ФУДБАЛ
- Плејмејкерот на Реал Мадрид, откако беше изоставен од репрезентацијата на Франција за СП 2026, помина краток курс во Бизнис-школата на Харвард, пишува „Би-би-си“. „Неколку дена учење, слушање и растење. Благодарен сум за искуството во Бизнис-школата на Харвард“, напиша Камавинга
Едуардо Камавинга учествуваше во поинаков вид тренинг откако беше изоставен од репрезентацијата на Франција за фудбалското Светско првенство (СП), бидејќи плејмејкерот на Реал Мадрид помина краток курс за бизнисот на забавата, медиумите и спортот во Бизнис-школата на Харвард, пишува „Би-би-си“. Камавинга имаше 49-минутен настап како замена во финалето на Светското првенство во 2022 година, кое Франција го загуби на пенали од Аргентина. Но, додека неговите соиграчи се подготвуваат во нивната база во Масачусетс, Камавинга студираше пет милји подалеку, на Харвард.
Камавинга објави слики од престижната американска институција заедно со слика од неговиот сертификат. Објавата беше коментирана од други фудбалери, вклучувајќи го и соиграчот од Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, пишува „Би-би-си“.
„Неколку дена учење, слушање и растење. Благодарен сум за искуството во Бизнис-школата на Харвард“, напиша Камавинга.
Камавинга досега одигра 29 меча за Франција, откако дебитира кај селекторот Дидие Дешан во 2020 година, а неодамна во 29. меч влезе од клупата во пријателската средба (победа со 2-0) на дуелот со Колумбија во март. На прес-конференција по објавувањето на составот за Светското првенство годинава, Дешан ја објасни својата одлука да го изостави Камавинга.
– Неговата сезона, се разбира. Исто така, неколку повреди. И натпреварувањето, кое е многу, многу тешко. Не го доведувам во прашање неговиот потенцијал или за што е способен. Но,тој има право да ми се лути, го разбирам тоа – рече Дешан, пренесе „Би-би-си“.
Камавинга, кој освои две титули во Лигата на шампионите со Реал Мадрид, одигра 43 меча сезонава, пишува „Би-би-си“. Клупските колеги Килијан Мбапе и Орелиен Чуамени ќе ја претставуваат Франција на СП 2026, каде што утре ќе играат со Сенегал во нивниот прв натпревар на годинашниот Мундијал. Н.М.


































