Фото: Илустрација/Архива

Обезбедени се 56.000 вакцини против сезонски грип од планираните 80.000, а вакцинацијата се очекува да започне во текот на октомври, најдоцна до крајот на месецот, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски.

Тој посочи дека 30.000 вакцини треба да пристигнат во следните 10 дена, додека останатите 26.000 се очекуваат околу 15 ноември.

 – Направивме вонредни напори во соработка со одредени земји и директна комуникација со еден од европските производители и овој месец и во ноември ќе имаме обезбедено 56.000 вакцини за сезонски грип од планираните 80.000 вакцини. Од 56.000 вакцини за сезонски грип, 30.000 треба да пристигнат наредните 10 дена, а 26.000 околу 15 ноември. Количините што ќе ни бидат потребни за октомври и за ноември ќе ги имаме тука достапни – изјави Клековски.

Министерот потсети дека вообичаено вакцинацијата против сезонски грип во последните три сезони започнувала меѓу 16 и 25 октомври. Со обезбедените 56.000 вакцини, како што рече, ќе може да се започне со вакцинацијата во овој период, а најдоцна до крајот на октомври.

Клековски посочи дека во следните денови ќе се работи и на надминување на проблемот со пријавувањето за вакцинација.

 – Во однос на сезонскиот грип, исто така вчера објавивме дека во основа, поради доцнење на објавата на СЗО за соевите со кои ќе се вакцинира за сезонски грип оваа година, се доцнеше со постапките во целиот свет. Сите три соја во сезонскиот грип се нови соеви, што значи дека производителите во Европа и на другите места започнаа со задоцнето производство. Во Македонија ние повиците вообичаено ги објавуваме во периодот јуни-август, по објавување на соевите, со тоа што на овогодишниот повик не се јави ниту еден производител или дистрибутер. Значи оваа година повикот беше неуспешен и таква ситуација има во повеќе земји во регионот – рече Клековски.

Во однос на системот „Мој Термин“, Клековски појасни дека во соработка со одржувачот, модулот за пријавување за вакцинација ќе биде активиран во наредните денови. Со тоа, граѓаните ќе можат да започнат со пријавување, додека паралелно ќе продолжат подготовките за вакцинацијата, која се очекува да започне околу 25 октомври.

Во меѓувреме, Министерството за здравство работи на обезбедување на преостанатите количини до планираните 80.000 бесплатни вакцини за ризичните групи. Клековски очекува останатите дози да бидат обезбедени во периодот ноември – почетокот на декември, што, според него, сè уште е оптимален период за вакцинација.

 – Сè што ќе се вакцинира пред главната сезона во јануари и февруари на грип е во ред. Во моментот, според податоците што ги имам немаме заболени со грип. Имаме респираторни вируси кои се во моментот активни, меѓутоа нема грип. Доколку пред да почнеме со вакцинација се појави ризик од грип, ние сме подготвени со план Б, кај високоризичните групи да се применува превентивна терапија и третман за грип. Меѓутоа, очекувам дека ќе биде навреме сè тоа направено – додаде Клековски.