Матеј Белистојаноски и Вероника Костовска

КАРАТЕ – ФИНАЛЕН ТУРНИР ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА ВО РАБАТ

  • Честитки за Белистојаноски, за борбеноста и за достојното претставување на Македонија на најелитната светска карате-сцена. Тој покажа карактер и квалитет, освојувајќи значајни бодови на светската ранг-листа, кои ќе му овозможат да остане меѓу 20-те најдобри во светот и да ја почне новата сезона со амбиции за пласман на Светското првенство и на Европските игри, потврдувајќи дека припаѓа во самиот светски врв. Костовска, иако не успеа да се пласира во четврт-финалето, покажа храброст, борбеност и желба за победа и достоинствено ја претстави Македонија. Секако, жалам поради тоа што не се пласира понатаму, но продолжуваме со уште поголема посветеност и работа да создаваме нови успеси во иднина, изјави тренерот Кузмановски

Најдобрите 32 каратисти во светот изминатиот викенд настапија на финалниот турнир во Премиер-лигата, најпрестижното натпреварување под капата на Светската карате-федерација (ВКФ). Самото учество меѓу најдобрите во светот претставува огромен успех и привилегија што годинава им припадна на македонските репрезентативци Матеј Белистојаноски, кој годинава стана европски првак во младинска конкуренција (до 21 година) во Лимасол, и Вероника Костовска, која во 2015 година во Цирих стана европска кадетска шампионка, и двајцата членови на КК Олимпик спорт 2007, а предводени од нивниот тренер и селектор на македонската репрезентација Александар Кузмановски.

Белистојаноски (категорија до 67 кг), кој беше во групата пет, почна со несреќен пораз од Петрос Карас од Грција. При резултат 2-2 победата му припадна на ривалот поради прв освоен поен, а потоа забележа две победи, прво над Алвисе Тониоли (4-3) од Италија и над Доминик Жуда (6-2) од Полска. Во групата во која дури тројца каратисти имаа по шест бода, понатаму отиде Италијанецот, поради поен-разлика од Белистојаноски.
– Честитки за Белистојаноски, за борбеноста и за достојното претставување на Македонија на најелитната светска карате-сцена. Тој покажа карактер и квалитет, иако остана без пласман во четврт-финалето, освојувајќи значајни бодови на светската ранг-листа, кои ќе му овозможат да остане меѓу 20-те најдобри во светот во неговата категорија и да ја почне новата сезона со амбиции за пласман на Светското првенство и на Европските игри, потврдувајќи дека припаѓа во самиот светски врв – изјави Кузмановски.

Костовска, пак, настапи во категоријата до 61 кг (група пет), со Барбара Хуакиман (4-4) од Чиле, Дуа Раби (3-5) од Германија и Емина Шиповиќ (1-4) од БиХ.
– Иако не успеа да се пласира во четврт-финалето, Вероника покажа храброст, борбеност и желба за победа и достоинствено ја претстави Македонија. Секако, жалам поради тоа што не се пласира понатаму, но продолжуваме со уште поголема посветеност и работа, да создаваме нови успеси во иднина – рече Кузмановски. Г.И.