Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, денеска во Брисел, на средба со амбасадорите на земјите членки на групата „Пријатели на Западен Балкан“, посветена на регионалната соработка и европската перспектива на земјите од регионот.
Како што соопштија од нејзиниот Кабинет, Силјановска-Давкова на средбата со амбасадорите Ирена Андраси (Хрватска), Јоанис Враилас (Грција), Балинт Одор (Унгарија), Винченцо Челесте (Италија), Јурај Ноциар (Словачка) и Владимир Бертл (Чешка) им се заблагодарила за поддршката што овие земји ја даваат за евроинтегративниот процес на државава и нагласила дека и покрај блокадата во пристапниот процес, солидното ниво на усогласеност на нашето законодавство со правото на Европската Унија и стопроцентната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ ја потврдуваат македонската посветеност на евроинтегративниот процес.
Според Силјановска-Давкова, дополнителна потврда за тоа е забрзаното спроведување на Реформската агенда, што е наведено и во овогодишниот извештај на Европската комисија.
Силјановска-Давкова изразила очекување дека интензивирањето на македонскиот пристапен процес и интеграцијата на регионот ќе биде приоритет на претстојните претседателства со Советот на Европската Унија, особено за време на претседателствувањето на Грција и Италија, како пријатели на Западен Балкан.

































