Економско-политичка опсервација на македонско-турскиот бизнис-форум во Турција
Кон операционализација на стратегиската политичка рамка
- Бизнис-форумот во Истанбул покажа дека следната фаза на македонско-турските односи ќе се мери преку инвестиции, инфраструктурни проекти, трговска размена и директни партнерства меѓу компаниите
Ако првиот столб на македонско-турските односи е стратешката политичка рамка, тогаш вториот столб е нејзината практична реализација. Токму таа димензија беше во фокусот на македонско-турскиот бизнис-форум во Истанбул, каде што политичките пораки добија конкретна економска содржина.
Директно поврзување на институциите и деловните заедници на двете земји
Форумот не беше замислен како протоколарен настан, туку како оперативна платформа за директно поврзување на институциите и деловните заедници на двете земји. Присуството на премиерот Христијан Мицкоски, повеќе ресорни министри и претставници на турската влада испрати сигнал дека економската соработка е поставена високо на агендата на двете држави.
Во последните години сè поизразена станува тенденцијата економската дипломатија да биде главен двигател на надворешната политика. Токму затоа и настапот на македонската делегација во Истанбул треба да се гледа како дел од поширока стратегија за активно привлекување странски инвестиции и отворање нови можности за домашната економија.
Посебна тежина има фактот што форумот беше организиран во рамките на проектот „Промоција на мапа за инвестирање“, чија цел е Македонија поагресивно да ги претстави своите предности пред меѓународната бизнис-заедница. Во услови на глобална конкуренција за капитал, видливоста станува исто толку важна колку и самите инвестициски поволности.
Македонија сака да биде препознаена како сигурен и предвидлив партнер за долгорочни инвестиции
Пораките упатени кон турските компании беа повеќе од јасни. Македонија нуди стратешка географска позиција, пристап до повеќе пазари, конкурентни услови за инвестирање, индустриски зони и институционална поддршка. Но уште поважно, државата сака да биде препознаена како сигурен и предвидлив партнер за долгорочни инвестиции.
Оттаму произлегува и интересот за секторите што беа во фокусот на форумот – инфраструктурата, енергетиката, индустријата, логистиката, производството, ИКТ-секторот и туризмот. Станува збор за области што имаат потенцијал да генерираат значителни мултипликативни ефекти врз домашната економија. Особено внимание привлече инфраструктурната компонента на разговорите. Македонија се наоѓа во период на значајни инвестиции во патната, железничката и енергетската инфраструктура, што отвора простор за учество на големи меѓународни компании. Повикот упатен до турските компании да се вклучат во идните тендерски постапки покажува дека Владата сака да ги искористи експертизата и финансиската моќ на турскиот приватен сектор во реализацијата на крупните развојни проекти.
Трговска размена во динамичен нагорен тренд
Дополнителен индикатор за потенцијалот на соработката е и фактот што трговската размена меѓу двете земји веќе достигнува една милијарда долари. Тоа е солидна основа, но и потсетник дека постои простор за понатамошно проширување на економските врски. Бизнис-форумот во Истанбул затоа може да се гледа како премин од политичка рамка кон практична имплементација. Доколку стратешкото партнерство ја обезбедува архитектурата на односите, ваквите форуми се механизмите преку кои таа архитектура се исполнува со содржина.
На крајот, успехот на ваквите иницијативи нема да се мери според бројот на говори или потпишани меморандуми, туку според бројот на реализирани инвестиции, отворени работни места, нови фабрики, зголемен извоз и заеднички проекти. Токму затоа форумот во Истанбул претставува важен чекор во процесот на претворање на долгогодишното пријателство и стратешко партнерство меѓу Македонија и Турција во конкретни економски резултати со долгорочна вредност за двете земји. Е.Р.
Клучни договори од турско–македонскиот бизнис-форум во Истанбул
На министерско ниво, Македонија и Турција усогласија конкретни чекори за продлабочување на економската и транспортната соработка. Меѓу најзначајните договори е воспоставувањето директна авиолинија на „Аџет“ меѓу Анкара и Скопје, што треба да придонесе за поголема мобилност на бизнис-заедницата и развој на туризмот.
Во железничкиот сектор е договорена соработка меѓу турските државни железници (ТЦДД) и „МЖ Инфраструктура“, со цел да се подобрат поврзаноста и да се олесни транспортот на стоки меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдија заложбата за зајакнување на партнерството во транспортот, логистиката и цивилното воздухопловство, како и за реализација на проекти што ќе ги унапредат регионалните транспортни коридори.
Министрите за трговија и транспорт на Турција и Македонија ја истакнаа заедничката цел билатералната трговска размена да достигне 2 милијарди долари. Посебен акцент беше ставен на поддршката на турските инвестиции во Македонија и создавањето подобри услови за деловна соработка.
Според министрите Болат и Николовски, новите проекти во областа на трговијата, инфраструктурата и инвестициите ќе придонесат за посилна економска интеграција, поголема поврзаност и заеднички развој на Балканот. Е.Р.


































