Обвинителството за организиран криминал на Србија отворило предмети по две кривични пријави против амбасадорот во Словачка, Александар Накиќ, и амбасадорот во САД, Драган Шутановац, поради сомневања за злоупотреба на службената положба и повреда на избирачкото право.
Според соопштението на обвинителството, доставени се уште 13 кривични пријави против повеќе српски амбасадори, кои се однесуваат на сомневања за злоупотреба на службената положба, повреда на избирачкото право и спречување на одржувањето на гласањето.
Кривични пријави биле поднесени и против српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ, началникот на Одделението за безбедност во Генералниот секретаријат на Министерството за надворешни работи, Веско Радовиќ, како и вршителот на должноста генерален секретар во Министерството, Душан Козарев.
На 20 октомври, обвинителството испратило барања до Министерството за надворешни работи и Републичката изборна комисија за доставување информации потребни за постапувањето по пријавите.
-Веднаш по приемот на наведените кривични пријави, надлежниот јавен обвинител за организиран криминал презеде итни мерки за собирање информации и побара проверки од Министерството за внатрешни работи – Службата за борба против организираниот криминал – се наведува во соопштението.
Пријавите се однесуваат на наводни неправилности поврзани со гласањето на српските државјани во странство. Според доставените информации, на 25 октомври во Србија се одржале предвремени парламентарни избори.
Гласањето во странство се спроведувало на 93 избирачки места, при што граѓаните морале да гласаат според времето во Србија, без оглед на тоа каде се наоѓале. И покрај рекордниот број пријавени гласачи во странство, речиси трипати поголем во споредба со претходните избори, не биле отворени избирачки места во десетици градови.
Меѓу нив биле Букурешт, Софија, Солун, Ванкувер, Грац и Истанбул, каде што српските државјани претходно имале можност да гласаат. Поради тоа, дел од гласачите морале да патуваат стотици, а во одредени случаи и повеќе од илјада километри за да го остварат избирачкото право.
































