ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (395)
Од ракометното минато (26)
- Во сезоната 1959/1960 кога Скопје имаше два прволигаша, едниот се спаси, другиот испадна. Искуството беше на страната на Работнички, а Графичар немаше сили во исцрпувачката сезона
Без оглед на тоа каква беше ракометната сезона 1959/1960, таа ќе биде запишана во аналите на македонскиот ракомет како една од најуспешните, во која Скопје имаше два прволигаша. Работнички, кој и во претходната сезона беше прволигаш, користејќи го искуството од минатото, а пред сѐ квалитетите на неговиот тренер Славко Матовски, на крајот на шампионатот ја освои одличната петта позиција, а Графичар како последен мораше да се раздели од друштвото на прволигашите. Ако за „железничарите“, кои зад себе имаа една прволигашка сезона, се веруваше уште пред почетокот дека ќе успеат, „графичарите“, пак, поради казната од три натпревари неиграње беа хендикепирани и уште пред почетокот „прежалени“. Трите пропуштени средби многу значеа за скопскиот тим во силната конкуренција, во која тешко можеа да фатат чекор со другите екипи. Казната од РСЈ го стори своето, но мора да се признае оти Графичар, и покрај испаѓањето, остави добар впечаток, а на неколку екипи им го „загорчи“ животот одземајќи им значајни бодови.
Но, да видиме како течеше пролетниот дел во кој Работнички, според изјавите на ракометарите, најавуваше сигурен опстанок, дури и пласман во горниот дел на табелата. Иако малкумина веруваа во тоа, сепак, со нетрпение се очекуваше пролетниот почеток.
Охрабрувачки почеток
„Железничарите“ уште во првиот настап ги стоплија срцата на своите симпатизери. Тие одиграа еден феноменален натпревар, во кој не само што ја совладаа фаворизираната Црвена звезда туку во текот на целиот натпревар не ѝ дадоа шанса ниту да здивне. Темпото што го наметнаа избраниците на Матовски тешко можеше да се следи, а во моментот кога Работнички имаше предност од дури осум гола на сите им стана јасно оти на крајот ќе има голема прослава на игралиштето во Градскиот парк. И така беше, Работнички пред повеќе од 2.000 гледачи ја оствари првата пролетна победа, со 18-13.
Овој натпревар, кој јас имав можност да го следам како член од атлетскиот клуб на ЖСД Работнички, како и сите други, особено ќе го паметам по две работи: едната е тоа што во тимот се појави тенискиот шампион Гаврил Штериев, што претставуваше големо изненадување за сите, а втората што извештајот од мечот во единствениот весник што во тоа време излегуваше на македонски јазик – „Нова Македонија“ беше напишан од перото на доскорашниот играч на Работнички, Тихомир Михајлов, кој беше и мој сосед, но со кого немав роднинска врска.
За успешниот и охрабрувачки почеток Тихо напиша: „Во текот на целиот натпревар Работнички постојано имаше водство, кое во еден момент беше изразено дури со осум гола. Тоа најубаво покажува кој беше тимот што ги диктираше настаните на теренот. Играта на домаќините беше квалитетна, брза и со смислени акции. Најмногу што одушеви беа нивната борбеност и залагање. Работнички и во кондициски поглед изгледаше поподготвено од белграѓаните, па така победата никако не можеше да биде испуштена. Единствено со таква игра Работнички ќе може да го избори опстанокот во лигата“. Ова беше извадок од текстот на големиот спортист Тихомир Михајлов, кој со душа и срце му припаѓаше на Работнички. Тој ги бранеше боите на клубот не само во ракометот туку и во кошарката. Впрочем, во неа неколку години, заедно со Цветан Петровски популарно наречен Куко, беа најдобриот бековски тандем во Македонија.
Во првиот пролетен натпревар најефикасен играч кај Работнички беше Томановиќ, кој постигна пет гола. Покрај него, во составот беа Ѓукиќ, Кратовалиев 4, Штериев, С. Матовски 2, Маерле 3, Загорац, Геровски 2, Н. Матовски 2, Фишиќ и Лојпур. И во овој состав се забележува дека покрај тенискиот шампион Штериев се наоѓаше уште едно име што не му припаѓаше на ракометот, туку на кошарката, Љубомир Фишиќ. Токму во тоа се состоеше мудроста на тренерот Матовски, кој знаеше да ги пронајде и искористи сите спортски капацитети за да го направи ракометниот клуб Работнички посилен и поконкурентен. Ваквите негови потези во почетокот беа прифаќани со сомнеж, но потоа, откако се виде оти се исправни, сите ги одобруваа.
