Што ни открија петте изданија на „Досиејата на Твитер“? По преземањето на Твитер, Илон Маск тврди дека оваа социјална мрежа ќе го промени начинот на функционирање и дека таа ќе се преобрази во платформа за комуникација што ќе биде најблиску до либертаријанскиот идеал за апсолутна слобода на изразувањето. За таа цел, најнапред тој пристапи кон внатрешно прочистување на компанијата. Треба да се поздрави неговата промисленост да им ја довери целокупната внатрешна комуникација на компаниските цензори на Твитер на неколкумина извонредни новинари, кои досега останаа доследни на својот животен повик, па со ништо не ја извалкаа новинарската професија. Мат Таиби, Мајкл Шеленберг и Сузи Вајс се најизвикани членови на тимот новинари – истражувачи на кои им бил овозможен непречен увид во внатрешната комуникација на компанијата (главно дигитална, преку електронска пошта или со популарната бизнис–алатка за комуникација наречена Слек). Според нивниот договор со Илон Маск, тие имале само еден и единствен услов за соработка, а тоа било прво да ги објавуваат своите истражувачки стории на самиот Твитер. Новинарите излегоа со пет нишки, од кои првата се однесуваше на „закопувањето“ на приказната за лаптопот на Хантер Бајден, синот на актуелниот американски претседател, втората за тајните црни листи на оваа социјална мрежа, а следните три за најконтроверзната одлука во историјата на Твитер, односно „деплатформирањето“ (забраната за објавување) на Доналд Трамп, кој во тоа време сè уште активно ја врши должноста претседател на САД.
Нема да навлегувам кои се целите на Илон Маск. Можеби целиот негов обид за преобразба на Твитер ќе заврши со катастрофален неуспех, а можеби и тој самиот ќе се претвори во нов и уште поопасен корпоративен цензор на слободата на изразувањето. Меѓутоа, во моментов тој е вистински херој затоа што му покажа на светот колку далеку отишле државните органи, приватниот бизнис и политичките партии во ограничувањето на слободата на изразувањето. Орвелијанската дистопија ни станала реалност на нашето живеење, тивко, постапно и со наша премолчена согласност.
Но да појдеме од почеток… Сторијата на изгубениот лаптоп на Хантер Бајден, синот на актуелниот американски претседател, беше објавена од дневниот весник „Њујорк пост“. Според овој конзервативен американски таблоид, содржината на овој лаптоп, оставен од газдата во еден сервис за поправање компјутери, открива матни зделки и сомнеж за корупција, трговија со влијание и злоупотреба на службена должност од тогашниот демократски кандидат за претседател на САД, Џо Бајден. Но тогаш раководството на Твитер носи одлука да ја задуши оваа објава, со тоа што ќе ја избрише од социјалната мрежа, ќе забрани нејзино споделување јавно на самата мрежа, но дури и во приватните пораки помеѓу корисниците на Твитер. Буквално, дечишта што биле на високи позиции во Твитер одлучуваат да ја задушат целата вест, делумно по барање на изборниот штаб на Џо Бајден и на американските демократи. Само за потсетување, тогаш откритијата од изгубениот лаптоп беа оценети како руска измама, а на американските ТВ-мрежи и во водечките дневни весници се јавија многу „експерти“ од разузнавачката заедница што ја „докажуваа“ оваа теза. Подоцна излезе дека целиот текст на „Њујорк пост“ бил вистинит, а дека на американската јавност ѝ била ускратена дебатата за овие наводи што можеа да го променат исходот на тогашната претседателска трка.
Втората објавена нишка се однесуваше на тајните црни листи на Твитер, па се виде како компанијата оневозможувала определени теми да се појавуваат како тренд во мрежата, а купишта профили на врвни професионалци и новинари биле потиснувани од моќните алгоритми на мрежата и не биле споделувани со корисниците. На тој начин, повторно дечиштата од Твитер си играле господари со глобалното јавно мислење.
За последната одлука околу Трамп не е ни потребна посебна дебата. Без никакво валидно образложение, претседателот на САД е тргнат од Твитер и му е оневозможен контакт со неговите приврзаници, но и комуникација со целокупната глобална јавност. Притоа, сето тоа е направено наспроти внатрешните правила на Твитер, без никаков судски налог или друго барање од американското правосудство. Едноставно, „кадија те тужи, кадија ти суди“. Дечиштата од Твитер биле обвинители, суд, апелација и џелат.
Токму тука е опасноста за слободата на изразувањето во 21 век. Досиејата на Твитер ни покажаа дека цензурата се дигитализирала и се приватизирала. Во пазувите на најмоќните социјални мрежи постојат тела што одлучуваат што може да биде објавувано, што може да биде проширувано и што е тренд. Притоа, не одлучуваат некои софтверски алгоритми, туку одлучуваат некои мрачни ликови што глумат господари на нашите мисли, нашата култура и на нашите дебати (овие патетични поединци веднаш побрзаа да се самопрогласат за жртви откако новинарскиот тим ги објави нивните имиња и презимиња, како и нивната внатрешна меѓусебна комуникација).
Кои се тука импликациите за Македонија? Нема никогаш да дознаеме како функционирале најупотребуваните социјални мрежи во Македонија за време на скорешните наши преломни настани, како „шарената револуција“, Преспанскиот договор, референдумот, срамните избори од 2020 година, вклучувајќи ги и сегашните случувања. Видовме дека некои непознати „вистиномери“ се таму ангажирани од Македонија за да ни глумат цензори, а секако дека целокупната вистина е затрупана и, во моментов, недостапна за истражувачите.
Но јасно е дека и кај нас дејствувале дигиталните цензори, како државните така и овие приватизираните. Оттука, за Македонија е клучно да влезе во целата оваа тематика и законски да ја регулира сферата на социјалните мрежи. Во ова време-невреме на општествено прифатена цензура ќе биде многу тешко македонската јавност да се избори за слобода на изразување, но таа останува единственото орудие што ни стои на располагање во борбата за нашата вистина и за нашата слобода.
Досиејата на Твитер покажаа колку е гнил светот на социјалните мрежи и колку секојдневно ни се дозира и ни се ускратува слободата. Борбата за слободен печат е клучна за слободата на човештвото и во ерата на дигитализацијата. Нам ни останува само да го поплочиме и да го изодиме македонскиот дел од оваа клучна борба за слобода.
Ивица Боцевски