Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европска селективност во процесот на евроинтеграциите

  • Ако за десетици илјади страници европско законодавство што Црна Гора не може да ги преведе може да се најде преодно решение, логично е да се постави прашањето зошто таква креативност не се применува и за политичкиот ќор-сокак за уставните измени

Еден нов пример од проширувањето на Европската Унија што деновиве беше во фокусот на регионалните медиуми повторно ја отвора старата дилема за тоа колку навистина се флексибилни правилата на Брисел кога станува збор за земјите кандидати.
Имено, сè поизвесно е дека Црна Гора можеби нема да успее да го преведе целото европско законодавство до планираниот датум за членство во ЕУ во 2028 година. Имајќи го предвид фактот дека Европската комисија постојано повторува дека Црна Гора е пред влез во ЕУ, за да не го доведе под прашалник процесот на проширување, таа веќе разгледува резервни, односно преодни решенија.
Според „Еуронјуз“, една од опциите е Подгорица привремено да користи еден од постојните официјални јазици на Унијата, при што хрватскиот се наметнува како најочигледна можност.
Црногорските власти уверуваат дека вложиле значителни ресурси и дека ќе успеат да ги исполнат преземените обврски, но, самото тоа што ЕК веќе работи на резервни планови е доволно интересно за анализирање и од наш аспект.
Нема никаков сомнеж дека преводот на целокупното европско законодавство, односно десетици илјади правни акти, е нешто што формално е дел од подготовката за членство. Сега, кога се појавува ризик рокот да не може да се испочитува, Брисел не вели како во случајот со Македонија дека преземените обврски мора да се испочитуваат, туку бара решение. Од друга страна, нас нè упатува кон Софија, оттаму ни посочуваат на Брисел и така во недоглед.

Кога техничкиот проблем се решава креативно и прави успешен бајпас

И ова не е прв ваков случај. Имено, „Еуронјуз“ потсетува дека Малта, по влезот во ЕУ во 2004 година, добила преоден исклучок од обврската сите европски акти веднаш да бидат преведени на малтешки јазик. Заостанатите преводи требало да бидат завршени дополнително. Сличен, иако поинаков, пример постои и со Ирска.
Значи, европската практика познава ситуации во кои принципот не е „сè мора да биде завршено токму на денот на членството“, туку „целта мора да биде обезбедена, а она што објективно не може да се заврши веднаш, ќе се доврши во преоден период“.
Токму тука црногорскиот пример станува интересен и за Македонија.
Ако ЕК може да бара привремено решение за нешто што Црна Гора објективно не успева да го заврши навреме, преводот на целокупното европско законодавство, тогаш природно се поставува прашањето дали истиот принцип на флексибилност може да се примени и на политички проблем што со години го блокира македонскиот европски пат.
Македонските уставни измени со одложено дејство не би значеле дека прашањето се остава отворено засекогаш, туку напротив, тие би стапиле во сила со ратификацијата на пристапниот договор од страна на сите национални парламенти на земјите членки.
Ако условот е во Уставот да бидат внесени Бугарите и други заедници, тогаш може да се размислува за модел во кој промената би стапила во сила во моментот кога ќе бидат исполнети условите за членство. Со други зборови, обврската би постоела, но нејзиното дејство би било врзано со конечната фаза на пристапувањето, а не по пристапувањето како што сега се планира тоа со Црна Гора.

Формата или суштината на европската интеграција?

Набљудувано низ наша призма, нема никаква дилема дека тука се судираат две различни логики, правната формалност и политичката суштина.
Од една страна, Брисел може да каже дека условите се однапред утврдени и дека кандидатот мора да ги исполни онака како што се договорени. И токму тоа е позицијата што досега ја следи ЕУ во однос на Македонија: уставните измени се поврзани со отворањето на преговорите. Но, од друга страна, црногорскиот пример покажува дека европската интеграција не е секогаш процес во кој секој чекор мора да биде затворен до последниот детаљ пред да се продолжи понатаму.
Сведоци сме дека понекогаш Брисел бара мост околу проблемот за тој да не стане пречка за целокупниот процес, па така, приемот на Кипар е направен со незаокружен територијален интегритет и со нерешени меѓусоседски односи.
Затоа фрустрациите со кои се соочуваат постојано македонските граѓани околу евроинтеграциите и односот на Брисел кон земјава се одраз на овие непринципиелни политики. Ако може да има преоден механизам за преводот на европското законодавство, зошто е толку тешко да се замисли преоден механизам и за уставната промена?
Ако суштината на условот е обезбедување уставно признавање на одредени заедници, тогаш што суштински се менува ако однапред договорената промена стапи во сила непосредно пред членството наместо во моментот на отворањето на преговорите? Ниту едни права на која било малцинска заедница во земјава не се загрозени без оглед дали ги има или не во Уставот, но од друга страна, многу малцински права се загрозени и кај некои земји членки, па Брисел не реагира, туку ги остава и тие да созреваат демократски внатре во Унијата две и повеќе децении.
За волја на вистината, споредбата не е правно идентична. Преводот на европското законодавство и уставната промена се две сосема различни категории обврски, но овде прашањето не е дали тие се исти, туку дали зад европската политика стои принцип на флексибилност кога станува збор за остварување на крајната цел.
Сепак, црногорскиот случај покажува дека Брисел може да размислува за резервен план кога постои ризик една техничка обврска да го забави или да го загрози процесот.

Македонија веќе со години има политички ќор-сокак.

Затоа и не може да се избега од клучната дилема што се наметнува, дали европската интеграција треба да биде процес во кој правилата се применуваат механички, без оглед на политичките последици, или процес во кој се бараат практични решенија за да се стигне до истата заедничка цел?
Се разбира, ако целта е Македонија да стане европска демократија во која се почитуваат правата на сите заедници, тогаш вреди да се постави прашањето дали до таа цел мора да се стигне само по една можна патека.
Црна Гора можеби ќе добие време за да ги преведе европските правила. Прашањето е дали Македонија може да добие време за да го реши својот политички проблем, а притоа да не стои на евроинтегративниот пат. Впрочем, и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината неодамнешна посета на земјава, јасно кажа дека Македонија направила многу во исполнувањето на обврските од реформската агенда и е рамо до рамо со Црна Гора.
На крајот, ако европската политика сака да биде политика на проширување, тогаш мора да покаже дека знае да ја препознае разликата меѓу почитувањето на суштината и инсистирањето на формата.