Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека е добиена официјална потврда за одржување билатерална средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова, која ќе се одржи утре во Софија.
Средбата ќе се одржи во рамки на меѓународната министерска конференција посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8. Според Мицкоски, форматот и начинот на одржување на средбата дополнително ќе бидат утврдени преку дипломатски ноти.
– Во текот на вчерашниот ден добивме официјална потврда за билатерална средба, а форматот и начинот дополнително ќе бидат договорени, стои во дипломатската нота. Така што утре ќе има билатерална средба, ќе видиме во кој формат и како ќе изгледа таа средба, дали ќе биде pull-aside, дали ќе биде билатерална на маргините на Самитот за Коридорот 8. Сепак, ова е мултилатерален настан, да видиме како тоа домаќинот ќе го организира – истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на новата детска градинка „8 Април“ во Општина Шуто Оризари, пренесе МИА.
Во однос на пораките што треба да бидат испратени на средбата, премиерот нагласи дека во фокусот ќе биде потребата од дијалог за надминување на актуелната состојба во односите меѓу двете земји.
– Нашите пораките се јасни, дека само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба во којашто во моментот се наоѓаме, дека ние сме за добрососедски односи и ние сакаме што побргу да ја реализираме нашата стратешка цел, да бидеме дел од Европската Унија, нешто што многу одамна го заслуживме – истакна Мицкоски.
Во однос на пораката од претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која повика повторно да се разгледа европската политика на проширување и проблемот да не се претставува исклучиво како билатерално прашање, Мицкоски рече дека добро ги познава европските вредности, но оти смета дека дел од земјите членки ги заборавиле по нивното интегрирање во ЕУ.
– Благодарам на советот. Јас во својата младост поминав многу години во самата Европска Унија и мене ми е многу јасна Европската Унија, јасни ми се вредностите на Аденауер, Шуман и Де Гаспери. Но, претпоставувам некои од земјите членки коишто се удобни во фотелјите во Брисел ги заборавија откако станаа земји членки – истакна Мицкоски.
































