Дебата
Во програмата на неодамнешниот 17. фестивал на креативен документарен филм „Македокс“ се одржаа два мастеркласа, еден од нив беше „Сè што ги обликува документарците“ со Мигел Еек и Ксавиер Марадес, чии филмови „Амилкар“ и „Роење птици“ беа дел од отворањето на програмата Земја во фокус – Шпанија. Мигел Еек е филмски автор роден во Мадрид во 1982 година. Растел меѓу Мајорка, Стокхолм и Барселона, каде што дипломирал документарна режија на Филмската и аудиовизуелна школа на Каталонија (ЕСЦАЦ). Во 2008 година ја основал продукциската куќа „Мозаик“, специјализирана за документарен филм, преку која ги продуцира своите филмови, како и делата на други автори. На почетокот на мастеркласот зборуваше за својот филм „Амилкар“. Станува збор за остварување што го прикажува легендарниот африкански антиколонијален револуционер Амилкар Кабрал како организатор и интелектуален водач на движење, чија визија ја разбиваат внатрешните борби за моќ и смислената субверзија, што на крајот кулминира со негово убиство. Мотивот за правење на филмот била личната фасцинација како од утопија може да се стигне до револуција. Тој појасни дека во филмот се употребени 50 проценти архивски материјали и 50 проценти вистински сведоштва и визуализации. Зборуваше и за други свои филмови, како и за филм посветен на неговиот татко.
Ксавиер Марадес е документарен филмски автор од Каталонија. Авторскиот пристап во создавањето филмови му е личен и непосреден, заснован на долгорочни односи со луѓето и местата што ги снима. Неговите филмови ги истражуваат темите на сеќавањето, припадноста и пресекот меѓу личното искуство и колективната историја. Живее и работи во рурална Каталонија, а неговото творештво е обликувано и од годините поминати во Њујорк, како и од подолгите престои во Баија (Бразил). Иако досега претежно работел на краткометражни документарни филмови, во моментов развива долгометражен документарец во Баија, Бразил.
Во однос на своето творештво, Марадес објасни дека не сака да снима филмови со карактери, туку неговиот пристап е поетичен и врз основа на зборови креира слики и визуализации. Во неговите филмови често се појавуваат птици. Во креацијата на филмската нарација често ги снима нештата што го опкружуваат и на тој начин креативно се изразува себеси.
Вториот мастерклас беше со Алесандро Стелино со наслов „Збогум филмски критичари, здраво навивачи“. Алесандро Стелино (1973) е филмски теоретичар, селектор и предавач. Соработувал со голем број италијански филмски списанија, а во 2011 година го основал онлајн кварталникот „filmidee“, посветен на „новата синефилија“ и киното во дигиталната ера.
Неговиот мастерклас беше темелно подготвен и исклучително интензивен. Во помалку од два часа успеа да истакне цитати од многубројни филмски автори и критичари. До тезата од насловот на мастеркласот стигна преку историски преглед на повеќе филмски генерации и значењето на филмот и филмската критика во минатите времиња.
Во однос на дилемата кој може да биде филмски критичар без двоумење рече дека тоа може да биде само човек што гледал многу филмови и што прочитал уште повеќе филмски критики, притоа откажувајќи се од многу други секојдневни работи.
– Филмската критика не постои за да го објасни филмот, туку за да поттикне интелектуална и морална расправа – истакна Стелино.
Во историскиот преглед тој посочи дека до 1980-тите години филмската критика и публиката главно биле на истата линија, а се одвојуваат во 1990-тите години, кога почнуваат да се одделуваат уметничкото и комерцијалното кино. Во однос на појавата на блокбастерите, тој рече дека „блокбастерите водат кон инфантилизација на публиката“. Во однос на новите времиња, тој рече дека филмската критика постои, но прашањето е колку таа е релевантна и потребна, бидејќи новиот милениум донесе глобално кино и нова генерација филмски автори, додавајќи дека во последните години поретко се зборува за филмот, а почесто за филмскиот маркет. Оттаму се појавува идејата за филмска критика како пропаганда што се шири преку инфлуенсерите, кои, пак, често се платени од маркетинг-кампањите на дистрибутерите на филмови.
– Вистинските филмски критичари секогаш треба да ја бараат сликата што досега не ја виделе, опстојувајќи секогаш на границата на високиот брег во потрага по нови хоризонти – рече Алесандро Стелино. С.Ј.
































