Еднаш мизерија, секогаш мизерија

ЃУБРЕ (4)

  • И загадениот воздух е ѓубре. Дрогата е ѓубре. Немањето вода во Гостивар е ѓубре. Шовинизмот е ѓубре. Приватизацијата е ѓубре. Цигарите се ѓубре. Лошото образование е ѓубре. Партиите се ѓубре. Лошите старски домови се ѓубре. Лошата храна е ѓубре. Епидемијата од семејно насилство е ѓубре. Чаре? Антидекаденција и антипримитивизам

Според Фројд, основата на нагонот за живот е љубов (либидо). Значи љубовта еротска е прогенитор на животот – ДНК на постоењето. Кај нас по сѐ изгледа најголем ерос без кој не се живее е – мизеријата. Еднаш мизерија, секогаш мизерија. Од Балкан до Балканкан. Во кој ерос најмногу се вљубени нашите интелектуалци и политичари? Интелектуалците во џихадот (Хамас, Хезболах, Иран), а политичарите – во ѓубрето. Тоа е егзистенцијализам на бедата. Еве, вака беше: си одиме низ Пластичарската улица и си велиме – браво, браво, сѐ е исчистено! Ама на крајот таму до американската амбасада, нашиот партнер, а и до царот-над-царевите Али Ахмети – глеј – ѓубре… купишта, рид со првокласно, валкано, смрдливо ѓубре. Фала богу, јас се загрижив дека целото ѓубре го тргнале од градот… а велат идната година ќе нема вештачко ѓубре (од љубениот ни Иран), па Европа ќе гладува! Замисли – ние си имаме улично домаќинско ѓубренце и ќе си имаме храна! Не од канти да собираме, туку оригинал од улична депонија! Значи, мојот колега што пред 70 години компонира „ода за ѓубрето“ е прав Ајнштајн. А во Клиничкиот центар? Бре-бре го исчистиле! Ама бактерии откај оградата на Белградска улица си се цедат – право кај децата и на Хематологија – колку оние со леукемија да не останат без инфекции (заедно со интрахоспиталните). А тие интрахоспитални инфекции и вецињата… ај, другпат ќе зборуваме. И загадениот воздух е ѓубре. Дрогата е ѓубре. Немањето вода во Гостивар е ѓубре. Шовинизмот е ѓубре. Приватизацијата е ѓубре. Цигарите се ѓубре. Лошото образование е ѓубре. Партиите се ѓубре. Лошите старски домови се ѓубре. Лошата храна е ѓубре. Епидемијата од семејно насилство е ѓубре. Чаре?
Антидекаденција и антипримитивизам. Македонија е културен џин со грижа од џуџе! Кај некои мистични секти во Азија бедата е култ, свето измачување, пургаториум (чистилиште) што води од пекол кон спас. Кабалистот пророк Натан од Газа во 17 век, кога го видел загадениот Вардар, рекол „од овде ќе почне рајот“. Ах рају мој, да те видех, па да си летнех. Да ми ја запеат кон спасот „Јовано, Јованке…“ да си помислам дека сум во рајот. Значи, политичарите наши милички слатки со транзицијата и ѓубрето ги спасуваат младите генерации. Разбирате ли, луѓе бе, ееееј! Претседателот Трамп се фали дека со санкции на Куба ги покрил градовите во ѓубре. Ајде бе, Кубанците можат кондури да ни чистат.

Собрале купишта кутии, стари машини, шпорети… а бе, ние си имаме ѓубре бе – од храна, убаво, смрдливо, „ком ил фо“ што би рекла тетка ми во Париз. А тие во Париз си имаат оригинал џихадисти со нивното си ѓубре (ќе ни ги насадат еден ден и кај нас оти нашата интелигенција ги обожава). Можеби од Азија кога ќе дојдат мигранти во иднина ќе ни донесат ново ѓубре… ќе ни ги бувнат де, што се грижите… и онака нема кој да работи физичка работа. А и по патиштата има депониичиња од по 10-20 метра. Снимајте, бе – спремајте се за предвремени избори! Па, избори де – па треба ли некое милионче да се тутне во џеб? Политичарите го љубат ѓубрето, а мафијата дрогичката. А сите заедно ги љубат џихадистите. Потоа мазутот од најзаден квалитет ценовно ќе падне, па ќе рипне… туууу ни Светска банка не може да се рамни со нашиве финти. Уште ли е на Љупчо со „Окта“, нели беше само за 20 години? А карциномите? Од багра-мазутот, де? Ај, бе Самуеле, тоа задача е. Петтата колона ќе ја труе Македонија. Мислам дека и скапано месо треба да закачат во депониите и улиците – она што го увезуваме, па школи со деца да доаѓаат да видат како месо (симбол на суровоста во животот) сликале Рембрант и Сутен! Култура, бе бате – култура си имаме ние стара античка, а не онаа Европа џихадистичка! Треба тие деца со школи да ги носат кај Пластичарска, да видат ѓубре бе, а не во музеи или галерии. Па, утре кога ќе бидат политичари да имаат шарена тема за пропаганда, а не само за Бугари. А кога сме кај Бугарите, имам една „шпиц“ идеја за нив – да им дадат бугарски пасоши на Иранците (нели Бугарите велат дека се Персијци), па цела Европа да стане џихад, а ние ѓубре ќе им продаваме. Ќе имаат гласови и за идната Евровизија. Можеби и Митра, Заратустра, Мазда и Мардук ќе ги донесат. А да ве прашам – в година ќе одите ли на Евровизија во Софија? Од друга страна и Али може на Пластичарска да ги сретне децата и учителките, па да им залауфи малку за јазикот. А депониичето на Водњанска или Мајка Тереза (како сакате) спроти Институтот за ТБЦ го покриле да не се гледа – срамота – па пуштете го да се гледа бре!

А кучињата пак си вршат нужда пред врата – ги молиме газдите да го прават тоа негде на друго место, ама тие „фрррц“ – пред врата, демек да искажат колку ме почитуваат. Ех, што ти е култура! А оние „расните“ кучиња си касаат, си касапат деца. Една порака до комплексираните газди: ако не можеш волци, чувај бесни кучиња. Така си силен – повик на дивината! Еееј глувците ги заборавивме – тие се добри за одгледување на хантавирусот, па и за чумичка, која си тлее во Јужна Америка, може и да букне и да се шири – колку да се сетиме на Монровата доктрина. Ама еболата не ги фаќа глувците за пренос… штета! Значи разузнавачките служби не ги бива. Затоа Тутси Габард си отиде. Кој ги плаќа демонстрациите кај нас и во Албанија? Иран, бе, љубениот! Не грижете се, де – ѓубре, дрога и шовинизам ќе има и ќе има, што би рекол царот Али, „како и досега“!

Проф. д-р Самуел Садикарио Колономос