Интермецото во „Зафир“
Средбите со Анастасија на сладолед и кафе во „Зафир“, секој втора сабота приквечер (часот го договараа според температурните feelslike на мобилните, околу 18 во зима или 20 во почетокот на летото како сега), за инспекторката Весела станаа опуштачки, а потребни, како чекано подздивнување меѓу работните и куќните обврски, кога можеше да си прикажува за важните и неважните работи што им се случуваа во претходните две недели. Додека се наближуваше до „Зафир“, го забрзуваше чекорот, речиси развеселена што излегла од станот, макар за два часа.
Со Ане се знаеја уште од средношколските журки, значи речиси триесетина години, и уште тогаш им кликна дружењето, па иако после одбраа различни патеки во студирањето, во приватниот и професионалниот живот, нивното пријателување не само што траеше туку и се збогатуваше. Интересно е дека Ане, која заврши компаративна книжевност и работеше како професорка во гимназија, отсекогаш навистина сакаше да чита, а како гимназијалка, преку лето, кога кампуваа како феријалки во ист шатор, прво во Охрид, после во Макарска, таа во ранецот задолжително носеше понекој роман од Конан Дојл, Агата Кристи или Жорж Сименон. Години подоцна, кога Веси се вработи во полиција, таа беше возбудена со румени образи како тинејџерка од феријалните денови: – Супер Веси, ќе имаш толку интересна работа. Многу сум љубопитна да ми кажуваш што ќе ти се случува.
Така, во нивните, за некој од страна, неврзани разговори, секогаш се провлекуваше нешто актуелно од праксата на инспекторката.
Во „Зафир“, како обично, нарачаа по две топчиња сладолед, од боровинки и манго за Ане, темно чоколадо и страчатела за Веси.
– Како напредуваш со исчезнатиот – ја потпраша другарка ѝ, наведнувајќи се над чашката да си собере парче од нагмечениот сладолед. Веста за настанот што не ја дозна како обично од Весела, туку од зетот на сестра си, ја заинтригира уште повеќе кога дозна дека токму Веси ја презела истрагата.
– Ме копка, признавам. Сигурна сум дека е жив. Дека е тука некаде. И дека ова не го испланирал сам. Вмешани се уште некои… Иако овие денови имам итни, посериозни случаи, шверц ма емигранти, трговија со наркотици, работиме прекувремено, тимски, но Ане…, често размислувам за исчезнатиот.
– Имаш да ми кажеш нешто повеќе?
– Човекот е чист, никогаш не бил тужен, ниту за сообраќаен прекршок. Мислам… знам дека брат му не е директно поврзан, како што мислев порано. Сѐ изгледа необично, иако имам претчувство дека сум блиску до разврската.
По час и половина, откако се изнаразговараа и малку поозборуваа, кога веќе станаа од масата и тргнаа да се гушнат до следната средба, Весела слушна одблизу пријатен баритон: – Добра вечер, инспекторке.
Среде бучавата на автомобилските мотори
Инспекторката, има таа извежбано полициско око, веднаш ме препозна кога во Боемската улица ја поздравив пред онаа слаткарница со убав сладолед на аголот. Мислам дека таа и не се изненади колку што јас бев изненаден кога ја видов пријателката со која се простуваше. Тоа беше жената што ја сретнав едно утро, непосредно по исчезнувањето на комшијата, во маалската бурекчилница, и која, иако средбата беше случајна, ми остави впечаток со питомиот, едновремено занесен поглед што успеав да го дофатам во тие мигови. И сега се соочив со истиот благ поглед, во кој, дали е тоа можно во полумракот на гласната улица, почувствував некое препознавање?
Ми се чинеше неучтиво да ги задржувам подолго среде Боемската преполнета со бесконечна турканица од луѓе по кафеаните и тротоарите и автомобили што во редица брмчеа по еднонасочната улица. Некои имаа отворени прозорци, со истурена рака на возачот, низ кои ечеше прегласна музика, а девојките во куси фустанчиња или во црни блузи над папокот и црни куси панталонки што се провлекуваа низ толпата, понекогаш во од ќе одиграа по неколку чекори по тактот на напумпаните звучници од автомобилите.
А сепак оваа средба на некој начин како да ме одвои од таа бучна бркотница. Се буткав чекорејќи низ дебармаалскиот метеж, мислејќи не на инспекторката и случајот со исчезнатиот комшија, туку на таа што беше со неа, која непредвидливо ја среќавам по вторпат. Oткако се разведов, значи пред шест години, не сум мислел со ваква сосредоточеност на жена што патем сум ја видел двапати. Имав јас три (или можеби беа четири) куси врски заради секс, кои ги дегустирав на трчање што се вели, ноќе на некоја клупа во паркот или скришно кај мене, на штрек, случајно ќерка ми да не се втурне во станот. Но ова беше поинаку, ми се втисна во малиот мозок тој нејзин поглед на нејзините големи темни очи.
Кога се вратив дома го промашив клучот од станот. Место од врзопот да го одвојам вистинскиот, се обидував безуспешно да отклучам со оној од влезната врата на зградата.
(продолжува)
































