Сашко Потер Мицевски, директор на Агенцијата за филм
Какви реформи успеавте да имплементирате откако сте директор на Агенцијата за филм?
– Од моето доаѓање на позицијата директор во јуни 2025 година, фокусот беше ставен на стабилизирање на институцијата и враќање на нејзиниот кредибилитет и во јавноста и во односите со другите институции. Тоа беше предуслов за сè друго. Со конзистентен пристап успеавме да ја вратиме довербата, што директно придонесе кон обезбедување зголемен буџет и посолидна финансиска основа за поддршка на филмската дејност. Паралелно, активно работевме на имплементација на препораките од Државниот завод за ревизија за 2024 година. Еден од клучните чекори беше поедноставување на процедурите за аплицирање, со цел да се направи системот подостапен, особено за новите и помладите филмски автори. Истовремено, инсистираме на усогласеност со законските и подзаконските акти, за да се обезбеди фер и транспарентна распределба на средствата. По пауза од четири години, спроведовме и целосен попис на институцијата, со што добивме реална слика за финансиската и материјалната состојба, нешто што е основа за секое одговорно управување. На меѓународен план, Агенцијата повторно доби видливост и кредибилитет. Остваривме силно присуство на фестивалите во Венеција и во Берлин, а финансиски ја поддржавме и кампањата за филмот „Приказната за Силјан“. Дополнително, започнавме процес на дигитализација. Ова е важен чекор кон поефикасна, транспарентна и модерна администрација. Во едукација и кадар, потпишавме меморандум со Бирото за развој на образованието, со кој македонскиот филм ќе стане дел од образовниот систем, мотивирајќи ги новите генерации на филмски работници да предводат силна следна генерација автори.
Почнавме и со процес на креирање национална стратегија за филмска дејност во која се вклучени врвни истакнати поединци од филмската дејност, со цел јавноста да биде запознаена кон јасна визија за работењето на институцијата во наредните неколку години.
Минатата година ја прогласивте за една од најпродуктивните години за нашата кинематографија…
– Успеавме да ја откочиме институцијата по мораториумот на конкурсите во 2024 година и повторно да го ставиме системот во функција. Она што со особена гордост го издвојувам е обемот на продукција. Се снимаа пет долгометражни филма: „Потстанар“ на Марко Ѓоковиќ, „Договор“ на Сенад Абдули, „Човек против јато“ на Тамара Котевска, „Збогум, Копакабано“ на Милчо Манчевски, како и започнувањето на „Голиот Рид“ на Игор Алексов. Паралелно, се реализираа и значителен број краткометражни и документарни филмови, што покажува здрава и раздвижена сцена на сите нивоа. На меѓународен план, резултатите беа повеќе од охрабрувачки. Филмот „Диџеј Ахмет“ освои две награди на „Санденс филм фестивал“, „Maјкa“ имаше премиера на филмскиот фестивал во Венеција, а „Сите го викаат Реџо“ бележеше силен фестивалски живот низ Европа. Но можеби најважниот успех не е мерлив со бројки и награди. За првпат по подолго време се почувствува вистинско обединување меѓу филмските работници, нешто што ретко се случува, но е клучно за развојот на една мала кинематографија како нашата. Создавањето неутрална и здрава средина за творење останува приоритет, бидејќи без тоа ниту еден систем, колку и да е добро поставен, не може да даде вистински резултати.
Кој е најголемиот предизвик со кој се соочува Агенцијата за филм?
