Фото: Пиксабеј

Економскиот раст на Западен Балкан се очекува да забрза од 2,6 отсто во 2025 година на 3,1 отсто во 2026 година, а во 2027 година да достигне 3,4 отсто и да се задржи на тоа ниво и во 2028 година. Растот ќе биде поттикнат од потрошувачката и инвестициите, но за отворање поквалитетни работни места потребни се поефикасни регулативи и намалување на трговските бариери, се наведува во најновиот Редовен економски извештај за Западен Балкан на Светската банка.

Проекциите се однесуваат на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. Според извештајот, регионот покажува отпорност во услови на зголемена геополитичка неизвесност и забавен раст кај клучните трговски партнери, но економската стабилност сама по себе не е доволна за побрзо приближување кон приходите во Европската унија.

– Во време на зголемена геополитичка неизвесност и слаб раст меѓу клучните трговски партнери, Западен Балкан повторно покажа економска отпорност. Но, само издржливоста не е доволна за регионот да се приближи кон просечните приходи на Европската унија или да создаде квалитетни работни места што им се потребни на луѓето. Работните места доаѓаат од динамичните приватни сектори, а следната фаза на раст бара ефикасна, предвидлива регулација и отстранување на трговските бариери, не само на границата туку и зад неа – изјави Сјаоќинг Ју, директор на Светската банка за Западен Балкан.

Во извештајот се посочува дека либерализацијата на царините придонела за висока интегрираност на регионот во глобалната трговија. Трговијата со стоки и услуги во 2025 година достигнала 107 отсто од регионалниот бруто-домашен производ, над просекот на Европската унија од 90 отсто. Во истиот период, извозот на услуги се зголемил четирикратно во споредба со 2010 година.

Сепак, остануваат значителни трошоци поврзани со нетарифните пречки. Просечните царини за увезените стоки изнесуваат околу шест отсто, додека нетарифните мерки додаваат дополнителни 10 отсто трошоци за увоз. Во некои агропрехранбени сектори тие надминуваат 20 отсто. Ограничувањата во прекуграничната трговија со услуги се проценуваат на дополнителни 29 отсто трошоци.

Според симулациите во извештајот, отстранувањето на половина од преостанатите пречки за увоз би можело да го зголеми регионалниот БДП до 12,5 отсто на среден рок. Меѓу пречките се наведуваат сложените процедури за лиценцирање и овластување, повторените инспекции, постапките за сертификација и барањата за локално присуство.

Високите трошоци за увоз истовремено им го отежнуваат извозот на компаниите и нивното задржување на меѓународните пазари. Само околу една третина од новите извозни активности на компаниите во Западен Балкан опстојуваат во првата година, додека само од еден до четири отсто достигнуваат до петтата година.

Ова има значење и за вработувањето, бидејќи трговските компании вработуваат голем дел од производствените работници во регионот. Според извештајот, тие вообичаено се поголеми и нудат повисоки плати од компаниите што се насочени исклучиво кон домашниот пазар.

Светската банка оценува дека реформите треба да се насочат кон подобра регулација, а не само кон намалување на бројот на правила. Како приоритети се наведуваат поедноставувањето и дигитализацијата на административните постапки, инспекциите засновани на процена на ризик, меѓусебното признавање на усогласените стандарди и квалификации, како и задржувањето на заштитните мерки што служат за остварување легитимни јавни цели.