Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан предупреди дека воените дејствија на САД во регионот на Персискиот Залив го нарушуваат глобалното снабдување со енергенти, транспортот и формирањето на цените, со можни сериозни последици за светската економија. Тој ова го изјави на самитот на земјите извознички на гас во Москва, пренесе ДПА.
– Денеска, воените интервенции на САД во регионот на Персискиот Залив не влијаат само врз регионалните актери, туку и го нарушуваат формирањето на цените, снабдувањето со енергенти и нивниот транспорт, предизвикувајќи сериозни потреси – рече Пезешкијан.
На економскиот форум во Москва се обрати и рускиот претседател Владимир Путин, кој ги критикуваше санкциите насочени кон иранскиот енергетски сектор. Според него, санкциите имаат исклучително штетни последици за сите, вклучително и за производителите и потрошувачите. Путин повика и на прекин на конфликтите, пренесе ДПА, повикувајќи се на руски медиуми.
Во изминатите недели повторно се зголемија стравувањата од обновување на отворените воени дејствија меѓу САД и Израел, од една страна, и Иран, од друга. Неколку земји, меѓу кои и Русија, се обидуваат да посредуваат меѓу Техеран и Вашингтон. Минатата недела, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров престојуваше во посета на Техеран.
– Москва е важен сојузник на Техеран, кој со години настојува да набави модерни борбени авиони и системи за противвоздушна одбрана од Русија. Сепак, можностите на Москва да му обезбеди воена помош на Иран се ограничени поради војната во Украина – наведува ДПА.

































