РАКОМЕТ

  • По победата на дуелот со Луксембург со 41-23, во второто коло Македонија в недела игра на гости со Грција

Македонската репрезентација со победа на дуелот со Луксембург во Скопје со 41-23 ги почна квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) за ракометари, во 2028 година. Во другиот меч од групата осум синоќа играа Шведска и Грција.
Македонија игра за деветто учество по ред и 10-то вкупно на европските првенства. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров одиграа ефикасен меч во групата 8, со 20 гола во првото и 21 во второто полувреме. Никола Костески беше најефикасен кај црвено-жолтите со шест погодока.
– Задоволен сум од нашиот пристап и нивото на ангажман за време на натпреварот, иако немавме многу време за подготовка. Многу од нашите играчи штотуку играа во дерби-натпревар во неделата, а моравме да интегрираме и нов играч, Хориха, во системот, што не беше лесно – изјави Лазаров, пренесе Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Во првите осум меча од квалификациите победа со 18 гола разлика оствари и Хрватска, на дуелот дома со Литванија, со 46-28, пишува ЕХФ. Преостанатите осум дуели од првото коло се играа синоќа.
Пред почетокот на натпреварот во Скопје, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) му оддаде признание на Никола Маркоски, кој ја завршува својата професионална ракометна кариера, а во знак на благодарност за неговиот придонес и за годините поминати во репрезентативниот дрес, претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, му врачи врамен дрес со бројот 17, како симбол на почит и признание за неговата ракометна кариера, пишува РФМ.
Во второто коло, Македонија в недела игра на гости со Грција. На ЕП 2028 ќе играат првопласираните две репрезентации од секоја од осумте групи, како и најдобрите четири селекции меѓу третопласираните. Директен пласман на првенството обезбедија актуелниот европски првак Данска и домаќините на континенталниот шампионат, Португалија, Шпанија и Швајцарија. Н.М.