Меѓународниот Aеродром Скопје и Aеродромот Св. Апостол Павле Охрид, со кои управува ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми членка на групацијата АДП, во првите девет месеци од 2026 година опслужиле 3,3 милиони патници (3.331.685), што претставува зголемување од 29% во споредба со истиот период во 2025 година, информираат оттаму.
Истовремено, бројот на летови во периодот од јануари до септември достигнал вкупно 22.147, што е зголемување од 10% во споредба со минатата година.
-Резултатите постигнати во првите девет месеци од 2026 година се силна потврда за позитивниот тренд во македонската авијација, при што вкупниот број на патници достигна 3,3 милиони, што претставува годишен пораст од 29%. Овој пораст се одрази и на ранг-листата на ACI-Europe според која Северна Македонија во август беше рангирана како втор најбрзо растечки авијациски пазар во Европа. Би сакал искрено да им се заблагодарам на вработените на аеродромите за нивниот професионализам, напорна работа и посветеност, како и на Владата, авиокомпаниите како наши партнери и сите засегнати страни кои придонесуваат кон континуираниот пораст на македонскиот авијациски сектор. Очекуваме овој позитивен тренд на импресивен двоцифрен пораст на авиосообраќајот да продолжи, но нашата амбиција оди подалеку од порастот на бројот на патници. Посветени сме на комбинирање на одржливиот пораст со извонредноста во квалитетот на услугите и искуството на патниците, со цел македонските аеродроми да продолжат да ги исполнуваат највисоките меѓународни стандарди – вели Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија.
Според статистиката на ТАВ Македонија, Меѓународниот Аеродром Скопје опслужил 3.065.692 патници во периодот јануари-септември (пораст од 29,07%) и 20.081 летови (пораст од 8,46%), додека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид опслужи 265.993 патници (пораст од 26,76%) и 2.066 лета (пораст од 27,06%) на годишно ниво.
Петте најфрекфентни дестинации според патничкиот авиосообраќај од аеродромот во главниот град на Македонија се: Истанбул со 13,5% удел на пазарот (вклучувајќи ги двата аеродрома – ИГА и Сабиха Ѓокчен); Базел-Милуз со 4,4%; Минхен со 4,1%; Дортмунд со 4%; и Цирих со 3,8% удел на пазарот.
Во тековниот летен распоред на летови за 2026 година, кој започна на 29 март и ќе трае до крајот на октомври, 15 авиокомпании летаат до 54 редовни дестинации, а 7 авиокомпании опслужуваат 24 чартер-дестинации од и до аеродромот во Скопје; истовремено, од аеродромот во Охрид, 8 авиокомпании летаат до 17 дестинации (14 редовни/сезонски и 3 чартер-авиолинии).
Со почетокот на летниот распоред на летови, оваа година беа воведени десет нови дестинации од аеродромите во Скопје и Охрид. Тоа се: Неапол, Будимпешта, Палермо, Алгеро, Трабзон и Самсун од Меѓународниот Аеродром Скопје, како и Милано, Виена, Вроцлав и Катовице од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид.
Континуираниот пораст на патничкиот авиосообраќај на македонските аеродроми е потврден и со најновиот извештај за воздушниот сообраќај на Меѓународниот Совет на Аеродроми – Европа (Airports Council International-Europe) за август 2026 година.
ACI-Europe ги рангираше македонските аеродроми како втор најбрзо растечки авијациски пазар во Европа.
































