Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му определи мерки за претпазливост на П.В., виш јавен обвинител од Битола, осомничен за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.
Од Кривичниот суд информираат дека одлуката е донесена по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, откако осомничениот бил сослушан во присуство на неговиот бранител.
На П.В. му се определени одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности.
Од Судот појаснуваат дека, со оглед на тоа што судот не може да определи построга мерка од онаа што ја предложил јавниот обвинител, го прифатил предлогот на ОЈО ГОКК.
Против решението странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.
Претходно, МВР соопшти дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднел кривична пријава до ОЈО ГОКК против П.В. (61) од Прилеп, поради постоење основано сомнение дека го сторил кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Според МВР, П.В., во својство на виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Битола, во повеќе наврати влијаел врз одлуките на други јавни обвинители со цел изрекување поблаги казни за сторителите.
– П.В. во функција на виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Битола во повеќе наврати влијаел при донесувањето на одлуките од страна на други јавни обвинители, со цел изрекување на поблаги казни за сторителите – информираа од МВР.
Во рамки на истрагата, со цел прибирање дополнителни докази и пронаоѓање предмети, бил извршен претрес во неговиот дом во Прилеп, како и во службените простории што ги користи.
При претресите, според МВР, биле пронајдени и одземени шест мобилни телефони, едно УСБ и еден персонален компјутер.
































