Македонскиот конзорциум за Украина – нов геоекономски момент што не смее да се пропушти (4)
- Доколку Македонија успее да ги обедини компаниите, институциите и стручните кадри околу неколку јасно дефинирани сектори, шансите за учество во реконструкцијата на Украина значително ќе се зголемат. Економистите нагласуваат дека е потребно внимателно избирање на секторите во кои македонските компании веќе поседуваат искуство, кадар и конкурентски предности. Во услови кога реконструкцијата ќе опфати инфраструктура, енергетика, индустрија, дигитализација и модернизација на институциите, постојат најмалку пет области во кои Македонија би можела да оствари најголеми економски придобивки
Додека европските држави веќе ги позиционираат своите компании за учество во реконструкцијата на Украина, за Македонија сè поактуелно станува прашањето каде реално може да го најде своето место во потенцијално најголемиот економски проект на Стариот Континент во 21 век, односно во обновата на разурнатата од војна држава што ќе следува по доаѓањето на мирот.
Економистите нагласуваат дека е потребно внимателно избирање на секторите во кои македонските компании веќе поседуваат искуство, кадар и конкурентски предности. Во услови кога реконструкцијата ќе опфати инфраструктура, енергетика, индустрија, дигитализација и модернизација на институциите, постојат најмалку пет области во кои Македонија би можела да оствари најголеми економски придобивки.
Градежништвото нуди најдиректен влез во украинската реконструкција
Првиот и најочигледен сектор е градежништвото. Обновата на патишта, мостови, станбени комплекси, индустриски капацитети и комуналната инфраструктура ќе бара илјадници изведувачи и подизведувачи. Иако македонските компании нема да бидат носители на најголемите проекти, тие сепак можат да имаат значаен удел.
Експерти со кои разговараше редакцијата на „Нова Македонија“ укажуваат дека обновата на Украина би била голема шанса за македонските градежни компании, потенцирајќи дека меѓу нив има компании со големо и богато искуство во повеќе сфери од градежниот сектор.
– Обновата на Украина е голема можност и за македонските градежни компании. Во обновата може да се вклучат некои поголеми градежни фирми што имаат капацитет да одговорат на потребите. Освен тоа, може да се направи конзорциум од повеќе градежни фирми за да има повеќе работна сила, а и техничката подготвеност ќе биде поголема. Но за да се случи тоа државата треба да даде банкарска гаранција. Ако државата даде банкарска гаранција и ако има интерес, градежните компании можат многу да профитираат, а бенефит ќе има и македонската економија – објаснува Никола Велковски, сопственик на градежна фирма и градежен експерт.
Македонските фирми располагаат со искуство во нискоградба, високоградба, проектантски услуги и инженерски надзор. Дополнителна предност претставува фактот што некои од нив веќе имаат искуство на регионални и меѓународни пазари.
Секој инфраструктурен бум создава огромна побарувачка за градежни материјали. Цемент, челик, изолациски материјали, метални конструкции, кабли, цевки, санитарна опрема и други производи ќе бидат потребни во огромни количества. Македонската индустрија веќе располага со капацитети во повеќе сегменти од овој синџир. Наместо да настапуваат поединечно, домашните производители би можеле преку идниот македонски конзорциум да обезбедат подобра видливост и полесен пристап до големите нарачатели. Во вакви услови не е пресудно кој произведува најмногу, туку кој навреме успева да стане дел од синџирот на снабдување.
Токму затоа градежништвото се смета за сектор со најбрз потенцијал за директно учество во реконструкцијата.
Логистиката и транспортот ќе бидат од особена важност
Реконструкцијата на Украина ќе подразбира транспорт на огромни количества материјали, опрема и производи. Во тој процес транспортните и логистичките компании ќе бидат составен дел од синџирот на снабдување.
Македонските компании можат да бидат специјализирани партнери во регионалните транспортни коридори, складишни услуги, шпедиција и организација на меѓународен товарен транспорт. Со развојот на новите европски коридори кон Источна Европа, логистичкиот сектор може да стане еден од добитниците од овој процес.
Енергетиката нуди долгорочни можности
Енергетската инфраструктура е меѓу најпогодените сегменти во Украина. Нејзината обнова ќе бара големи инвестиции во електроенергетски системи, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и модернизација на дистрибутивните мрежи. Македонските компании располагаат со експертиза во проектирање, инженеринг, одржување и имплементација на помали енергетски системи.
Енергетскиот сектор во Украина нуди историски можности за инвестиции, фокусирани на обнова и децентрализација. Програмите за поддршка, вклучувајќи го фондот на ЕУ од 50 милијарди евра (Ukraine Facility), ги насочуваат инвестициите кон изградба на обновливи извори, батериски системи и паметни мрежи.
ИТ-индустријата може да стане еден од најголемите добитници
Украина пред војната беше препознаена како една од водечките европски ИТ-дестинации. Поради тоа, дел од реконструкцијата нема да биде само физички, туку и дигитален. Ќе биде потребна модернизација на јавната администрација, локалната самоуправа, финансиските системи, образованието и здравството.
Македонските ИТ-компании веќе работат за странски пазари и располагаат со кадри што можат да понудат софтверски решенија, дигитални платформи, сајбер-безбедност и системска интеграција. Во споредба со многу други индустрии, токму ИТ-секторот овозможува учество без значителни логистички трошоци и без потреба од физичко присуство на терен.
Истовремено македонскиот ИКТ-сектор е еден од најсилните двигатели на економскиот раст, со вкупни приходи од 1,77 милијарда евра и извоз од 676 милиони евра во 2025 година, според анализата на МАСИТ за состојбите во македонската ИКТ-индустрија. Дамјан Манчевски, членот на Управниот одбор, укажува оти секторот бележи раст од 7,02 отсто кај приходите и 7,13 отсто кај извозот во однос на претходната година. Во индустријата работат 24.134 вработени во 3.367 активни компании.
Земјоделството и прехранбената индустрија отвораат значајна можност
Земјоделството и прехранбената индустрија исто така претставуваат голема можност. Иако Украина е еден од најголемите земјоделски производители во Европа, периодот на реконструкција ќе создаде значителна побарувачка за различни видови прехранбени производи, земјоделска механизација, системи за наводнување, расаден материјал и агротехничка експертиза.
Македонските компании од агросекторот можат да воспостават партнерства со украински производители и да обезбедат присуство на пазар што во иднина може да стане еден од најголемите во Европа.
Време е за избор на приоритети
Економските аналитичари нагласуваат дека за македонските компании ќе биде потребно усвојување заедничка стратегија со јасно дефинирани приоритети за обновата на Украина.
– Во големите економски циклуси најуспешни не се оние што се обидуваат да бидат присутни насекаде, туку оние што навреме ги избираат своите приоритети и ги концентрираат ресурсите таму каде што имаат најголеми шанси за успех – велат познавачите на состојбите.
Токму затоа формирањето македонски конзорциум за Украина, национален центар за координација и активна мобилизација на дијаспората добиваат дополнително значење. Доколку Македонија успее да ги обедини компаниите, институциите и стручните кадри околу неколку јасно дефинирани сектори, шансите за учество во реконструкцијата на Украина значително ќе се зголемат.
Обновата на Украина ќе биде економска приказна што ќе трае со години, можеби и со децении. Прашањето повеќе не е дали ќе има можности, туку дали Македонија навреме ќе ги препознае секторите во кои може да создаде најголема додадена вредност и да обезбеди место во процесот. Е.Р.

































