Марта Кос - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европската Унија треба да ги зајакне механизмите за заштита на владеењето на правото не само во земјите кои се подготвуваат за членство, туку и во рамките на постојното членство во Унијата, порача денеска европската комесарка за проширување Марта Кос.

Говорејќи во Европскиот парламент во Стразбур, за време на размената на мислења за прегледите на политиките во пресрет на проширувањето, Кос истакна дека Европската комисија предлага заедничка рамка на заштитни механизми што би била дел од идните договори за пристапување.

Според предложената рамка, мерките би можеле да се применуваат во преоден период од најмногу 15 години доколку новите членки сериозно ги прекршат основните вредности на ЕУ. Во најсериозните случаи, мерките би можеле да опфатат и суспендирање на правото на глас.

 – Кога станува збор за владеењето на правото, треба да направиме нешто и меѓу земјите членки. Затоа предлагаме да седнеме со земјите членки и да го разгледаме членот 7 – како да се користи и како неговата примена да стане поефикасна – рече Кос.

Членот 7 од Договорот за Европската Унија му овозможува на Брисел да реагира во случаи на сериозен ризик од прекршување, како и при сериозно и трајно прекршување на основните вредности на Унијата, меѓу кои и владеењето на правото.

Кос нагласи дека следењето на владеењето на правото треба да започнува уште пред пристапувањето и да продолжи и откако земјата ќе стане членка на ЕУ. Новите членки, како што посочи, ќе бидат опфатени со целосниот пакет механизми на Унијата.

Новата рамка предвидува и засилена постепена интеграција на земјите кандидати. Тоа би им овозможило на кандидатите да учествуваат во одбрани политики на ЕУ уште пред полноправното членство, но под услов да продолжат со спроведувањето на реформите и да покажуваат напредок.

 – Постепената интеграција не е замена за членството во ЕУ. Само кандидатите кои се сериозни во намерата да станат членки ќе можат да бидат дел од оваа засилена интеграција – истакна Кос.

Европската комесарка исто така ја отфрли тезата дека процесот на проширување на ЕУ се темели исклучиво на геополитички размислувања.

 – Геополитиката го објаснува тоа зошто проширувањето е важно и зошто е приоритет. Но, принципот заснован на заслуги одредува под кои услови и кога една земја може да се приклучи – порача Кос.