Фото: ЕПА

ТЕНИС

Среде повиците на тенисерите за поголем дел од приходите, гранслем-турнирот Вимблдон објави зголемување од 20 отсто на вкупниот награден фонд и за шампионите во поединечна конкуренција, кои ќе заработат по 4,8 милиони долари на турнирот на трева годинава, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).

Вкупниот награден фонд, вклучувајќи ги и дневниците на играчите, ќе биде 85,8 милиони долари, што е најголемо годишно зголемување во историјата на турнирот, пишува АП.
– Се надевам дека играчите ќе го поздрават тоа. Тоа е значителна сума. Покажавме дека сме ги разгледале сите рунди, вклучувајќи ги и квалификациите. Се надевам дека играчите ќе препознаат какво значајно зголемување е ова – изјави претседателката на клубот Ол Ингланд, Дебора Џеванс, на прес-конференција.
Тенисерите долго време бараа поголем дел од приходите од четирите гранслем-турнири и неодамна почнаа да преземаат чекори кон колективна акција. Н.М.