опозицијата, која свесно го урива Уставот и државниот поредок, ширејќи невистини, создавајќи немир и чувство на несигурност кај граѓаните. Ова кривично дело се казнува со казна затвор од најмалку три години и според оној Кривичен законик што тие го изменија во 2023 година – рече Мицкоски, пренесува МИА.