Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, порача дека договорот постигнат меѓу САД и Иран не го обврзува Израел и дека земјата нема намера да се откаже од своите воени цели во Либан, пренесе „Ројтерс“.
– Договорот на Трамп не нѐ обврзува. Израел не им е потчинет на САД. Ние сме независна и суверена држава. Не сме страна во овој договор, кој не ја гарантира нашата безбедност. Не смееме да се повлечеме од ниту една територија во Либан што ја освоија нашите борци – изјави Бен-Гвир.
Неговата реакција доаѓа откако САД и Иран постигнаа прелиминарен договор за повторно отворање на Ормуската Теснина и за продолжување на кревкото примирје во конфликтот што со месеци го потресува Блискиот Исток.
Се очекува договорот да придонесе за стабилизирање на светските енергетски пазари преку непречено снабдување со нафта и природен гас, како и за намалување на притисокот врз глобалната економија.
Сепак, деталите од договорот сѐ уште не се јавно објавени. Иранските власти соопштија дека неговата примена нема да започне пред официјалното потпишување, кое според посредниците од Пакистан е предвидено за петок во Швајцарија.
Според дипломатски извори, договорот би можел да отвори пат кон поширока деескалација во регионот и евентуално завршување на конфликтите што во последните години однесоа илјадници животи и предизвикаа сериозни економски последици.
Меѓутоа, документот веќе се соочува со сериозни предизвици. Продолжените судири меѓу Израел и проиранското движење „Хезболах“ во Либан претставуваат една од најголемите закани за неговата имплементација. Дополнителни тензии предизвика и вчерашното израелско бомбардирање на јужните предградија на Бејрут.
Отворено останува и прашањето за иранската нуклеарна програма. Според информациите што досега се достапни, договорот предвидува 60-дневен рок за преговори околу залихите на високо збогатен ураниум и иднината на нуклеарните активности на Техеран.
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, потврди дека е постигнат договор, но нагласи дека неговата примена ќе започне дури по официјалното потпишување. Тој додаде дека во преговорите, покрај Пакистан, посредувал и Катар.


