Шампионот се извлече
Второто коло од пролетниот дел за малку ќе донесеше едно големо изненадување. Работнички, кој му гостуваше на актуелниот шампион Борац во Бања Лука, беше на прагот на победата. Според извештаите во „Спорт“ и во „Нова Македонија“, може да се заклучи дека ако Работнички однесеше бод, па дури и два, нема да беше незаслужено. Неочекувано, особено за домашните ракометари, а и за публиката, Работнички одиграл еден борбен натпревар, во кој скопјаните ги покажале сите свои квалитети. Да му се застане на патот на Борац, и тоа пред неговите гледачи, навистина беше реткост. Но Работнички успеа во тоа и сѐ до крајот ги држеше гледачите во неизвесност. Во извештаите, покрај другото, се истакнува извонредната игра на Кратовалиев, кој не му дозволил на репрезентативниот пивот Караџа ниту да трепне, а посебна приказна за себе бил голманот Ѓукиќ, кој се разбранил и успешно ги скротувал сите удари кон голот. Колку, пак, тие удари беа силни и тешко скротливи зборува и фактот оти нив ги упатувале кон голот корпулентните бекови Перовиќ и Сарачевиќ, две имиња од кои се плашеле сите голмани.
Но во спортот е потребна и среќа, како и објективно судење. Е, тие две работи на овој дуел скопскиот тим ги немаше. Во финишот среќата им го сврте грбот, а пристрасното судење потпомогна Борац да дојде до тешка победа со 11-10. Овој резултат донесе големо разочарување кај „железничарите“, иако сите ги величеа, а од публиката со аплаузи беа испратени од теренот. Сите коментари по мечот одеа кон тоа дека Работнички со ваква игра има големи шанси не само да се спаси од испаѓање туку и да постигне нешто повеќе.
Почнува вистинската битка
Ракометарите на Работнички полека влегуваа во ритам и со погледите беа свртени кон она што ги очекува. По настапот во Бања Лука сите во клубот сфатија оти сега е момент да се тргне во онаа вистинска борба по бодови. Но, сето тоа да се направи внимателно и за секој противник да се подготви тактика, која ќе го донесеше тимот до победа. Така и беше и веќе на следниот натпревар Работнички одигра тактички извонредно и пред своите гледачи ја „прегази“ екипата на сараевска Босна. Во натпревар во кој беше демонстрирана ефикасна игра, „железничарите“ славеа со 20-12. Со оглед на тоа што Босна беше искусен тим, високата победа ги израдува сите во таборот на Работнички. Најзадоволен беше стратегот Матовски, кој навистина на дуелот со Босна постави тактика со која ги изненади гостите, кои едноставно ништо не можеа да сторат. Гледачите уште од почетокот почувствуваа оти нивниот миленик, со играта што ја наметна, нема да има никакви проблеми. Инаку, Босна не беше нималку наивна екипа, таа во своите редови имаше искусни и прекалени играчи, некои од нив го облекоа и државниот дрес. Но на овој меч беа немоќни да му се спротивстават на разиграниот домаќин, во чии редови најефикасен и овој пат беше Томановиќ со шест, а веднаш зад него беше еден од најискусните играчи Миле Кратовалиев со пет гола.
По оваа победа, атмосферата во клубот стана многу попријатна. Меѓутоа, не требаше да се застане тука, напротив требаше уште многу да се игра, зашто до крајот остануваа уште седум кола и сѐ можеше да се случи. Веќе следниот настап беше голем предизвик за скопјаните. Навистина, во Скопје беше победена Босна, но дали ќе може на гостувањето во Сараево да се совлада и вториот прволигаш од овој град, Млада Босна? Е, тука на овој меч сараевчаните му се реваншираа на Работнички за поразот што му го нанесоа на нивниот „побратим“. Иако победата на Млада Босна не беше толку уверлива, 15-13, сепак, им нанесе болка на скопјаните. Причина за тоа беше повторно калкулантското судење со кое загрепскиот судија Шимоновиќ многу им помогна на домаќините.
По овој пораз, Работнички со 10 бода го задржа шестото место. Ова салдо не беше лошо, но далеку беше крајот. Затоа, во ниеден момент не смееше да има опуштање. Вториот скопски прволигаш Графичар, пак, како да загуби здив и по почетните три порази стана јасно оти графичарите ќе имаат тешка пролет.


