– Да воспостави долгорочна стабилност во систем што со години функционирал со прекини, недоверба и непредвидливост. Кога една институција ќе изгуби континуитет, не страда само администрацијата туку целиот екосистем на автори, продуценти и креативци. Паралелно со тоа, сериозен предизвик е да се балансираат очекувањата на филмската заедница со реалните буџетски можности. Интересот и квалитетот на проектите растат, што е позитивен сигнал, но средствата се ограничени, па одлуките мора да бидат јасни, аргументирани и транспарентни за да се задржи довербата. Дополнително, се соочуваме и со одредена закржлавеност во административното работење, како и со законски и подзаконски рамки што не секогаш го следат темпото на современото функционирање и штитат мрзливи поединци. Во одредени случаи, тие создаваат простор за неефикасност и не придонесуваат доволно кон поттикнување проактивност и одговорност. Тоа, пак, може да влијае на мотивацијата, особено кај помладите професионалци ангажирани со договор на дело, кои вложуваат значителна енергија и ентузијазам во секојдневната работа и носат свежина што ѝ е неопходна на институцијата. Затоа, покрај структурните реформи, неопходно е да се работи и на создавање функционална и правична работна средина, каде што трудот и иницијативата се препознаваат, а системот ги поддржува оние што придонесуваат. Само така може да се изгради институција што е ефикасна, отпорна и во служба на развојот на македонскиот филм.
Во еден наврат спомнавте дека е крајно време да се врати публиката во кината, дали имате некоја стратегија околу ова прашање?
– Ова е една од најчувствителните теми и, реално, една од најголемите слабости во нашиот систем. Македонскиот филм има успеси на меѓународна сцена, но, парадоксално, често не стигнува до сопствената публика. Факт е дека само мал процент од филмовите, околу 5 отсто, се прикажуваат на фестивали од А-класа, додека преостанатите завршуваат на помали фестивали, со што формално се исполнува обврската кон Агенцијата. Во пракса, тоа значи дека филмовите не доаѓаат до македонската публика, иако се финансирани со јавни средства. Исклучоци постојат, а тие најчесто зависат од ентузијазмот на поединечни продуценти, кои самостојно организираат проекции низ домови за култура, алтернативни простори или комерцијални кина. Како институција, веќе презедовме конкретни чекори. Воведовме мерка со која успехот во дистрибуцијата и достапноста до публиката се вреднува значително повеќе при евалуација на нови проекти, со што се обидуваме да создадеме реален поттик филмовите да живеат и по фестивалите. Паралелно, работиме и на инфраструктурата, која е суштински проблем. Во изминатиот период ги повлековме проекторите што пред повеќе од една деценија им беа доделени на домовите за култура низ државата, а во голем дел од случаите не се користеа или договорите беа истечени. Истите тие сега се сервисираат и ќе бидат повторно распределени, но со јасен услов, тие простори да обезбедат редовни и бесплатни проекции на македонски филмови финансирани од Агенцијата. Целта е едноставна, публиката да има пристап, да може да гледа, да критикува, да сака или да не сака. Бидејќи без публика, филмот останува само извештај, не уметност. Дополнително, веќе воспоставуваме соработка со едно од поголемите кина во државата, каде што во текот на целата година еднаш неделно ќе се прикажуваат македонски филмови по селекција на Агенцијата, со бесплатен влез. Ова е дел и од програмата за одбележување 20 години од постоењето на институцијата. Она што ни е потребно на долг рок е јасна стратегија за дистрибуција, развој на кинокултура и партнерство помеѓу институциите, прикажувачите и авторите. Филмот не завршува со премиера на фестивал, туку започнува таму. Вистинскиот живот го добива кога ќе стигне до својата публика.
Каков е вашиот став кога станува збор за регулирањето на статусот на филмаџиите, кои не влегуваат под ниеден закон, а без нив филмот е невозможно да се реализира?
