Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека ја потпишал согласноста за измените и дополнувањата на правилникот за боледувања, кои наскоро треба да бидат објавени во „Службен весник“ и со тоа да стапат во сила.
Клековски посочи дека измените не се однесуваат само на зајакнување на контролите, туку предвидуваат и олеснувања за различни категории пациенти.
– За подобрувањата за различни групи на пациенти нема да говорам, мислам дека Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) имаше соопштение вчера кои ќе бидат олеснувањата, за да не се стекне впечаток дека само се зголемуваат контролите – додаде Клековски.
Пред две недели, министерот објасни дека планираните измени на правилникот се подготвени врз основа на компаративни анализи и имаат цел да ги спречат злоупотребите на боледувањата.
Клековски тогаш посочи дека намалувањето на периодот во кој матичниот лекар може да отвори боледување од седум на пет дена не го смета за казна за граѓаните. Според него, постои зголемен број боледувања што се издаваат по телефон, поради што пет дена се доволен период за ваков тип боледување.
Од Фондот за здравствено осигурување, пак, појаснуваат дека предложените измени не го скратуваат правото на боледување, туку само го менуваат моментот од кој се применуваат медицинските критериуми за негово продолжување.
Директорот на ФЗО, Златко Перински, нагласи дека петтиот ден не претставува максимално времетраење на боледувањето.
– Прво, не кратиме ниту еден ден боледување. Тоа е најважното нешто што граѓаните треба да го знаат“, вели Перински.
Тој објаснува дека доколку постои медицинска потреба, боледувањето може да трае 10, 20, 30 дена или подолго. По петтиот ден, доколку боледувањето продолжува, ќе се применуваат дополнителни медицински критериуми.
– Правото на боледување не се скратува, а матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена. За период подолг од 15 дена, како и досега, одлучува лекарската комисија на Фондот – посочува Перински.
Со измените, надлежните очекуваат да се намалат можностите за злоупотреба на боледувањата, додека правото на боледување за пациентите, според ФЗО, останува непроменето.
