– Ова е едно од најсуштинските и најдолго игнорирани прашања во нашата кинематографија. Статусот на филмските работници е комплексен проблем, кој со години се обидува да се отвори, но без конкретен институционален исход. И покрај напорите на Друштвото на филмски работници на Македонија, решението сè уште изостанува. Реалноста е доста сурова. Филмските работници практично не постојат во системот како формално препознаена категорија. Тие не се на маргините, туку надвор од рамката. За разлика од други уметнички дејности, тие немаат континуирани приходи, туку зависат исклучиво од проекти, кои по својата природа се временски ограничени и недоволни за долгорочна егзистенција. Она што како агенција го правиме во моментов е отворање процес за системско препознавање на филмските професии. Поведуваме иницијатива за нивно формално вклучување и ажурирање во рамките на Државниот завод за статистика, што е прв, но клучен чекор кон нивно институционално признавање. Сепак, тоа е само почеток. Потребно е пошироко решение, кое ќе вклучува и зголемување на буџетот, но и создавање модел во кој дел од филмските работници, особено техничките екипи, ќе имаат континуирана ангажираност и пристап до пензиско и здравствено осигурување. Во минатото, НУФЦ „Вардар филм“ имаше потенцијал да игра таква улога, но, за жал, со години не е функционална. Во моментов единствен делумен механизам е конкурсот за самостојни уметници при Министерство за култура и туризам, кој обезбедува придонеси за одредени авторски профили како режисери, директори на фотографија, монтажери и сценаристи. Но голем дел филмски работници, особено техничките професии, остануваат надвор од овој систем. Ова е прашање што бара храброст за реформа, но и реална координација помеѓу институциите. Постојат идеи и модели што може да се применат и јас сум уверен дека со вистински пристап може да се дојде до решение што ќе донесе достоинство и сигурност за луѓето без кои филмот едноставно не може да постои. И на крајот, ова не е апстрактна тема за мене. Доаѓам од таа фела и многу од овие луѓе се мои долгогодишни колеги. Затоа ова прашање не го гледам само како директор туку и како некој што многу добро знае како изгледа реалноста зад камерите.
Дали сметате дека новите генерации носат нов бран, нова визија, поинаков израз?
– Македонскиот филм денес се темели на жилавоста и упорноста на младите филмски работници. Тие израснаа со силен пример од неколку генерации пред нив, автори што имаа визија и квалитет, но, за жал, немаа услови и систем што ќе им овозможи вистински да се развијат и да ги туркаат работите напред.
Нашата генерација има една клучна предност, ние сме интернет-генерација. Филмовите ни беа достапни, референците ни беа блиску и многу побрзо научивме да препознаваме што е квалитет, а што не. Тоа создаде автори што не чекаат дозвола да бидат добри, туку едноставно го прават тоа. Кога ќе помислам дека живееме во време во кое творат Тамара Котевска, Георги Унковски, Марија Апчевска, Дина Дума, Косара Митиќ и многу други, искрено, не би го користел зборот „бран“. Ова повеќе личи на цунами. Тоа се автори што веќе имаат сериозен спотлајт во Европа и светот и постои реална возбуда кога се спомнува македонски филм. Парадоксално, таа возбуда најмалку се чувствува дома. Она што ги обединува е јасниот авторски печат. Тоа се гласови што не се плашат од никаква дефиниција за „национален филм“, бидејќи филмовите што ги создаваат веќе се, факт, национален интерес.
Како да се подигне филмот на повисоко ниво?
– Годинава се фокусираме на неколку клучни цели што сметам дека се од суштинско значење за развојот на македонскиот филм. Прво, потребни се итни законски промени што ќе му овозможат на режисерот да добие заслужен кредибилитет. Во европскиот контекст, режисерот е на врвот на пирамидата, додека кај нас сè уште е маргинализиран. Истовремено, неопходно е да се создадат услови за млади продуценти да растат, без да бидат сопнати од административни формализми. Со растот на буџетот се отвора можност за поголема продукција, но и за разнолики конкурси што ќе стимулираат филмска критика, експериментален филм, киноприкажување и слични активности. Очекуваме со новиот закон 3 отсто од приходот од лотаријата да се насочат во буџетот на Агенцијата, што ќе обезбеди стабилна и континуирана поддршка за филмската дејност. Но најважно останува обединувањето на филмските работници. На чекор сме од избор на нов лидер на Друштвото на филмски работници на Македонија, и двата кандидата се млади, успешни и кредибилни професионалци. Друштвото не смее да дозволи агресија или поделеност да го запре патот на прогресот. Само со единство и заеднички напор македонскиот филм може да се подигне на повисоко ниво.
































